Достапни линкови

Првите разговори Русија-Украина на високо ниво во Турција без договор за прекин на огнот


Рускиот министер Сергеј Лавров и укрианскиот Дмитро Кулеба на разговори во Турција.
Рускиот министер Сергеј Лавров и укрианскиот Дмитро Кулеба на разговори во Турција.

Нема напредог на првите разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија, што се одржаа во Турција. Во вчерашниот руски напад на породилиште во Мариупол загинале три лица, меѓу кои една млада девојка, соопштија украинските власти. Во Суми продолжува евакуација на цивилите. Украина е тема на разговри и за време на посетата на потпретседателката на САД на Полска и за Состанокот на ЕУ во Версај.

Не успеа да се постигне договор за прекин на огнот средбата на високо ниво меѓу украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Ова се први разговори на високо ниво меѓу двете земји откако Москва започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Кулеба по состанокот во турскиот туристички град Анталија рече дека Лавров не се обврзал да обезбеди хуманитарен коридор во опколениот град Мариупол. Тој додаде дека Украина е подготвена да продолжи да се ангажира за да се најде пат за запирање на војната.

И Лавров рече дека Русија е подготвена да ги продолжи разговорите, истакнувајќи дека има одреден напредок за време на трите рунди преговори меѓу Киев и Москва кои се водеа на границата со Белорусија.

Лавров рече дека Москва и ги претставила на Украина своите предлози како да се стави крај на конфликтот и очекува одговор. Кулеба рече дека руските барања се ништо помалку од целосно предавање на Украина.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој исто така учествуваше на разговорите, пред средбата рече дека разговорите имаат за цел да направат чекор кон средба меѓу рускиот и украинскиот претседател.

Разговори на Кулеба и Лавров во Турција.
Разговори на Кулеба и Лавров во Турција.

Досега руски и украински преговарачи одржаа три рудни на преговори, на пониско ниво, за изнаоѓање начин да се стави крај на инвазијата.

Продолжува евакуацијата од Суми

Во меѓувреме трет ден по ред цивилите продолжуваат да го напуштаат опколениот украински град Суми преку „хуманитарен коридор“ по договорот за локален прекин на огнот, рече регионалниот гувернер.

Неколку илјади луѓе го напуштија Суми оваа недела според договореното со Русија. Луѓето, исто така, ги напуштаат блиските населби Краснопиља и Тростјанец, рече гувернерот Дмитро Живицки.

„Колоните за (евакуација) си заминуваат. Договорен е прекин на огнот!“ тој рече.

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Разговорите на високо ниво доаѓаат еден ден откако во руски напад на породилиште во црноморскиот пристанишен град Мариупол загинале три лица, меѓу кои , една млада девојка, соопштија украинските власти. Претходно од украинска страна соопштија дека во нападот се ранети 17 луѓе, меѓу кои и лекари.

Нападот во Мариупол, украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како воено злосторство.

„Три лица загинаа, меѓу кои и едно женско дете, во вчерашниот напад на детска и породилна болница во опколениот украински Мариупол, според ажурираните податоци утринава“, соопшти градскиот совет на својот канал на социјалната мрежа Телеграм.

„Руските сили го уништуваат цивилното население во Мариупол намерно и без милост“, соопшти градскиот совет.

Тие велат дека 1.200 жители на Мариупол биле убиени во деветдневната руска опсада.


Бомбардирањето, кое предизвика бран на меѓународна осуда, е само дел од нападите врз медицински установи од страна на руските силите. Според Светската здравствена организација (СЗО) од почетокот на инвазијата биле нападнати 18 медицински установи.

За Украина ќе се зборува и за време на денешната посета на американската потпретседателка Камала Харис на Полска. Таа по посетата на Варшава утре оди во посета на Романија. И лидерите на Европската унија денеска во Франција одржуваат Самит за да најдат начини за итно решавање на влијанието на руската инвазија на Украина врз Унијата.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја во моментов претседава со ЕУ, ќе го предводи кризниот самит во палатата Версај.

„Руската агресивна војна претставува тектонска промена во европската историја“, се вели во нацртот на завршната декларација која треба да биде усвоена по дводневната средба, јавува агенцијата Франс прес која имала убив во декларацијата.

На Самитот се очекува да се разгледа и молбата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, земјата брзо да се приклучи на ЕУ и да избега од канџите на Русија.

Дипломатите велат дека главната тема на самитот е итно да се истражат начини за консолидирање на самодовербата на ЕУ во енергетскиот сектор.

Зголемувањето на цените на енергенсите, предизвикано од инвазијата во Украина, ја загрози економијата на ЕУ, која е веќе ослабена од пандемијата на коронавирус.


ЕУ увезува околу 40 отсто од своите потреби од гас од Русија. Германија која е најголемата европска економија, е особено зависна од протокот на енергија, заедно со Италија и неколку земји од централна Европа.

Околу една четвртина од увозот на нафта во ЕУ доаѓа исто така од Русија.

Зависноста на Европа од руски енергенси ја предизвика првата пукнатина во солидарниот одговор на Западот на руската агресија, при што ЕУ оваа недела не ги следеше одлуките за забрана за увоз на руска нафта, донесени од САД и Велика Британија.

Според конечната декларација што треба да биде усвоена, лидерите на земјите членки на ЕУ претпазливо ќе се согласат потполна да ја укинат зависноста на Унијата од руски гас, нафта и јаглен.

Повеќе од 2 милиони луѓе ја напуштила Украина

Бројот на луѓе што ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија продолжува да расте, а шефот на агенцијата за бегалци на Обединетите нации УНХЦР на 9 март процени дека бројката сега достигна некаде близу 2,2 милиони луѓе.

Повеќето од нив преминале во соседна Полска, каде што граничната служба соопшти дека до 10 март пристигнале околу 1,43 милиони Украинци.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG