Достапни линкови

Европските избори ќе влијаат и врз македонската иднина


Седница на Европскиот парламент
Седница на Европскиот парламент

Новиот состав на Европскиот парламент ќе влијае врз македонските евроинтеграции, предупредуваат експертите. Дали земјава ќе го добие саканиот датум и со каква брзина ќе ги отвора поглавјата ќе зависи и од тоа која коалиција на партии ќе раководи со оваа европска институција

Тешка битка меѓу популистите и националистите кои се евроскептици и социјалдемократите, крајната левица и либералите кои пак се понаклонети кон проширување на Европската Унија. Од тоа каков ќе биде исходот на изборите за европските пратеници, ќе зависи и македонскиот евроатлански пат, велат упатените додавајќи дека Европскиот парламент учествува во изборот на останатите институции на Унијата и на тој начин ја моделира политиката која ќе ја води Унијата.

„Доколку во парламентот предоминираат силите кои сe скептични во проширувањето, тоа ќе се одрази негативно на самата политика на проширување, a со тоа и на нашата земја. Идниот состав на парламентот ќе треба да ја избере новата комисија, новите комесари и секогаш комисијата којашто е главен двигател на процесот на проширување, ќе мора да ги земе предвид ставовите како на земјите членки, така и на самиот парламент,“ вели Симонида Кацарска, извршен директор на Институтот за европска политика.

Сличен став дели и поранешниот амбасадор Мухамед Халили според кој најнепожелно сценарио за нашата земја е да победи крајната десница, која според предвидувањата, има добри шанси да го освои мнозинството во парламентот.

„Нивната платформа е против миграциите и проширувањето на ЕУ, односно имаат националистичка платформа. Сепак не во сите земји тие имаат добра поддршка. Но, тука се Унгарија, Велика Британија, Франција и Холандија, каде што на пример долги години таму десничарските сили се во подем. Во Холандија тоа е партијата на Герт Вилдерс, а во Франција партијата на Мари ле Пен. И токму тоа е доволно за Македонија да стагнира, зошто овие две земји моментално се најгласни против нашето зачленување во Унијата, со објаснување дека треба да се зајакне европскиот суверенитет“, вели Мухамед Халили.

Во меѓувреме, според анкетите на јавното мислење кои беа направени во предизборниот период, опаѓа трендот на популарноста на социјалдемократите, а расте рејтингот на конзервативните партии. Партијата на Зелените во анкетите кои се однесуваат на популарноста на национално ниво со месеци се наоѓа во подем , а левицата и либералите, исто така, се надеваат дека ќе успејат да ги подобрат своите шанси. Според анкетите, двете партии може да очекуваат околу 6 до 8 отсто од гласовите на изборите во мај. Десничарски популисти од „Алтернатива за Германија" пак, според анкетите можат да се надеваат на околу 10 отсто од гласовите.

„Предвидувањето е многу тешко, бидејќи многу малку луѓе гласаат на овие избори, во просек околу 20 проценти. Она што се очекува е дека традиционалните партии Европската народна партија и Социјалистите нема да имаат толкав број на пратеници наспроти порастот на популистите, како на крајната левица, така и на крајната десница. Исто така се очекува пораст на либералите и Зелената партија кои се понаклонети кон проширувањето. Она што е важно за нас е кој ќе ја направи таа голема коалиција којашто ќе доминира, но тоа е се уште многу тешко да се предвиди“, вели Кацарска.

Инаку, изборите за Европскиот парламент се слободни и директни, на нив граѓаните на ЕУ гласаат тајно. Само во пет земји од ЕУ избирачите се обврзани со закон да учествуваат на изборите за Европскиот парламент: Белгија, Бугарија, Грција, Кипар и Луксембург. По првите избори за Европскиот парламент во 1979 година, бројот на националните политички партии претставени во него се зголемил од 57 на 212 денес.

Унгарија и Полска не се земјите со најниска доверба на граѓаните во Унијата, туку двете основачки земји Франција и Италија. Истражувањето на Евробарометар во 2018 година покажало дека само една третина од испитаниците во овие две земји одговориле дека „имаат доверба” во ЕУ. Слична е ситуацијата и во Чешка и Велика Британија, која се подготвува да ја напушти ЕУ. Најмала е довербата во Грција, која беше погодена од финансиска и миграциска криза во ЕУ. Најсилна доверба е констатирана во Литванија, Данска и Шведска, каде што речиси две третини од граѓаните имаат доверба во ЕУ.

Во речиси сите земји членки граѓаните ја посочуваат имиграцијата како најважен проблем, кој е пред ЕУ, покажува истражувањето на Евробарометар. Постојат само два исклучоци: во Шведска проблем број еден се климатските промени, а во Португалија, тероризмот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG