Македонија засега непречено се снабдува со гас, откако Русија ги прекина испораките на природен гас за Полска и за Бугарија, затоа што одбиваат да плаќаат во рубљи. Русија ја воведе оваа мерка за земји кои ги прогласи за непријателски, откако ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Полска и Бугарија се транзитни земји за гасот, но прекинот засега не се одразува на трети земји кои добиваат руски гас преку нив. Македонија го добива гасот од Русија преку Бугарија од каде што влегува единствениот гасовод во земјава.
„Ситуацијата знаеме дека е многу комплексна и никогаш не се знае какви одлуки може да се донесат наредните денови“, рече министерот за економија Крешник Бектеши, кој додаде дека засега нема најави на прекин за испораките за Македонија.
Среќа во несреќа е што Македонија не е многу зависна од гасот како енергенс и потрошувачката по жител е многу помала отколку во европските земји, иако потрошените количини секоја година се зголемуваат. Бектеши вели дека над 80 отсто од увозот на природен гас се користи од топланите, а грејната сезона е веќе завршена.
„Ние сме подготвени како институции, сите компании се подготвени. Каква и одлука да се донесе, кај нас влијанието ќе биде многу мало, минимално, да не речам нула“, рече Бектеши на денешната прес-конференција.
Лани биле потрошени 426 милиони нормални метри кубни природен гас, а од почетокот на годинава биле увезени 127 милиони. Над 60 комерцијални и јавни потрошувачи и постројки за производство на струја и топлина се директно поврзани на преносната мрежа на природен гас. Со оглед на тоа што Македонија нема складишта за чување на природен гас, според правилата за снабдување со природен гас на Регулаторната комисија за енергетика, секој потрошувач е должен да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија, како што е мазут, течен нафтен гас, компримиран природен гас или екстра лесно гориво. Со оглед на тоа што 80 отсто од гасот трошат топланите, за другите може да се снајдеме, вели Бектеши.
„Околу 20 отсто од целосната потрошувачка, посебно за потребите на индустријата, може да најдеме и преку снабдување со компримиран природен гас. Такво искуство веќе имаме во нашата држава, тоа веќе се прави во ЈП Струмица гас, но сега зборуваме хипотетички, ако се случи целосен прекин на снабдувањето со природен гас преку преносната мрежа која ја имаме со Република Бугарија. Такви најави како институции немаме, и од страна на Руската Федерација и од Република Бугарија“, рече Бектеши.
Тој најави дека наредната недела во Софија ќе има состанок со министрите од целиот регион на кој ќе се разговара за снабдувањето со гас.
Бектеши рече дека се прават планови ако Русија побара гасот да се плаќа во рубљи, но таква одлука не е донесена.
Речиси целиот гас во земјава е руски, а единствениот гасовод во земјава доаѓа од Бугарија преку гасоводот Турски тек.
На долг рок се работи на диверзификација на снабдувањето со гас. Бектеши вели дека тендерот за изградба на гасниот интерконектор со Грција ќе се објави во јуни, а во рок од 18 до 20 месеци треба да биде завршено гасното поврзување со Грција, преку која Македонија ќе добие пристап и до азербејџански гас.
Освен Македонија, преку Турскиот тек се снабдуваат и Србија и Унгарија.
Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека прекинот на испораки од страна на Газпром е уцена и грубо прекршување на договорот. Тој рече дека Бугарија ги преразгледува сите договори со Газпром, вклучително и договорот за транзит.
Газпром, пак, денеска предупреди дека ако Бугарија и Полска нелегално користат од гасот за трети земји кој поминува низ нивна територија ќе ги намалат испораките „за извлеченото количество“. Тоа значи дека ако Бугарија искористи гас кој е наменет за Македонија, тогаш земјава ќе добие помала количина.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска реагираше дека прекинот на испораките за две членки на ЕУ е уште еден обид на Русија „да го користи гасот како инструмент за уцена“.
„Ние сме подготвени за ова сценарио. Во близок контакт сме со сите земји-членки. Работевме на обезбедување алтернативни испораки и на најдобрите можни нивоа на складирање низ ЕУ“, соопшти таа.
Поголеми потрошувачи на гас има во Технолошко-индустриската зона во Бунарџик, а јавни претпријатија за снабдување со гас има во Струмица и во Куманово. Во Куманово има 100 потрошувачи, а во Струмица 315. Со оглед на тоа што до Струмица нема гасовод, тамошното јавно претпријатие дистрибуира компримиран природен гас.