Рамковниот договор донесе мир, Албанци се вработија во јавната администрација за да се постигне правична застапеност, се донесе Закон за употреба на јазиците, ДУИ, како политички наследник на едната завојувана страна е 17 години дел од власта, претседател на Собранието е Албанец, но не се оствари предизборното ветување на партијата и премиерот да биде Албанец, па затоа се креираше нова функција - прв вицепремиер.
Ниедна политичка партија потписничка на Охридскиот договор не поседува примерок од договорот, примерок немало ниту кај Претседателот на држава, ниту во Државниот архив. Еден примерот останал кај Илир Љума од Тетово, кој пред 20 години бил асистент на потпишувањето на договорот. Тој тогаш бил член на ПДП, најстарата партија на Албанците во Македонија. По распадот на партијата, Љума го земал документот од канцеларијата на ПДП и документот го чувал дома. Неодамна документот беше предаден на Државниот архив.
Придобивките од Договорот
Љума за РСЕ вели дека најбитен елемент од Договорот е употребата на албанскиот јазик, односно на јазикот што го зборува 20 отсто од населението, а е различен од македонскиот. За ова имаше и уставни измени и сега ,според Устав, албанскиот е втор официјален јазик во државата. Втор битен елемент, според Љума, е пропорционалната застапеност на другите националности при вработување во институциите.
„Овие две работи се многу битни, како што е битно и регулирањето на соодносот на полициските сили во одредени општини, согласно Рамковниот договор треба да има ,исто така, пропорционална застапеност на овие сили во општините каде има над 20 отсто од албанско или друго население. Временскиот период во кој требаше да бидат исполнети условите од Договорот се надмина, но без оглед на тоа направени се доста големи чекори по однос на остварување на барањата содржани во Договорот“, вели Љума.
Рамковниот договор, вели Љума и овозможи на Македонија голем исчекор по однос на сите политички дејанија во споредба со другите земји на Балканот и и овозможи на земјата да чекори на паток кон ЕУ.
Како негативен аспект го посочува тоа што при спроведување на правичната застапеност во јавниот сектор, се гледало да се исполни бројката, а не се обрнувало внимание на компетентноста и квалитетот.
„За жал, тука повеќе има партизација и политизација, не се почитуваат квалитетните определби на луѓето. Има доста луѓе што се компетентни да бидат дел од институциите, но за жал, се надвор“, вели Љума.
Рамковниот договор од 2001 година, меѓу другото, предвидува и постигнување на правична застапеност на вработените во јавниот сектор. Таканаречените рамковни вработени со години претставуваа проблем, оти беа вработени луѓе, земаа пари од државата, но не идеа на работа. Годинава почна распоредувањето по институции на тие што останале да седат дома, но и тоа наиде на проблем, оти дел од раководителите и директорите се побунија што добиваат луѓе како бројка, но не и кадар каков што навистина им недостасува. За тоа дали постигнувањето на правична застапеност во администрацијата можеше да се изведе поинаку поразговаравме со Темелко Ристески, професор по администрација.
„Дали можеше подобро да се направи? Можеше во секој случај. Прво лошо се направи тоа што се примија некаде преку 3000 „вработени“ во јавниот сектор, тие беа примени, се водеа како вработени, но не работеа, што претставува една врста на злоупотреба на власта, што не смее да се случи некој да седи дома, да не работи и за неработење да прима плата. Тоа се патолошки појави во општеството“, вели Ристески.
Професорот вели дека тие луѓе требало да бидат вработени онаму каде што имало потреба во јавниот сектор, да не се брза само да се пополнат местата и да се примаат квалитетни луѓе. Инаку нема фајде од вработен во администрацијата кој не ја знае или не си ја работи својата работа, вели Ристовски.
Владата уште во јануари годинава донесе одлука за распоредување на 1349 вработени ,според рамковниот договор, кои повеќе од една деценија не одеа на работа, а редовно добиваа плата. Тие требаше да бидат распоредени на работа во 237 државни институции.
Договорот донесе мир и постави рамка за меѓуетнички соживот, но научија ли граѓаните да живеат како едно мултиетничко општество.
Ристески вели дека има прогрес во учењето како да живееме едно со други, но дека има уште многу да се учи.
„Во развиените демократии човекот се цени според неговите квалитети, стручност, знаење, неговиот однос со средината, кај нас тоа не изби на прв план. Национализмот си го прави своето. Уште се гледаме попреку, не многу, но се уште е присутна онаа поделеност. Но јас мислам дека има напредок, полека, полека учиме и ќе учиме“, вели професор Ристески.
Целосно и безусловно отфрлање на употребата на насилство за остварување на политички цели, како и целосно сочувување на мултиетничкиот карактер на Македонија, се само дел од основните принципи кои се наведени во Охридскиот договор. Но меѓуетничките односи и национализмот често беа користени за подкусурување меѓу партиите за остварување на некои нивни цели, а меѓуетничките страсти особено се подгреваат пред избори.
Сегашните партиски лидери овојпат се судија за одбележување на јубилејот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски најави дека нема да оди на прославата во хотелот Александар Палас, оти како што вели, сега не е време пари да се трошат на прослави, оти земјата се соочува со раст на број на заразени од ковид-19 и има пожари.
„Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи. Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење“, рече Мицкоски.
Од СДСМ реагираа дека Мицкоски е заглавен во етнички поделби.
„Охридскиот Рамковен договор е мировен договор кој ја отслика фактичката реалност – дека фундаментот на државата е граѓанскиот концепт на соживот меѓу македонскиот народ и другите етнички заедници. Жалиме што и после 20 години, безидејните политичари како Христијан Мицкоски се уште обидуваат својата политичка егзистенција да ја остваруват преку сеење поделба меѓу граѓаните“, соопштија од СДСМ.
Од ДУИ пак порача дека е лицемерно на одбележувањето на 20-годишнината да не учествува партија потписничка на договорот.
Со ова ВМРО-ДПМНЕ докажува дека тие се партија која уште работи во политиката по една етничка линија. Што се однесува до албанските опозициски партии, тие како и обично не се редат таму каде што се прогресивните сили и нашите сојузници од САД и ЕУ, туку се редат зад ВМРО-ДПМНЕ и не заслужуваат посебно или одвоено внимание од ВМРО-ДПМНЕ“, порачуваат од ДУИ.
Како што пишување РСЕ пред некој ден за низата настани за одбележување на јубилејот од Рамковниот договор државата потрошила пола милион евра. За да се спречи ширење на зараза со ковид откажан е концертот на кој беше предвидено на плоштадот „Македонија“да присуствуваат до 10 илјади луѓе.
Воениот конфликт започна на почетокот на 2001 година, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.
Преговорите за Рамковниот договор траеја околу два месеци. Започнаа во Скопје, продолжија во Охрид, а завршија со потпишување на документот во претседателската резиденција во Скопје на 13 август 2001. го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.