Брзите антигенски тестови со кои ќе се прави скрининг на учениците во основните и средните училишта ќе бидат уште еден стрес повеќе за децата, но во услови на пандемија, подобро е да се преземат сите мерки кои ќе го спречат ширењето на вирусот, коментираат некои психолози по најавите од здравствените власти дека од октомври се планира скрининг на учениците со цел да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот.
Иако тестовите ќе се прават со претходно добиена согласност од родителите, на социјалните мрежи некои родители реагираат дека постојаната промена на протоколите во училиштата ги оптоварува децата и негативно влијае на нивното ментално здравје.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека тестирањето е брза и лесна процедура и дека е добро да се има евиденција за тоа колку од децата го прележале вирусот или се негови асимптоматски носители.
„Секоја промена создава стрес, не само протоколите. Но живееме во време во кое протоколите се потребни ако сакаме да функционираме. Децата не се научени на вакво нешто, секој стрес создава нешто во телото, но од двете зла, треба да го одбереме помалото. Ако се работи за заштита на децата, а со тоа и на најблиското семејство, протоколите се нужно зло“, вели Јовановска-Стојановска.
Министерот за здравство Венко Филипче деновиве најави дека скринингот ќе ги опфати повеќето од училиштата ширум државата, а со методологијата која се подготвува ќе биде познато колкава бројка ученици во одредени училишта ќе бидат тестирани, со цел да се добие релевантен репрезентативен примерок.
„Според првичните процени, за да се направи скринингот, ќе бидат потребни 40.000 до 50.000 тестови“, изјави неодамна Филипче.
Доктор Никола Пановски вели дека вака како што се замислува, односно тестирање на доброволна основа нема да даде вистински ефект во заштитата од вирусот.
„Мислам дека нема да има некој посебен ефект од тоа, бидејќи детето ако е позитивно тоа е за два три дена. И која е логиката ако од 25 деца испитате 3 деца или од 40 000 тестови на 240 000 деца дали ќе се фати некое дете што е позитивно. Според мене тие тестови би требало да се чуваат само за децата кои имаат симптоми. Скрининг со вакви тестови се прави во Грција два пати неделно и кај нас би требало 500 000 тестови да се прават неделно, тоа би чинело 100 милиони евра годишно и би требало да го работат илјадници луѓе“, вели доктор Пановски.
И професорот Драган Даниловски вели дека скринингот е една работа, а редовно тестирање друга. Тој објаснува дека со скринингот ќе се добие пресек на состојбата со застапеноста на инфекциите кај децата, но дека тоа би било само моменталната слика.
„Неспорно е дека подобро е нешто, отколку ништо! Но, скрининг само на дел од ученичката популација - читам дека тоа би биле 40-50 000 деца од вкупно 240 000 - е помалку вредно решение, отколку ако би се тестирале буквално сите! Само со редовно тестирање на сите ученици, најмалку еднаш неделно (оптимално два пати неделно), може да се обезбеди значајно влијание врз намалување на ризиците за пренос на вирусот, вели Даниловски и додава:
„Ако скринингот се планира да биде направен само еднократно, за да се отслика моменталната ситуација со раширеност на инфекциите, а редовното целосно тестирање е неизводливо од материјални причини, тогаш, поцелисходно би било, понатаму да се тестираат, и тоа дома, само учениците кои имаат симптоми. И ако се позитивни на ковид, да си останат дома. Така ќе може да се ограничи ширењето на заразата - макар делумно“, заклучува професорот Даниловски.
Лекарите предупредуваат дека не очекува студен период во кој поради престојувањето во затворени простории, очекувано е поголема трансмисија на вирусот, па затоа советуваат да се почитуваат протоколите односно да се носат заштитни маски, да се мијат раце, да се проветруваат просториите, да се држи дистанца и да се прави почесто тестирање.
Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата на дневна основа, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, над 72% од наставниот кадар е вакциниран, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.