Достапни линкови

Хероите на новото време подаруваат компјутери и училишен прибор


Акција за донација на училишен прибор на ученици од семејства од ранливи категории спроведена од „Ways2Help“ и „Вистински дела на љубезност“.
Акција за донација на училишен прибор на ученици од семејства од ранливи категории спроведена од „Ways2Help“ и „Вистински дела на љубезност“.

Онлајн наставата која настана како производ на пандемијата со ковид-19 отвори и нови потреби. Но не секој може да си дозволи да им обезбеди компјутер на своите деца, па затоа поединци и организации, организираат акции и донираат компјутери и школски прибор за оние кои не можат да си купат.

„Ти си нашиот супермен, продолжи ја својата мисија и усреќи ги сите деца“, вели девојче во видео порака посветена на Борче Стаменов, иницијатор на акцијата „Донирај компјутер“.

Стаменов за четири години оспособил 321 компјутер, кои потоа ги подарил на семејства што немаат. Компјутерите му ги донираат луѓе и фирми, а преку социјалните мрежи Стаменов ги наоѓа нивните нови сопственици.

„Исполнува оваа акција што ја правам. Дечињата кои добиле компјутер ми праќаат слики сликани со целото семејство, со компјутерот, ми испраќаат нацртани цртежи. Убаво е“, вели Стаменов во разговор за Радио Слободна Европа.

Цртеж како благодарница до Борче Стаменов за донираниот компјутер.
Цртеж како благодарница до Борче Стаменов за донираниот компјутер.

Тој работи во фирма што се занимава со информатичка технологија. Пред четири години самохрана мајка на три деца му побарала доколку има стар компјутер да и го подари, оти децата немале компјутер и оттаму тргнала работата.

„Тоа беше нешто како почеток, немав намера да продолжам, но кога видов дека навистина има потреба и дека има луѓе што не можат да си дозволат да им купат компјутер на децата, тргна работата“, вели Стаменов.

Донирани компјутери, кои потоа Стаменов ги оспособува и ги донира.
Донирани компјутери, кои потоа Стаменов ги оспособува и ги донира.

Училишни торби, ранци, тетратки, боички, блокчиња, а од пред некои време и компјутер се неопходните училишни помагала за следење на настава. Училишната година се уште не започнала, но подготовките траат. Но не секој може да си дозволи да ги набави неопходните работи за следење на настава.

„Ways2Help“ e платформата која ги поврзува добротворните организации и луѓето кои имаат потреба од помош. Преку оваа платформа се спроведува акција за донација на училишен прибор за деца од социјална ранливи семејства. Моника Ризовска, коосновач на оваа платформа вели дека заедно со неформалната група „Вистински дела на љубезност“ на 62 деца им подариле ранчиња со школски прибор, а обезбедиле и компјутери и интернет за да може ученици да следат настава.

„Сето тоа функционираше врз база на споделување и добра волја на сограѓаните. Да бидам искрена, се изненадивме од одѕивот на таа акција. Ни се јавија многу луѓе со желба да помогнат. Некои донесоа дури и облека и конзервирана храна“, вели Ризовска.

Таа додава дека постојано расте бројот на членки на платформата, а имаат и луѓе од странство кои донираат и се приклучуваат на нивните акции. Ризовска раскажува за акцијата со која му помогнале на шестооделенецот Јован и на неговиот татко, кои, како што вели, живеат во навистина многу лоши услови.

„Луѓе од странство донираа нов лаптоп за Јован. Мајката на Јован неодамна почина од гангрена, тој поради лоша операција на колковите накривнува, татко му бидејќи не е оспособен за работа во моментов собира пластични шишиња и е социјален случај. За таа акција вчудоневидени сме колку луѓе се појавија, изразија желба да помогнат, да споделат во најмала рака информација до оние кои може да помогнат, тоа дава надеж дека условите можеби се вакви но постојат добри луѓе, кои се желни да помогнат“, вели Ризовска.

Ученикот Јован за кој беше спроведена донаторска акција.
Ученикот Јован за кој беше спроведена донаторска акција.

Филипче – На училиштата во Скопје нема да им се дозволи да имаат физичка настава за повисоките одделенија

Стартот на училишната година поради пандемијата со ковид 19 е одложен за еден месец и наместо на 1 септември ќе започне на 1 октомври, а наставата за да се заштити здравјето на учениците ќе биде комбинирана, дел со присуство во училиште, а дел и онлајн. Минатата учебна година заврши со онлајн настава, оти со појава на пандемијата, на почетокот на март со одлука на владата без затворени градинките, училиштата и факултетите, а наставата се одвиваше на далечина.

Училиштата имаат време до 15 септември да кажат колку од учениците ќе следат настава во физичко присуство во училиште, а колку онлајн. Според првичните најави, учениците од прво, второ и трето одделение, за кои родителите ќе дадат дозвола, ќе следат настава со физичко присуство, за другите ќе има онлајн настава. Но потоа министерката за образование Мила Царовска изјави дека учебната година може да почне со комбиниран модел и секаде каде што се исполнети условите од здравствените протоколи наставата ќе се реализира со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата.

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела вели дека само училиштата кои имаат мал број на ученици може да добијат дозвола да изведуваат настава со физичко присуство од октомври.

„Доколку училиште во Скопје сака да направи исклучок и аплицира да добие дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение на почетокот на октомври нема да го дозволиме тоа“, вели Филипче за Радио Слободна Европа.

Десет проценти од учениците немаат пристап до компјутер

Тие ученици кои ќе следат онлајн настава треба да имаат компјутери или други смарт уреди, како и интернет конекција преку кои ќе може да следат настава. Но, околу 10 проценти од учениците можеби ќе немаат пристап до компјутер, вели министерката за образование Мила Царовска.

„Најсреќна ќе бев сите деца да имаа компјутери и да имаа напречен пристап до интернет и до сите ИТ уреди, но ситуацијата кога ја гледаме е дека некои од децата или десетина проценти од вкупниот број ученици можеби ќе немаат пристап, иако велам смарт телефоните стојат на располагање, платформата може да работи на нив“, вели Царовска.

Во земјава има околу 260 илјади ученици во основно и во средно образование. Ако околу 10 отсто од нив немаат компјутер, тоа би значело дека станува збор за околу 26 илјади ученици. Царовска очекува во второто полугодие од учебната година сите да имаат компјутер, но во првото ќе немаат.

„Најсреќна ќе бев да имаше компјутери, но ги нема, и да почне набавката сега, се подготвуваме, се прават анализи за да во второто полугодие обезбедиме ИТ уреди и за овие деца што ќе ги поседуваат училиштата и ќе ги даваат на користење на учениците, но сега во моментот со она што располагаме даваме максимален напор да се спроведе квалитетно наставата“, вели министерката Царовска.

Ковид-19 ја зголеми побарувачката за донирани компјутери

Иницијаторот на акцијата „Донирај компјутер Борче Стаменов вели дека со појавата на пандемијата на ковид 19 и со тоа што децата мораа да следат онлајн настава се зголемила и побарувачката за донирани компјутери.

„Првите 100 компјутери ги донирав за две години, последните 220 компјутери се дадени за неполна година, од октомври мината година до сега. Откако почна кризата со коронавирусот имаше доста зголемен интерес, луѓето бараа, колку можев одговарав на барањата. Донации примам постојано од фирми, од физички лица, од институции, од секаде буквално“, вели Стаменов.

Платформата „Ways2Hlep“ започна со работа за време на ковид-кризата. Започнале со акција за помош во храна и хигиенски производи за луѓето кои поради пандемијата останале без работа. Следна акција ќе им биде „плати сметка“ за лица кои немаат пари да си платат, а со своите партнери ќе обезбедуваат и компјутери за ученици за да може да следат онлајн настава.

„Увидовме на терен дека многу семејства немаат струја, па ова ќе ни биде наредна активност „плати сметка“ за да обезбедиме на дел од семејствата барем тие услови да им бидат обезбедени пред да започне зимскиот период“, вели Моника Ризовска, коосновач на платформата „Ways2Help“ .

Волонтери на Ways2Help
Волонтери на Ways2Help

Печатени материјали за тие кои немаат компјутер и не можат да следат настава во живо

Минатата учебна година Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за труд и социјала и со поддршка од Македонски телеком обезбеди ваучери за бесплатен интернет до крајот на учебната година за над 32.000 ученици, а воедно со помош од локалните самоуправи и бизнис секторот, во форма на донација беа обезбедени ИТ уреди за многу од децата кои во своите домови не поседуваа ниту еден уред како би следеле онлајн настава, велат од Министерството за образование и наука (МОН) за Радио Слободна Европа.

Од МОН велат дека оваа поддршка ќе продолжи и во новата учебна година, за да се обезбеди еднаков пристап до образование за сите.

„Во моментов се прибираат и обработуваат податоците од сите училишта во врска со тоа колку од учениците поседуваат ИТ уреди во своите домови за следење на настава од далечина, по што, откако ќе имаме конечна бројка ќе биде подготвен план како да им се излезе во пресрет на истите. Секако во Планот е предвидено децата коишто немаат уреди да им се даде можност наставата да ја следат со физичко присуство во училниците, а за децата чии родители ќе изберат настава на далечина, ќе им се обезбедат печатени материјали“, одговорија од Министерството за образование на прашање на Радио Слободна Европа.

Начинот на кој ќе се одвива наставата не е конечен и зависи од епидемиолошката слика во општината каде е училиштето и доколку има повеќе заразени со ковид-19, тогаш наставата со физичко присуство ќе се промени во онлајн настава. Досега повеќе од 14.600 илјади луѓе во земјава се дијагностицирани со ковид-19, од нив повеќе од 600 починаа, над 11.700 оздравеле, а над 2200 случаи се уште се активни. Од 31 регионален Центар за јавно здравје, податоците покажуваат дека во две општини во изминатите две недели нема ни еден случај на заразени со ковид-19, во шест града има едноцифрен број случаи, а во уште петнаесетина општини има мал број на случаи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG