Тешко е да се планира Буџет на државата во услови на пандемија, оти предвидливоста е тешка кога се соочуваме со непредвидлива ситуација, вели академик Абдулменаф Беџети, анализирајќи го Предлог-буџетот за следната година. Тој бил еден од експертите консултирани при проектирањето на државната каза за 2021.
Задолжувањето ќе продолжи, капиталните инвестиции повторно се високо проектирани, а на среден рок се планира благо намалување на јавниот долг. Најмногу пари ќе одат за социјални заштита и на здравство. Стопанството додека ги чека парите од четвртиот пакет помош, предлага следната година фокусот да биде насочен кон елиминирање на сивата економија.
Што испланира Владата?
Државата следната година планира да потроши над четири милијарди евра, а да има приход од 3,45 милијарди евра, што значи дека државната каса ќе биде покуса за над 500 милиони евра.
Академик Беџети вели дека проекциите се засноваат врз трендовите од оваа и на очекувањата за следната година и се анализирани сите економски аспекти, како раст, инфлација, трговска размена, инвестиции, приливи од странство.
„Мислам дека во моментов ова претставува најоптимална проекција, макар колку и да звучи тоа дека е доста песимистички во некои аспекти“; вели Беџети.
Кусокот во државната каса ќе се надоместува со задолжување со нова обврзница, со продажба на државно земјиште, пред сè земјоделско, со продажба на акции во компании во кои државата има удели и со приватизација на загубари. Властите најавија дека пари ќе се обезбедат и со продажба на Пошта, Железници, Еурокомпозит, Колска, Тутунски комбинат Прилеп, потоа Попова Шапка ќе се даде под концесија, а се очекува и реализација на приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен.
Задолжување
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека државата следната година ќе се задолжи за 530 милиони евра, од кои повеќе од половинa или 275 милиони ќе се задолжи дома. Буџетската дупка следната година треба да биде двојно помала од годинава. Владата годинава веќе се задолжи за над 1 милијарда евра за справување со економските последици од пандемијата на коронавирус. Најголем дел од новите долгови се наменети за финансиската помош за стопанството и зачувување на работните места во погодените сектори. Буџетската дупка за годинава е предвидена на 920 милиони евра, односно 8,4 отсто од БДП. Јавниот долг на крајот на јуни годинава надмина 6,5 милијарди евра, односно 60 отсто од БДП.
Во следните години се планира да се стабилизира јавниот долг. Според проекциите, долгот до 2025 ќе се намали на 58,8 отсто од БДП-то.
Беџети вели дека задолжувањето мора да продолжи оти и следната година дефицитот ќе биде значаен. Се очекува дека ковид -19 ќе се одрази најмалку и на првото тромесечие од следната година, а реализацијата од приходите не може да биде во интензитет и динамика која ќе овозможи умерен дефицит, вели Беџети.
„Доста е стеснет фискалниот простор и поради нееластичноста на јавните приходи, на приходната страна и нееластичноста од расходната страна, вие не може да кратите на социјални осигурувања, социјални инвестиции, потреби во здравство, во образовани и слично, така што тука немавме којзнае каков простор освен преку одење во среднорочна рамка да се создаде поголем фискален простор за реализација на овие приоритети и капитални проекти“, вели Беџети.
Премиерот Зоран Заев најави дека Буџетот за следната година е избалансиран, со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системска функционалност и поддршка на реформите во правосудството и евроинтеграциите. Во Буџетот има предвидено 50 милиони евра во случај ако продолжи пандемијата за да нема ребаланс уште во првиот квартал од следната година.
„Предлог Буџетот за 2021 година обезбедува одржливост, рационализирање на трошењата со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата“, рече Заев.
Капитални инвестиции
И следната година се планираат високи суми за капитални инвестиции, иако со години наназад тие не се реализираат ни приближно на планираното. За 2021 капиталните инвестиции се проектирани на 373 милиони евра. За тие кои нема да го реализираат предвиденото ќе има казни, а за успешните награди. Парите од нереализираните проекти ќе одат на оние кои се во понапредна фаза на реализација. За следната година капиталните инвестиции се за 20 отсто повисоки од планираното за оваа година. Податоците за оваа година покажуваат дека за девет месеци се реализирани околу 44 отсто од планираните средства за капитални инвестиции. Капиталните инвестиции се клучни за раст на економијата, но со години наназад остануваат само на плановите, а потоа со ребалансите парите одат да потполнат некои други дупки.
Препорака на експертската јавност беше да не се форсираат големи проекции на капиталните инвестиции, кои не се засноваат на реална проектна документација, при планирањето на буџетот.
„Нашата препорака беше дека нема потреба како вообичаено, стандардно да проектираме високи капитални инвестиции, а после прва ставка што ќе биде ревидирана да бидат токму тие, туку тие да бидат базирана врз основа на оценка и проценка на приоритети и проекти коишто постојат“, вели Беџети за РСЕ.
Повторно се планираат инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, инвестиции во земјоделството и заштитата на животната средина. Ставките се општи оти се уште не е соопштена деталната слика како ќе изгледа Буџетот за 2021. Предлог буџетот ќе биде доставен до Собранието, а пратениците преку амандмани може да делуваат на него.
Најмногу пари за социјална заштита
Најмногу пари, скоро 1,5 милијарди евра ќе одат за социјална заштита, потоа следуваат економските работи на кои ќе се потрошат 1,14 милијарди евра, за здравство се предвидени 660 милиони евра, 465 милиони евра за образование, потоа следува пари за јавен ред и мир за што се предвидени 280 милиони евра, 161 милиони евра за одбрана и 23 милиони евра за животна средина.
Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори на официјалниот Фејсбук профил наведува дека неодложно е потребно да се реализираат мерките од четвртиот пакет за економска помош, оти како што вели, оптимизмот кај граѓаните и стопанството е намален. Таа наведува неколку поенти за Предлог буџетот искажани во тв гостување.
„Следната година треба да биде година за справување со сивата економија и корупцијата, година на елиминација на оние кои работат нерегегистрирано, а заработуваат милиони без да дадат ни денар во буџетот“, пишува Арсовска.
Државата планира да штеди со тоа што ќе крати на непродуктивни трошоци, ќе се штеди на патни и дневни расходи, трошоци за репрезентација и договорни услуги. Пота ќе се рационализацираат и ревидираат трансферите и субвенциите, ќе се лимитираат вкупните буџетски трошоци наменети за плати, ќе се ограничи највисоката плата во јавниот сектор, ќе се ограничи набавката на мебел, службени возила, службени авионски патувања.
Но сепак дел од администрацијата со следниот буџет ќе добие повисоки плати. Предвидено е за 20 отсто да бидат зголемени платите на вработените во Собранието, а ќе се трошат пари и за вработувања во правосудството, ќе има надоместоци за образованието и за одбраната.
Економијата на нула, враќање на предкризна состојба за две години
Падот на економијата годинава, според предвидувањата на владата треба да биде 4,4 проценти, за догодина, пак, се очекува раст од 4,1 процент. Владата тоа го базира за закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка.
Очекувањата се дека економијата ќе се врати на предкризната состојба некаде во втората половина на 2022. Проекциите се дека во 2025 растот треба да стигне 5,9 отсто, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75 проценти годишно.
Европската комисија ја корегираше првичната проекција, дека падот на БДП-то годинава ќе биде 3,9 проценти, сега прогнозира 4,9 отсто. Од Комисијата велат дека закрепнувањето на економијата ќе биде бавно и неизвесно.