Достапни линкови

Корона предизвици на македонските граници


Репортажа: Како да влезете или излезете од Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Репортажа: Како да влезете или излезете од Македонија?

Странските државјани со документи в рака ја поминуваат српско- македонската граница без проблем. Но, група на македонски печалбари, чекајќи Владата да го укина државниот карантин поради ненаправени тестови за коронавирус остана заглавени во меѓузоната.

На ничија земја цел викенд останаа група македонски државјани делумно и поради лажните информации на интернет дека може да се помине македонската граница без тестови за коронавирус и без наредба за самоизолација или државен карантин. Неколку семејства од Шведска тргнале кон Македонија безнаправен тест за коронавирус,очекувајќи дека ќе може да ја поминат со автомобили српско-македонска граница. Сега чекаат Владата да ја донесе најавената уредба со која нема да мора да одат во задолжителен карантин.

„Тргнавме од Данска, поминавме низ Германија Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и идеме овде, и тука не знаат да ти одговорат што е работата, чекаме два дена, 48 часа. Да без тестови сме дојдени, “вели Васко Ристовски.

Неговите сопатници додаваат дека во секоја земја е различно и дека не можеле да направат тестови во земјите од каде што доаѓаат.

„Во Шведска без симптоми не ти прават тестови, мора симптоми да имаш и ние сме луѓе, “ велат анкетираните печалбари на српско- македонската граница.


Но, тоа не им е единствен проблем со македонските процедури. За дел од нив проблем е и владината уредба со која на странците во земјава им е дозволен само транзит, односно не смеат повеќе да се задржуваат на македонска територија.

„Јас дојдов во Македонија со мојата жена, јас имам македонски пасош, а жена ми е од Полска, имам венчаница а таа има полски пасош,и не сакаат да не пуштат. На жена ми и бараат македонски пасош, и не можам да влезам, а со две мали деца сум во кола, каде да се враќам сега, 2 илјади километри поминав, вели еден од анкетираните.

„Чекавме сега исход од седницата што ќе биде, не сме потпишале карантин, да не носат во карантин, демек ќе не пуштеле во самоизолација, нема логика, кафаните може да работат до еден навечер, а јас не можам да работам...

Од друга страна пак, велат дека повеќе не им е опцијата да преноќат во Србија. Стравуваат дека после изборите во Србија ќе останат заглавени во друга земја на само чекор од дома.

„ Можно е Србија да ни ја затворат границата, слушаме некои најави дека пак ќе се воведува таму полициски час, па што ќе правиме ако заглавиме,“ вели Ристовски.


Во меѓувреме, од друга страна на рампата, друга група од околу 30-тина патници кои на полноќ пристигнале на Табановце од Германија чекаат да одат во државен карантин. Се жалат дека повеќе од 10 часа чекаат да пристигне возило кое ќе ги однесе до таму. Малкумина од нив сакаа да зборуваат пред камера за нивното искуство, велат дека се чувствуваат излажани, дека предолго чекаат, но и дека нема добро услови за чекање.

„Коронавирус си бара хигиена, да ги видите тоалетите на што личат, катастрофа, што да ви кажам“ вели еден од патниците кои чекаат да бидат транспортирани до државниот карантин.

Во петокот Владата најави дека минатиов викенд на седница ќе дебатира за промена на правилата за патување и олеснување на рестрикциите за влез во земјава.Додека Владата да донесе нова уредба на сила се старите правила со кои за влез во земјава за македонските државјани е потребен ПСР тест за коронавирус и изјава за самоизолација или доколку нема тест во државен карантин.

Патувањето низ македонската територија е предизвик и за странските туристи кои за да може да транзитираат низ земјава платиле и дополнителни 50 до 100 евра за тест за коронавирус што треба да го приложат на граничната полиција.

„Одам во Турција доаѓам од Германија. Да имам направено тест за коронавирус во Германија, три месеци бев дома во карантин, три месеци, и сега можам да патувам, и се помина добро на граница, одам транзит само “ велиАхмет Кокун.

„До сега патувањето помина добро. Да ги знам правилата, ние само поминуваме и одиме за Грција, Ние сме од Минхен и одиме во Солун, таму имаме куќа, “ вели Јохан Генедорф.

Пандемијата со ковид-19 беше причината поради која во изминативе три месеци беа затворени европските граници. Голем дел од европските земји од почетокот на месецов ги отворија границите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG