Тетовецот Бленди Ходаи, средношколец, активист и претседател на Сојузот на средношколци доби пораки со говор на омраза.
Ходаи ги објави пораките на своите профили на социјалните мрежи. На објавата на Фејсбук напиша: „Вистинските индијанци излегуваат на површина. We will heal ignorance with tolerance and understanding (Ќе го излечиме незнаењето со толеранција и разбирање)“.
Истовремено, добива поддршка од многумина, а реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму истакнуваат дека е неопходно „темелно справување со овој феномен, кој има долгорочни разорувачки ефекти во меѓуетничките односи и севкупната општествена кохезија“.
„Изминативе години Комитетот регистрира загрижувачка тенденција на раст на делата од омраза во земјава, при што најголемиот дел и од жртвите и од сторителите на вакви дела се млади луѓе. Притоа, најчестиот основ за насилни инциденти помеѓу младите е етничката припадност. Во случајот на Бленди Ходаи, кој како претседател на Сојузот на средношколци на РСМ, деновиве е активен во застапувањето на барањата на средношколците околу организирањето на наставата во претстојната учебна година, заканите и навредите засновани на неговата етничка припадност очигледно се користат и за да се омаловажи и нападне неговиот активистички ангажман. И токму поради големиот број прерано згаснати и уништени млади животи поради омраза кон различниот, Ходаи, а и секој млад човек кој свесно и ангажирано учествува во општествениот живот со цел да го подобри и унапреди, треба да добие широка поддршка и заштита“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.
Ходаи е избран по втор пат да биде претседател на Сојузот на средношколци, кој постои скоро три години.