Достапни линкови

Буџетот прв тест за функционалноста на Собранието


Разгледувањето на Предлог буџетот за следната година ги седна пратениците во Собранието. По паузата заради локалните избори, пратениците се соочуваат со нов предизвик за утврдување на мнозинството, а пред Собранието се и низа закони кои останаа блокирани со месеци.

Власта уште не соопштила во јавноста дали има цврсто пратеничко мнозинство, како што најавуваше. Во меѓувреме, по подолга пауза прво поради одморите, а потоа и за локалните избори пратениците седнаа да дебатираат за предлог буџетот во собраниските комисии.

Како оваа политичка криза ќе влијае врз работата на пратениците ќе покаже токму Предлог буџетот за кој во наредните денови ќе расправаат пратениците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го блокира носењето на буџетот за наредната година, но поднесе 220 амандмани.

Но, на собраниското мени се и редица клучни закони што не беа донесени во изминатиот период кога пратениците не одеа на работа поради летниот одмор и собраниската пауза околу локалните избори. Станува збор за законот со кој требаше да се прогласи недела за неработен ден за мнозинството дејности, потоа кривичниот законик и законот за Академија за судии и обвинители кои се означени со европско знаменце. На „чекање“ е оставено и дополнувањето на законот за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид по скратена постапка.

Политичкиот аналитичар и долгогодишен собраниски службеник Тодор Пендаров вели дека клучно е како опозицијата ќе се однесува во Собранието, односно дали донесувањето на буџетот ќе помине со „лесно“.

„Како ќе се одвива целата работа е тешко да се претпостави имајќи ги предвид кои се луѓето за кои треба да дадете оцена дека колку толку ќе делуваат во рамките на Деловникот и принципите на парламентарната демократија. Тука е основното прашање. Јас се надевам дека сепак, ќе успее да се донесе буџетот бидејќи во една ваква кризна состојба во која сме, буџетот е многу значаен“, вели тој.

Пендаров додава дека ако ,според најлошо сценарио, во догледно време не се донесе буџетот, има решенија и за тоа во Деловникот, но тоа нема да биде добро за државата. Опозицијата засега најави само дека ќе учествува во конструктивна дебата за буџетот. Буџетот треба да се донесе до крајот на годината. Според него во ваква ситуација носењето на другите закони кои чекаа со месеци да стигнат на собранискиот дневен ред ќе зависи исклучиво од опозицијата.

„Тие закони ќе зависат од тоа дали опозицијата ќе сака да поминат или не. Но, во овој момент на оваа држава и е најпотребен буџетот, а не дали ќе има еден неработен ден повеќе или помалку“, објаснува Пендаров.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега најави дека ќе учествува на конструктивна дебата во собраниските комисии за предлог буџетот.

„Ние ќе учествуваме во работата на комисијата и на пленарната седница на која ќе се носи буџетот, но секако имаме доста забелешки и ја повикувам власта да ги прифати амандманите од опозицијата, кои ќе решат многу проблеми од енергетската, економската и здравствената криза, затоа што во ваква форма во која е поднесен сметаме дека не ги задоволува потребите на граѓаните“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Крстевски.

Министерската за одбрана Радмила Шекеринска коментирајќи ја актуелната ситуација посочи дека се уште се водат разговори и дека очекува тоа брзо и успешно да се заврши.

Хоџа си поднесе оставка од министер за земјоделство

Проблемот со мнозинството влијае и врз обидот да се донесе можна одлука за предвремени избори. Потреби се 61 пратенички глас „за“ , со кои ќе се распишат избори, како што бара опозицијата, или пак 61 глас против како што сака власта.

Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на дневна основа постојано меѓусебно се обвинуваат за актуелната политичка нестабилност во државата, барајќи оставка од лидерската позиција на својата конкуренција. Разврска се очекува и во албанскиот политички блок. Во овој период се очекуваат и одлуките на опозициската Алтернатива.

Пратениците последен пат заседаваа во средината на септември кога сложно на куса седница ги донесоа само измените на Изборниот законик во пресрет на изборите. Претходно на пленарна седница заседаваа на крајот на јули месец кога министрите одговараа на пратенички прашања и една седница на крајот на август.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG