Младите велат дека кога ќе им се даде шанса и доверба, и кога ќе се оспособат со потребните вештини за да бидат лидери во своите заедници - имаат огромен потенцијал за креативност, иновации и за промени. Но, едно од последните истражувања на УНИЦЕФ, покажуваат дека младите во Македонија се чувствуваат исклучено и имаат ограничени можности да ги предводат промените кон подобра иднина за себе и за идните генерации.
6 од 10 млади веруваат дека не можат да влијаат врз работата на институциите
Според тоа истражување направено лани, 85 проценти од младите никогаш не учествувале во консултации што ги спроведува државата, а 6 од 10 млади веруваат дека не можат да влијаат на работата на институциите. Само една третина од младите се оптимистични дека земјата се движи во правилна насока.
„Оваа реалност, заедно со сиромаштијата, недостатокот на квалитетно образование, ограничените можности за работа, загриженоста за менталното здравје и околината, ја обликува перспективата на младите луѓе. Пандемијата со КОВИД-19 дополнително ги влоши овие предизвици, но претставува и единствена можност светот да се преосмисли заедно со самите млади, за тој да стане подобар за сите деца и младинци“, наведува УНИЦЕФ на својата интернет страница за ова истражување, кое опфаќа резултати до минатата година.
По овие истражувања, претседателот на државата Стево Пендаровски и УНИЦЕФ започнале иницијатива „Преосмисли ја иднината“ за да им се даде простор на децата и младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Анкети и гледишта
Во првата фаза од младинските консултации, младите на возраст од 12 до 19 години биле поканети да учествуваат во онлајн-анкета и да ги споделат своите гледишта за промените што би сакале да ги видат, за она што ги мотивира и за она што најмногу ги загрижува. Според УНИЦЕФ, анкетата претставувала и можност младите да испратат порака до носителите на одлуки и да ја споделат својата визија за земјата 10 години отсега. Учествувале вкупно 527 млади.
Врз основа на добиените одговори, работилниците организирани во тој контекст се фокусирале на 3 клучни области: квалитетно образование, квалитет на живот и животна средина и урбанистичко планирање.