Достапни линкови

Година на мрсни цени и посна трпеза


Премиерот Димитар Ковачевски во посета на зелениот пазар во скопската општина Ѓорче Петров. (22 октомври, 2022)
Премиерот Димитар Ковачевски во посета на зелениот пазар во скопската општина Ѓорче Петров. (22 октомври, 2022)

Ниту среќна, ниту весела не беше 2022. Годината ја одбележаа високите цени на храната, скапата струја и парно, протестите против Францускиот предлог, против бугарските клубови, а протестираа и студентите. Превозниците, пак, блокираа. Македонија сепак почна преговори со ЕУ, а СПЦ ја призна МПЦ.

Новата година ни донесе нова влада на чело со премиер кој граѓаните не го гласаа на избори. Собранието доцна на 16 јануари 2022 избра нова влада, а Димитар Ковачевски стана премиер.

„Легитимитетот на Владата е неспорен, и со зголемената поддршка на мнозинството одржливо во следните две ипол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш ќе работиме посветено на економијата и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните“, рече Ковачевски на 16 јануари.

Седница на Собранието на Македонија за избор на новата Влада предводена од мандатарот Димитар Ковачевски. 15.01.2022.
Седница на Собранието на Македонија за избор на новата Влада предводена од мандатарот Димитар Ковачевски. 15.01.2022.

Гласањето за нова Влада се случи откако претходниот премиер Зоран Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори, кои се одржаа во октомври 2021 година, кога ја најави оставката и од премиерската функција доколку ги изгуби. Потоа Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ и го доби мандатот за формирање на Влада од претседателот Стево Пендаровски, по обезбеденото мнозинство во Парламентот.

Стари проблеми пред новата влада

Освен справување со економските проблеми и енергетската криза, новиот премиер вети дека ќе ги интензивираат преговорите со Бугарија за да се надмине спорот и да започнат преговорите со ЕУ. Опозицијата забележуваше дека нема легитимитет, и бараше предвремени парламентарни избори, но не доби, па затоа во мај опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери започнаа блокада на Собранието.

Премиерот оцени дека „уцените“ на опозицијата со барање избори се неразумни. Кога во јуни новинарите го запраша премиерот - Како ќе функционира државата во услови на голема криза и зошто не се бара решение, напомош се јави владиниот коалиционен партнер, Али Ахмети, кој му дошепна на премиерот: Како и досега!, а премиерот го повтори истото, на што присутните се насмеаја. Лидерот на ДУИ, Ахмети е коалиционен партнер во секоја влада од 2001 наваму.

Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:46 0:00


Два дена откако беше избрана новата Влада, на 18 јануари во Скопје пристигна тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, што беше прва средба на двајцата премиери откако ги преземаа функциите.
Петков директно не одговори на прашањето кој јазик се зборува во земјава.

„Сакам да кажам многу јасно дека во нашиот договор за добрососедство имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот, како и во другите документи кои се веќе потпишани“, рече Петков.

Една недела подоцна Ковачевски ја возврати посетата на Бугарија. Двете соседни земји потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година, но Софија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна се посилно да инсистира и на правата на македонските Бугари.

Со Францускиот предлог поблиску до ЕУ

За надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија помогна Европската унија, со таканаречениот Француски предлог, кој владата го криеше неколку денови.

На 19 јули, Македонија ги почна преговорите за членство во Европската унија, барем формално. За земјава беше измислен нов модел – Француски предлог, за почеток на преговорите. Се одржа првата меѓувладина конференција, започна скринингот, но не беше отворено ниедно поглавје. Преговорите по поглавја ќе почнат кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени Бугарите.

„Се надевам дека сите политички партии, вклучително и опозицијата ќе работат на европската иднина и нема да почнат со контроверзии и нема да ги загреваат емоциите“, изјави еврокомесарот Оливер Вархеји на 19 јули, кога во Брисел се одржа првата меѓувладина политичка конференција на ЕУ и Македонија.

Додека се расправаше за Францускиот предлог имаше жестоки протести организирани од опозицијата против него. Опозицијата сметаше дека прифаќањето на предлогот ќе го бугаризира преговарачкиот процес и фокусот цело време ќе биде ставен на бугарските барања, а не на европските вредности. Додека властите го образложуваа предлогот, опозицијата користеше вувузели и свирчиња за да ги надвика.

„ЕУ ја чека Северна Македонија да стане полноправна членка“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Парламентот во Скопје на 14 јули.

На протестите имаше и насилство, но владата сепак го прифати предлогот.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

МПЦ се врати во канонско единство со останатите православни цркви

Во мај СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-Охридска архиепископија. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква. Православните цркви оттогаш ја сметаат МПЦ за расколничка и одбиваат да сослужуваат со неа.

На признавањето му претходеше интензивна црковна дипломатија. Прво, на 9 мај, Вселенската патријаршија ја отстранува повеќедецениската шизма наметната кон МПЦ и ја враќа македонската црква во канонско единство со останатиот православен свет, но статусот на црквата останува нерешен.

Поглаварите на СПЦ и на МПЦ-ОА одржаа заеднички литургии и во Белград и во Скопје. А на 12 јуни, во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ја одржаа прва заедничка литургија по враќањето на МПЦ – ОА во канонско единство.

Сега останува уште да се реши и прашањето на името – како во иднина ќе се вика Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздрават автокефалноста на МПЦ - ОА“ порача Патријархот на СПЦ, Порфириј на 24 мај во Скопје.

Биење на камбаните и аплаузи за признавањето на автокефалноста на МПЦ од СПЦ
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:42 0:00

Кога нема за месо, ќе вариме коски

Наместо честитка за Нова година, граѓаните добија повисоки сметки за струја и парно. Од јануари 2022 струјата поскапе за речиси 10 отсто и се укина дневната евтина тарифа, а цената на парното за 14 проценти. Храната почна да поскапува поради повисоките цени на енергенсите на светските пазари уште пред крајот на 2021, но почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022, дополнителни ги влоши работите. Струјата и парното поскапеа уште по еднаш во текот на годината. Па сега струјата е поскапа за во просек 18 отсто за разлика од лани, а парното за 30 проценти. За околу 30 отсто поскапе и храната, а Македонија годината ја завршува со инфлација од речиси 20 проценти, највисока на Балканот и меѓу највисоките во Европа. За разлика до лани на едно четиричлено семејство да ја наполни потрошувачката кошница сега му треба уште една минимална плата.

Нова Влада, повисоки цени и протести - Видео преглед на 2022-ра
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:11 0:00

„Со што да купам месо? Немам со што. Еве вака, си купувам коски од 100 денари и ќе купам гравче, па ќе го јадеме после четири дена. Ете така живееме“, рече за Радио Слободна Европа пензионерката Мара Петрова од Скопје, коментирајќи ги поскапувањата на храната.

Од први април 2022 со закон минималната плата изнесува 18 илјади денари. Се зголемија и пензиите, а оние со најниски пензии кон крајот на годината добија и помош од државата за да ја пребродат економската криза.



На крајот на февруари, почна војната во Украина, што доведе до повисоки цени на храната и енергенсите, а стравот и шпекулациите ги испразнија рафтовите во маркетите и создаваа редици на бензинските пумпи.

Украински бегалци стигнаа во Македонија, но државата нивниот престој не го реши институционално. Тие се сместуваа кај роднини или пријатели, децата не се интегрираа во државни училишта, оти на поголем дел од нив Македонија им беше само пропратна станица. Владата донираше воена опрема за Украина, меѓу кои и тенкови, што наиде на осуда од Русија. Помош понудија и македонските граѓани.

„Битола, Северна Македонија. Може да примам една жена или жена со дете“, напиша во март на Фејсбук битолчанката Ана Митрејчевска, вознемирена од случувањата во Украина.

„Сите сме луѓе, денес се тие бегалци утре можеме да бидеме ние, можеби нас ќе ни треба помош. Тоа лично ме поттикна да пишам дека можам да примам дома бегалци“, вели Митрејчевска.

Власта организираше евакуација на македонските граѓани од Украина. Украинците во земјава на неколку прати протестираа против војната, а Владата протера и неколкумина руски дипломати. Поради тоа што Македонија ја поддржува Украина, Русија ја стави на листата на непријателски земји.

„Бевме очајни“: Украинско семејство најде мир во Негорци
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Бела чума се зададе во Македонија

После дваесет години, во Македонија во 2021 се спроведе попис, резултатите од пребројувањето стигнаа кон крајот на март 2022. Тие покажаа дека Македонија сега има 1,83 милиони жители, односно скоро 185 илјади луѓе помалку од претходниот попис од 2002 година. Тоа значи дека во изминатите две децении Македонија изгубила жители колку две Куманова.

Македонија е во кризна енергетска состојба. Премиерот кон крајот на летото почна офанзива со посета кај соседите да обезбеди поевтини енергенси во пресрет на зимата. Но гас, за да има парно во главниот град, се уште се обезбедува месец за месец, а поради старост на енергетските капацитети, нивна неисправност или ремонт и сервис, тие работат со половина капацитет, па државата мора да увезува струја. Само за ноември и за половина од декември, Македонија потроши над 40 милиони евра за увоз на струја.

Правосудството пука по сите шевови

Првостепените пресуда паѓаат на Апелација, затворени функционери од претходната власт излегуваат од затвор и тоа во време кога меѓународната заедница е сè погласна во критиките дека државата треба подобро да се справува со корупцијата. Во меѓувреме во тек се судски процеси против двајца генерални секретари на Влада предводена од сегашната владејачка партија СДСМ.

Судот вечерта на 9 април му определи притвор во траење од 30 дена на генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири. Тој претходно дента си поднесе оставка од функцијата, откако Обвинителството отвори истрага против него за злоупотреба на службената положба, односно склучувал договор без да спроведе јавни набавки. Зекири на судењето кое е во тек се изјасни за невин.

Зекири е, втор ген сек на влада на СДСМ, што е уапсен. Му се суди и на Драги Рашковски, кој беше уапсен во 2019, исто така за злоупотреба на службена положба, односно нелегална набавка на софтвери кои никој не ги користел. И додека на нив им се суди во Кривичниот суд, на повисоко ниво, Апелација во два наврати му укинува првостепени пресуди на поранешниот шеф на Управата на безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. За Трезор тој беше осуден на 8 години затвор, а за Таргет-Тврдина на 12. И двата случаи се однесуваат на масовното нелегално прислушување во Македонија за што јавноста дозна во 2015 преку објавата на таканаречените бомби, односно прислушувани разговори. Укинувањето на првостепената пресуда за Таргет тврдина дојде во време кога амбасадорите во земјата, а во Македонија беше и тим за санкции на САД.

Мијалков летото се спогоди со Обвинителство за друг крупен случај и мораше да се прости од долг список на станови, плацови, удели во фирми и акции.

Правосудниот систем летоска го тресеше и спорот меѓу обвинителката за сузбивање на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и Арафат Муареми, како тогашен прв човек на Управата за финансиска полиција. Потоа таа беше суспендирана, а тој си даде оставка. На место на Русковска беше поставен „анонимус“, а за изборот на Иљаз Абази зачуденост изрази и новата амбасадорка на САД, Анџела Агелер.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во своето годишно обраќање пред Парламентот на 22 декември побара конкретни резултати во борбата против корупцијата и упати критика до правосудството за скандалозните одлуки.

„Државата или ќе ги стави криминалците зад решетки или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца“, посочи претседателот.

Напорите, според него, ќе паднат во вода „ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци“.

Премиерот „силно и одлучно“ во кампања

На 25 октомври премиерот Димитар Ковачевски и владејачката СДСМ започнаа кампања „Силно и одлучно“ за, како што рекоа, да не им забележува народот, дека на граѓаните им текнува само за време на избори. Се засили и информирањето преку социјалните мрежи за неговата набиени агенда. Кампањата ја завршија на 17 декември, а премиерот танцуваше на македонската верзија на популарната „Инсиеме“ (Заедно) на Тото Кутуњо. Но и покрај интензивните појавување во јавноста, рејтингот на актуелниот премиер не е висок. Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември, Ковачевски е на четвртото место со 5 проценти. Најголем рејтинг меѓу граѓаните има поранешниот премиер Груевски, кој е осуден и побегна од земјава и доби азил во Будумпешта пред 4 години.

„Навистина е презагрижувачки и сериозно депресивно да имаме осуден и избеган политичар со кој живеевме во едно авторитативно и многу црно време, да се враќа на ваков голем начин и со најголем скок во перцепцијата на граѓаните во однос на популарноста“, смета директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска.

„Бомби“, протести и блокади

Од крајот на октомври почнаа и дојави за бомби, првин по школи, па по институции, молови, приватни згради, аеродромот во Скопје, големи хотели, спортски центар. Полицијата се уште трага за испраќачите на мејловите со закани, а досега има кривични пријави за двајца малолетници. По речиси два месеци од стартот на дојавите властите го информираа и НАТО за тоа што ни се случува.

„Факт е дека (заканата) не може да доаѓа, од условно кажано, некакви невидливи сили, туку дефинитивно мора да се најде модусот од каде се испраќаат, затоа што и тој што испраќа и тој што прима едноставно остава трага“, дециден е професорот, рече за РСЕ, професор Злате Димовски од Факултетот за безбедност.

Полиција пред скопската гимназија Јосип Броз поради дојава за бомба, Скопје. Овие дојави на 16 ноември 2022 беа лажни.
Полиција пред скопската гимназија Јосип Броз поради дојава за бомба, Скопје. Овие дојави на 16 ноември 2022 беа лажни.

А крајот на октомври го одбележаа и тоа што за првпат во историјата Скопје остана еден ден без градски превоз. Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) на 20 октомври ги паркираше автобусите, па скопјани не можеа да стигнат на школи и на работа. Градот под чија капа е ЈСП за еден ден најде решение на проблемот и им беа исплатени плати, но не најде решение за спорот со приватните превозници, кои исто бараа да им се исплатат долговите. Градоначалничката Данела Арсовска ги раскина договорите со превозните од Слободна превоз и Макекспрес, па тие блокираа неколку клучни крстосници во главниот град.

Возилата на брза помош во сообраќаен клинч
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Градоначалничката во септември разреши двајца директори на јавни претпријатија, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија помош стана прв човек на Скопје. По тој настан и други директори си дадоа оставки и почна кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, па на седница на Совет на главниот град се исклучува микрофони и паѓаа обвинувања за „лепливи“ прсти.

Во ноември студентите неколкупати протестираа барајќи подобар стандард, квалитетно образование и повеќе пари за студенти оброк. Не добија, но дел од нив добија ручек со премиерот.

Студенти од Македонија на Светскиот ден на студентите, маршираат низ центарот на Скопје - од Владата до Министерството за образование и наука. Тие бараат подобар студентски стандард и квалитетно образовани, 17.11. 2022
Студенти од Македонија на Светскиот ден на студентите, маршираат низ центарот на Скопје - од Владата до Министерството за образование и наука. Тие бараат подобар студентски стандард и квалитетно образовани, 17.11. 2022

Македонија се сопнува од секој камен фрлен кон бугарските клубови

Бугарските клубови во Македонија со спорни имиња имаат рок до 2 февруари да ги сменат имињата. Собранието на 2 ноември донесе измени на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. Отворањето на клубовите на бугарските здруженија Иван (Ванчо) Михајлов и Цар Борис Трети ја одбележа годината. Граѓани протестираа, властите осудуваа, беше запалена портата на клубот во Битола, а цел на на напади, од кој еден и со огнено оружје беше и клубот во Охрид.

На ковидот заборавија сите

На 14 декември Комисијата за спречување заразни болести соопшти дека состојбата со ковид-19 е стабилна. Иако се уште на сила е носењето маски во болници, аптеки, јавен превоз и старски домови, сепак сите заборавија на короната, а ниту властите веќе не објавуваат дневен ковид биланс.

Досегашните мерки се доволни и нема потреба за нивно дополнување во пресрет на новогодишните и божиќните празници, порача портпаролот на комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехмедовиќ.

„Не можеме да прогнозираме ништо каква ќе биде клиничката слика по новогодишните празници, на сила остануваат оние четири мерки кои што комисијата ги остави во текот на летните месеци, а тоа се да се носат маски во здравствените установи, во аптеките, домовите за стари лица и јавниот превоз и апелирам истите да се почитуваат“, рече докторот.

И по некој успех

Од земјите во регионот, Србија и Хрватска отидоа на Светско во фудбал во Катар, а хрватската репрезентација се закити со бронза. Во Македонија пак се славеше победата на македонската фудбалска репрезентација над Италија во баражот за Светско, сепак до тука беше радоста, не успеваме да се пласираме.

На 25 ноември македонски тим на лекари за првпат направија трансплантација на црн дроб од починат донор, претходно во земјава имало само една трансплантација на црн дроб од жив донатор. Во изминатите две години се интензивираше дарувањето органи од починати донори. Неколку години наназад еден друг вид на донација им го развеселува животот на учениците.

Со иницијативата „Донирај компјутер“ која ја започна Борче Стамов од Кавадарци се донирани над 2000 компјутери, а зад инцијативата застанаа многу организации. Ученици добија компјутери, но не и учебници. Прво доцнеа учебници, па ученици добија привремени, за што државата потроши на 640 илјади евра, а на новите, дел од учениците ќе почекаат во второто полугодие.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG