Достапни линкови

ОБСЕ/ОДИХР: Добро спроведени избори, слабо изборно законодавство


Серин Моборн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ
Серин Моборн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ

Претседателските избори во Северна Македонија беа спроведени добро, а изборниот ден беше мирен, уреден и транспарентен. Сепак, сѐ уште има голема потреба од широка изборна реформа, заклучија меѓународните набљудувачи во првичните наоди и заклучоци

Изборите беа мирни, генерално добро организирани и покажаа дека може да се изнајде политичка волја за одржување демократски избори. Овој е главниот заклучок на меѓународната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР и делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Но, покрај добрите оценки, препораките за потребата од надминување на слабостите во законската реформа во оваа област и понатаму остануваат.

„Изборите се спроведоа непречено и тоа покажува колку може да се постигне кога постои вистинска политичка волја. Се надевам дека и националните власти и политичките партии ќе продолжат да работат во овој дух. Изборните реформи кои ОДИХР претходно ги препорачуваше треба да се завршат, со акцент на транспарентноста и отчетноста за финансирањето на кампањите“, изјави Корин Јонкер, шефица на набљудувачката мисија на изборите на ОДИХР.

Со ваквата оценка се согласува и Серин Моборн, специјалната координаторка и предводничка на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

„Овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина. Искрено се надевам дека по изборите ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно ќе се решат долгорочните предизвици“, рече Моборн.

Шефицата на делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Мари Кристин-Дало изрази жалење за нискиот одзив на изборите.

„Делегацијата жали што излезноста беше мала за претседателските избори. Зрело функционирање на политичкиот систем и реформа на изборната легислатива повторно ќе ги заинтересира граѓаните и ќе обезбеди нивно активно учество во изборот на шефот на државата. Парламентарното собрание на Советот на Европа и Венецијанската комисија се подготвени да им помогнат на властите во Северна Македонија во спроведување на реформите“, изјави Дало.

Според меѓународните набљудувачи кампањата се одвивала во мирна атмосфера, со почитување на основните слободи. После неколку извештаи во кои главната забелешка беше тоа што не се прави дистинкција меѓу држава и партија, овојпат набљудувачите забележаа дека : државните претставници внимаваа да ја задржат јасната одвоеност меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење на државните ресурси во кампањата.

Шефот на парламентарната делегација на ОБСЕ, Рајнхолд Лопатка забележа дека во кампањата можеле да се слушнат дебати за суштински проблеми и визиите на кандидатите за иднината на Северна Македонија.

„Сите тројца кандидати јасно се залагаа за понатамошна европска интеграција. Која иднина и да ја изберат луѓето овде, демократските избори ќе бидат суштински“, рече Лопатка.

Според меѓународните набљудувачи транспарентноста и ефикасноста на ДИК била отежната од технички неисправности на наивните информациски и комуникациски системи, што предизвикало сомнеж за безбедноста на информациската технологија.

Мониторингот на медиумите од страна на ОДИХР покажал дека во целина медиумите непристрасно известувале и презентирале разновидни информации за кандидатите и политичките партии. И јавниот сервис и другите радиодифузери опсежно и главно неутрално, ја покривале кампањата, додека пак на он лајн и печатените медиуми понекогаш им недостигал баланс во известувањето.

Главните забелешки се однесуваат на законската рамка. Како што беше наведено на прес конференцијата изборниот закон дозволува демократски услови, но не е скроен за потребите на претседателската трка, па поради отсуство на јасни правила, делови од кампањата се спроведувале врз основа на меѓупартиски договори.

„Недоволното воедначено известување за потрошувачката на кандидатите, регулирањето на кампањските активности на трети лица и известувањето од страна на политичките партии кои ги поддржуваа кандидатите ја намали и транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот“, се вели во прелиминарниот извештај на меѓународната набљудувачка мисија.

Шефицата на мисијата на ОДИХР посочи дека Државниот завод за ревизија треба да изврши ревизија на конечните извештаи за финансирањето на кампањите, кои треба да се поднесат во рок од 4 месеци од изборите(иако препораките на Венецијанската комисија се дека извештаите треба да се поднесат не подолго од 30 дена по изборите), но дека делокругот на ревизијата е ограничен на приходите и расходите што ги пријавиле кандидатите. Затоа потенцираше дека регулаторните пропусти и ограничените овластувања и ресурси на вклучените институции, ја намалуваат транспарентноста на финансирањето на кампањите и делотворноста на надзорот.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР останува во земјава и ќе го следи и вториот круг од претседателските и делумните локални избори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG