Достапни линкови

Нафтата и гасот „рипнаа“, европските берзи во пад по ескалација на воениот конфликт


Руското преземање на контрола врз украинската нуклеарна централа во Запорожје ги бутна цените на акциите на светските берзи. Македонската берза, пак вчера, покажа благо стабилизирање по првичниот шок од воениот конфликт.

Цената на нафтата денеска направи рекорден скок незабележан во изминативе 8 години, поради руската инвазија во Украина која доведе до невидена побарувачка на ресурси во налет на застрашувачкиот знак на глобална инфлација. Главните европски берзи продолжија да бележат загуби денеска по тензиите во Украина кои ескалираа откако Русија ја презеде контролата врз најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје.

Нафтата денеска достигна цена од 120 долари за барел, што е за 22 проценти повисока во однос на минатата недела, додека цените на се останато, од природен гас до алуминиум достигнаа „плафон“ по новите западни санкции кон Русија.

Цената на алуминиумот, бакарот и никелот се искачи на највисоко ниво досега, бидејќи новите санкции кон Русија поради нејзината инвазија врз Украина може дополнително да го нарушат протокот на стоки од еден од најголемите светски производители.

Русија испорачува околу 30 проценти од европскиот увоз на гас и сочинува 11 проценти од светското производство на нафта. Цената на гасот во Европа утринава порасна на повеќе од 2. 279 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза. Вкупниот раст на цената на гасот достигна 22,5 отсто.

„Накратко инвеститорите се загрижени од стагфлациски шок“, вели раководителот на инвестицискиот фонд Шејн Оливер за новинската агенција Ројтерс.

Зголемувањето на цените на суровините ја зголеми загриженоста за потенцијалната стагфлација, кога зголемената инфлација и стагнираното производство ја нарушуваат економијата и создаваат простор за зголемена невработеност.

Стагфлација е состојба на економска стагнација која е придружена со раст на цени поради инфлација во комбинација со пад на брутодомашен производ (БДП). Во таква ситуација светските берзи деновиве по првичниот шок од конфликтот забележаа различни резултати. На пример побарувачката на ресурси ги подигна цените на австралиската и индонезиската берза.

Американскиот берзански индекси паднаа за 0,17 до 1,44 проценти, додека европските берзи се затворија синоќа со пад од 2,1 процент. Просекот на падот на акциите во целиот свет изнесува0,56, покажуваат податоците на MSCI.

Инфлацијата во еврозоната достигна високо рекордно ниво од 5,8 проценти во јануари што дополнително ги загрижува инвеститорите и Европската централна банка која стравува дека не може повеќе да ја држи лабава економската политика, јавува Ројтерс.

Македонската берза ги почуствува последиците од руската инвазија врз Украина

Ни македонската берза не е имуна на воениот шок од руската инвазија врз Украина. По првичниот вртоглав пад на денот на рускиот напад врз Украина, во изминативе два до три дена се бележи благ раст и мала стабилизација на пазарот на хартии од вредност.

Главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски објаснува дека станува збор за тренд кој е својствен за развиените пазари кој се прелеа и на македонскиот пазар на капитал. Падот на берзанскиот индекс на тој ден изнесуваше околу 10 проценти, вели тој.

„Тоа е повеќе базирано на сентимент кој што негативен во странство и соодветно на тоа и македонските инвеститори реагираат со внимателно позиционирање на пазарот и прилагодување на нивните портфолија. Се уште не може ни да претпоставиме какви ќе бидат ефектите, бидејќи целиот процес е во тек и никој не може да предбиди во која мера ќе се одразат на реалните резултатите на компаниите овие ефекти од руско-украинскиот воен судир“ вели Марковски.

Тој објаснува дека падот на цените на македонските акциите беше линеарен затоа што пазарот не е толку сегментиран за да се издвојуваат компании кои имаат позасилена соработка со Русија, па од тие причини на пример да паѓаат нивните акции, додека на другите да стагнираат или растат. Се работи повеќе за позиционирање на инвеститорите и претпазливо продавање поради неизвесноста предизвикана од конфликтот.

“Неизвесноста ќе трае се додека трае конфликтот, но со тек на време очекува да биде апсолвирано од пазарот како информација и одредени новости во која било насока да влијаат на пазарот, но генерално она што суштински ќе биде битно е периодот на траење на целата криза и соодветно на тоа очекуваните последици во однос на реалните перфоманси на компаниите“ вели Марковски.

Денот кога почна руската инвазија врз Украина македонскиот берзански индекс забележа најголем пад, каков што не беше забележан од почетокот на пандемијата на коронавирусот со вредност од 5.627,16 поени. Во црвено беше вредноста на сите најдесет тргувани акции.

Најголем пад на вредноста на акциите забележа Макошпед АД Скопје, чијашто вредност се намали за 11,48%. Вредноста на акцијата на Макпетрол АД Скопје се намали за 10 проценти, на Комерцијална банка АД Скопје за 9,99%, на Гранит АД Скопје за 9,97%, а висок пад на вредноста забележаа и Стопанска банка АД – Скопје, Алкалоид АД Скопје, Гранит АД Скопје, Стопанска банка а.д. Битола, Телеком. Најмала загуба забележа Макстил со минус од 3,14 проценти. Убедливо најтргувани беа акциите на Комерцијална банка АД Скопје со вкупен промет од 38,3 милиони денари.

По падот на вредноста на акциите, во деновите што следуваа дел од компаниите си повратија дел од загубите. На пример Макстил си поврати 9 проценти од загубата додека Макпетрол од минус 10 проценти порасна само за 0,9 проценти. На пример вредноста на акцијата на Алкалоид од речиси 20 илјади денари на 24 февруари падна на 16 илјади за денеска да изнесува 17 284 денари.

Финансиските експерти сметаат дека ова е очекувано со оглед дека светот се соочува со воени активности и безбедноста е доведена во прашање, но сметаат дека ситуацијата брзо ќе се стабилзира и акциите повторно ќе се вратат во зелената зона.

Инфлацијата дополнително ќе ги „замрси“ сметките

Извршниот директор на брокерката куќа Инвест брокер Филип Петрушевски вели дека по првичниот шок и паника, цените неделава се стабилизираа со тоа што се намалува прометот на тргување а цените малку по малку паѓаат. Тој додава дека во блиска иднина освен воениот конфликт влијание врз македонскиот пазар на капитал ќе имаат и други факори.

„И така сме влезени во зона на висока инфлација дополнително да ја подгори, ако потрае подолго, но многу голем фактор ќе биде и психата, односно очекувањата на инвеститорите. Поконкретно ќе зависи и од тоа дали ќе има паника или еуфорија, односно колку ќе трае целата ситуација, како ќе се развива, дали ќе има зголемен наплив на паника или ќе се стабилизира релативно брзо со што евентуално ќе влезат во еуфорија на купување на акции по пониски цени“ објаснува тој.

Петрушевски вели дека не може да се прави паралела на македонскиот со странскиот пазар на хартии од вредноста затоа што странските берзи и пред конфликтот веќе беа во пад поради инфлацијата. За разлика од нив македонската берза сега ги почувствува тие последици кога почна и воената криза.

Светските и македонските брокери велат дека иако реакциите се очекувани, не треба да се дозволи стравот да го „замрзне“ пазарот особено поради добрите перформанси на компаниите кои заздравуваат и покажаа одлични резултати и во период на пандемија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG