Достапни линкови

ЕУ и САД со нови санкции против Русија „за поголема изолација“ поради нападот врз Украина


ЕУ соопшти дека четвртиот пакет мерки е со цел дополнително да се изолира Русија и да и се исцрпат ресурсите што ги користи за финансирање на инвазијата врз Украина. САД соопштија дека со мерките ќе се отповика статусот на „постојани нормални трговски односи“ со Русија.

ЕУ и САД најавија нови санкции против Русија поради нејзината инвазија врз Украина. ЕУ ќе го суспендира привилегираниот трговски и економски третман на Русија, ќе ја запре нејзината употреба на крипто-средства и ќе го забрани извозот од блокот во земјата на луксузни стоки и увозот на стоки од железо и челик, изјави денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Новите мерки претставуваат четврт сет на санкции, координирани со САД и другите сојузници на Г7.

„Утре ќе преземеме четврти пакет мерки за дополнително да ја изолираме Русија и да ги исцрпиме ресурсите што ги користи за финансирање на оваа варварска војна“, рече фон дер Лајен.

Како прв чекор, ЕУ ќе забрани увоз на стоки од секторот железо и челик. Фон дер Лајен во соопштението додаде дека правата за членство на Русија на водечките мултилатерални институции, како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, ќе бидат суспендирани.

„Русија не може грубо да го крши меѓународното право и во исто време да очекува да има корист од привилегиите да биде дел од меѓународниот економски поредок“, рече фон дер Лајен.

Европската унија конкретно ќе го забрани извозот во Русија на луксузни стоки од ЕУ со цел да им се нанесе удар на руските елити, притоа тие да не можат да користат крипто-средства за да ги заобиколат санкциите. Блокот ќе забрани и нови европски инвестиции во енергетскиот сектор на Русија.

„Оваа забрана ќе ги опфати сите инвестиции, трансфери на технологија, финансиски услуги итн. за истражување и производство на енергија и на тој начин ќе има големо влијание врз Путин“, рече фон дер Лајен.

Увозот на стоки од ЕУ од Русија изнесуваше вкупно 145 милијарди евра во 2019 година, според статистичката канцеларија на ЕУ, Евростат, од кои 101 милијарда евра се за нафта и гас.

И Белата куќа соопшти дека наметнува „нови економски акции“ против Русија и дополнително ја изолира земјата од глобалниот финансиски систем.

Американскиот претседател Џо Бајден при објавувањето на мерките рече дека во склад со групата Г7 на богати нации, Вашингтон ќе го отповика статусот на „постојани нормални трговски односи“ со Русија, кој вообичаено се нарекува статус на најповолна нација, за да го казни претседателот Владимир Путин поради неговата инвазија на Украина.

„Слободниот свет се здружува за да се соочи со Путин“, рече Бајден.

Промената на трговскиот статус го отвора патот за САД да воведат царини за широк спектар на руски стоки, вклучувајќи алкохол и морски плодови, меѓу кои и руската вотка и кавијар.

„Путин е агресор и тој мора „да плати цена“, рече Бајден.

Тој, исто така, рече дека САД ќе додадат нови имиња на списокот на руски олигарси кои се санкционирани и ќе забранат извоз на луксузни стоки во Русија.

„Тоа се најновите чекори што ги преземаме, но не се последните чекори што ќе ги преземаме“, изјави Бајден.

Белата куќа соопшти дека мерките, кои исто така вклучуваат отфрлање на привилегиите за задолжување на Русија кај мултилатералните финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, продолжување на санкциите за руските олигарси и нивните семејства и забрана за нови инвестиции во кој било сектор на руската економија.

„Русија сега e глобалнo економски и финансиски отфрлена“, се вели во соопштението.

Путин посочи дека руската економија може да опстане и покрај санкциите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денеска разговарал со Бајдени и дека се договориле за понатамошна поддршка за одбраната на Украина и повеќе санкции против Русија.

„Му дадов оценка за ситуацијата на бојното поле, информирав за злосторствата на Русија врз цивилното население. Се договоривме за понатамошни чекори за поддршка на одбраната на Украина и зголемување на санкциите против Русија“, напиша Зеленски на Твитер.

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Украинските власти денеска соопштија дека се надеваат дека ќе бидат отворени некои хуманитарни коридори за да им се овозможи на цивилите да побегнат од интензивните борби, особено во јужниот град Мариупол, каде луѓето се без вода и струја повеќе од една недела, при што обидите да се постигне договор да се договор за прекин на огнот и безбедно поминување не успеваат.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе отвори хуманитарни коридори од Киев, Суми, Харкив, Мариупол и Чернихив. Но, сличните потези во текот на претходните денови имаа многу ограничен успех поради континуираното руско гранатирање и покрај тврдењата за еднодневен прекин на огнот. Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG