„Не сум баш сигурна, немам доволно информации. Не би го вакцинирала одма, би се консултирала дома, би размислила убаво. Нема да одам и одма да го вакцинирам“, ни изјави Александра Стевковска е мајка на деветгодишно дете. Таа, вели дека е затекната од најавите дека ќе се набавуваат вакцини за малите деца и дека прво добро ќе размисли и ќе се консултира, пред да донесе одлука дали да го вакцинира своето дете против КОВИД-19.
Имано, најавите за набавка на вакцините за деца од 5 до 12 години ја разбрануваа јавноста. Докторите ги чекаат официјалните насоки, во време кога Комитетот за имунизација се уште нема дадено препорака за вакцинација на малите деца.
Сепак, од Министерството за здравство велат дека единствен услов за вакцинирање на малолетните е да дојдат со родител или старател.
„Вакцинацијата во државата се одвива без закажан термин, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително на вакцинација да дојдат со родител или старател. Вакцини за Ковид 19 има во доволно количество, нема приоретизирање според возраст, хронични заболувања или критична инфраструктура“, велат од Министерството како одговор на прашањата на Радио Слободна Европа за тоа каков е планот за вакцинирање на оваа возрасна група и дали ќе се вакцинираат само приоритетните групи.
Доколку има интерес, од Министерството најавуваат дека ќе се набават и дополнителни детски дози вакцини против Ковид 19.
Педијатрите сега чекаат вакцините да пристигнат и велат дека ќе ги следат препораките на здравствените власти. Скопскиот педијатар Мира Атанасова вели дека од почетокот на школската година, забележителен е растот на позитивни случаи на деца со Ковид 19, кои доаѓаат кај неа во ординацијата. Оттука, дава поддршка за вакцинација на децата.
„ Мислам дека ние нема ништо да направиме ако само возрасни заштитуваме, а децата си ги оставиме без заштита. Имам многу случаи во моментов во кои децата од школо го носат вирусот дома и ги заболуваат и мама и тато и дедо и баба, верувајте. И кога ќе прашате тие луѓе се сите вакцинирани. Ние пак имаме ризик и се вртиме во круг. Мене ми е голем стравот дека ние и следната година можеби и цела ќе си ја изгубиме во борба со вирусот“, вели Атанасова.
Од нејзиното искуство во ординацијата, најмалку заразени со Ковид 19 има кај претшколските деца. Тие ни се најсигурни, вели докторката. Проблемот го гледа кај децата кои одат во основно и средно. Во однос на интересот за вакцинација кај децата, таа вели дека пораснал откако вакцините станаа достапни за младите од 12 до 18 години. Верува дека ќе расте и за помалите, тие од пет години.
„Не е толкав интересот, досега не се коментираше таа возрасна група. Ако од Нова Година натаму и кај нас се дозволи, односно се симне границата на 5 години, мислам дека голем интерес би требало да побуди и таа група на деца. Значи тие родители малку, и од страна на матичните доктори, малку и од страна на Министерството за здравство ние да имаме едукација, за да инсистираме и тие деца да се опфатат“, вели Атанасова.
Сепак, додава, приоритет мора да се даде за децата со хронични болести, чие здравје е најкревко.
Од друга страна пак, микробилогот, доктор Никола Пановски, кој од самиот почеток ја следи состојбата со пандемијата и дава совети во јавноста, смета дека треба да се внимава со вакцинацијата на децата под 11 години. Укажува дека сепак се работи за вакцина која е пуштена за итна употреба кај луѓето каде има голем ризик.
„Јас не гледам никаков ризик кај децата од 5-11 години, односно мислам дека може да ја прележат болеста без никаков проблем, освен можеби ако немаат хронична болест“, вели Пановски, кој додава дека и самиот е вакциниран со три дози вакцина.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во минатиот месец одобри употреба на помала доза на вакцината Фајзер за деца на возраст од пет до 11 години. Истото претходно го стори и американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), кој препорача вакцинирање на оваа возрасна група во САД.
Во меѓувреме и поголем дел од западноевропските земји започнаа вакцинација или најавија дека ќе ги одобрат вакцините на Фајзер за деца постари од пет години. Притоа лекарите пријавија голем почетен интерес од родителите поради загриженоста од Омикрон, новата варијанта на вирусот која се шири побрзо од досегашните соеви.
Инаку, Кина беше првата земја што одобри ковид-вакцина за мали деца. Таму се користат вакцините на Синовак и Синофарм, а возрасната граница е спуштена на 3 години.
Во Македонија, во моментов вакцините се достапни за сите над 12- годишна возраст. За младите од 12 до 18 години се дава само вакцината на Фајзер. Може да ја примат сите, без потреба од посебна регистрација или пријавување. Се дава во две дози, со растојание од три недели меѓу нив.
Опфатот со вакцинација со две дози на полнолетната популација е 48%, додека 22% од вакцинираните граѓани постари од 60 години примиле и трета доза вакцина. Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
Десет илјади детски вакцини против КОВИД-19 се дел од набавката на половина милион дози на мРНА вакцини од производителот Фајзер предвидени за 2022 година. Како што соопштија од македонската влада, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од месец мај, додека педијатриските дози во првото тримесечје на 2022 година.
Јасмина Јакимова