Достапни линкови

Двојна битка – против ривалот и за цензусот од 40 проценти


Сиљановска-Давкова ги повикува и разочараните од СДСМ и оние од Шарената револуција и од Бојкотирам, а Пендаровски смета дека ако противкандидатката биде на власт, ќе влече потези кои се рецепт за конфликт.

Второто полувреме од предизборната кампања почна со веќе примени и сфатени пораки од првото, барем така велат учесниците во него. Како и да е, политичката битка сега не е само против конкурентот од спротивниот табор, туку и за исполнување на цензусот од 40 проценти излезност, а со тоа и за лов по гласовите на оние што во првиот круг се определија за Блерим Река, но и на неопределените и тие што не излегоа на гласачките места.

Во таа насока е и најавата на Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатка на опозициската коалиција, дека ќе ги повика и разочараните од СДСМ, оние од Шарената револуција, а оти имала дијалог и со луѓе од движењето Бојкотирам.

„Дијалогот е најдобриот лек. Јас веќе имав еден успешен дијалог во Штип, каде што по моето обраќање ми пријдоа луѓе од „Бојкотирам“ со кои разговарав. Им објаснив дека од улица, од надвор ништо не може да се смени, дека процедурата е гаранција за демократијата и дека процедурата може да живее само во рамките на институциите“, рече Сиљановска-Давкова.

Главната порака на кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски на средбите со граѓаните и натаму е дека единствениот начин за одење напред е интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, односно спроведување на Преспанскиот договор. Тој предупредува што би се случило доколку тој не биде избран за претседател.

„Госпоѓата Сиљановска е против Рамковниот договор. Госпоѓата Сиљановска е против Законот за јазици. Госпоѓата Сиљановска е против Преспанскиот договор. Замислете ако тие имаат шанса да бидат на власт, што ќе биде нивната прва одлука. Значи, укинување на Преспанскиот договор и укинување на Законот за јазици и тоа е рецепт за конфликт“, нагласи Пендаровски.

Да се вратиме на почетокот на текстов, каде што спомнавме дека се примени пораки од првиот круг. Тоа го истакнува и претседателот на СДСМ Зоран Заев на митинзите.

„Пораката е дека има незадоволство. Има незадоволство од функционери од централната и од локалната власт и таа порака еве јас, прв меѓу еднаквите, ја примив. И не само што ја примив, им возвраќам- секако дека ќе има чистки и секако дека ќе расчистиме“, изјави Заев.

​По овие најави, многу градоначалници кои најверојатно си мислеле дека „мувата им е на капата“, ги интензивираа активностите за чистење на градовите, почнаа „козметички“ поправки на улиците итн., па се добива впечаток дека се наближуваат локални избори.

Мал „хендикеп“ за разработените партиски машинерии се велигденските и првомајските празници, кога граѓаните секако имаат попаметна работа отколку да ги следат нивните предизборни агитирања.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG