Преку соочување и истакнување на последиците од аерозагадувањето, еко заедниците од западно балканските земји се стремат кон приоритизирање на борбата против аерозагадување.
Аерозагадувањето, кое со години е присутно во Северна Македонија, е проблем за целиот Балкан. Затоа, Европскиот Фонд за Балканот иницираше кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ која ги обединува еко заедниците од западно балканските земјите.
„Идејата на кампањата е да се покрене јавната свест, не дека има загадување, тоа знаеме, туку кои се последиците од дишење на ваков воздух. Зборевме за изворите, зборевме за морталитетот и наталитетот, а има и уште теми што следуваат. Кога човек знае, не само дека има загадување, туку како и тоа влијае врз неговото здравје, може посериозно ќе се приклучи кон борбата за позелена и поздрава иднина“, изјави Горјан Јовановски, софтверски инжинер, кој ја создаде апликацијата „Мој воздух“ и е дел од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.
Последната тема, која ја истакнуваат како аларм за последиците од аерозагадувањето, е зголемена стапка на неплодност и стерилитет кај жени и мажи. Оттаму објаснуваат дека особено страдаат жените кои живеат во тешко погодени области, така што загадувањето доведува до помал број здрави јајце клетки. Од друга страна, загадувањето кај мажите предизвикува пониски нивоа на производство на сперма, помала подвижнсот на сперматозоидите и појава на повеќе спонтани абортуси поради програмирана клеточна смрт.
„Исто така, ин витро оплодувањето е помалку успешно. ПМ 2.5 чесгтичките предизвикуваат пад на плодноста кај жените за 2 отсто на 10 μg / m3 во воздухот. Овие нивоа во загадените градови низ Западен Балкан достигнуваат вредности над 50 µg / m3 (ПМ 2,5), што е двојно поголема од дозволената годишна вредност и може да ја намали плодноста дури и до 10 проценти кај жените. Дневните нивоа на ПМ 2,5 во одредени градови честопати надминуваат дури 200 µg / m3 што може да ја зголеми неплодноста кај жените за повеќе и од 10 отсто“, истакнуваат еко заедниците.
Тие посочуваат на студија од 2010 година фокусирана на градот Лабин, Хрватска, која покажала дека „случаите на спонтани абортуси и мртвородени деца во градот биле значително поголеми за време на периоди на изложеност на загадување на воздухот од блиската централа на јаглен, во споредба со периодите без такво изложување“. Според студијата, соединенијата на сулфат кои се создаваат во процесот на согорување на јаглен од таа централа, го зголемуваат ризикот од спонтан абортус и до 13 проценти, додека изложеноста на ПМ2.5 и ПМ 10 ги намалува стапките на зачнување.
Еко заедниците бараат исклучување на јагленот од производство на електрична енергија, како и замена на апаратите за греење и готвење во домаќинствата со еколошки почисти решенија, како соларни панели.
„Соодветните институции треба да развијат политики за промовирање на здрава бременост, со цел да ги едуцираат жените и мажите за опасноснитет од загадување за време на бременоста, и да ги опремат идните мајки за да се заштитат себе си и својот фетусот. Треба да се обезбеди високо ефикасно филтрирање на воздухот во јавните затворените простории и граѓаните треба да бидат навремено информирани за загадувањето на воздухот со цел да се избегнат активности на отворено за време на периоди со слаб квалитет на воздухот“, велат од „Обединет Балкан за чист воздух“.
Дополнително, наведуваат дека дека е потребно и да се намали употребата на пластика за еднократна употреба, да се заменат синтетичките влакна со природни влакна.
„Преку ова се спречува емисија и голтање на микро и нанопластика. Како за пример, само еден циклус на машина за перење со синтетички алишта ослободува повеќе од 700.000 влакна“, објаснуваат оттаму.
Ја истакнуваат и потребата од подигнување на капацитетите на дијагностичките центри и спроведување на заеднички студии со „користење на мониторинг и мерење на податоци за последиците од загадувањето на воздухот во форма на неплодност, предвремено породување, појава на болести и смрт кај новороденчиња во земјите од западен Балкан“.
„Сите земји од западен Балкан лани во Софија потпишаа Европски Зелен Договор, со кој се обврзуваат да работат интензивно на заштита на животната средина. Ние постојатно сме во контакт со надлежните во сите земји, и продолжуваме со нашиот притисок да промените кои што се ветени, се остварат, без изговори за намален буџет, пандемија или нешто друго. Ако немаме заштита на животната средина, како основно човеково право, на што може воопшто да се надеваме?“, вели Јовановски.
Според него, едно од главните решенија е вистинска контрола врз потенцијалните загадувачи, од општински и државни инспектори. Неговиот став е дека со силни инспекции и на приватни и на физички лица, „може да се покаже дека веќе нема лесно да поминат оние што се дрзнуваат да го загрозуваат здравјето на сите околу нив“.