Ана Пандевска е современа македонска композиторка. Една од најавангардните и најталентираните од својата генерација. Таа е автор е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела кои опфаќаат различни музички правци и жанрови... минимализам, фолклор, џез, електроакустична и амбиентална музика. Притоа, умешно во својата експериментална звуковност тргнува од времето и особено просторот во кои живееме. И, особено значајно нејзиното творештво честопати има амбиции и успева да биде социо-политички коментар на истата таа стварност. Чисто како потсетување во нејзината композиција „Life in a Box“, инаку напишана во 2015 година, беше опишана голготата низ која помина новинарот Томислав Кежаровски со своето семејство. Тоа наедно беше своевиден печат за едно време низ кое поминуваше нашата држава.
Како редовен член на СОКОМ добитник е на повеќе награди и признанија за класична композиција. Успешна во земјава, таа полека и студиозно го почнува својот поход во регионот и цели кон засилена презентација на творештвото во глобални рамки.
Згора Пандевска аматерски се бави со сликарство и дури се осмели дел од него да претстави на еден од концертите со авторка музика, а сеуште ја чекаме реализацијата на идејата да напише книга за електроакустична музика.
Во прегледот за оствареното во 2021 ќе забележите дека, наспроти светската пандемија, зад вас е една успешна година. Покрај редовните обврски со 9 нови композиции, музика во вкупно траење од некаде 80 минути, премиерна изведба во Филхармонија на делото „Електроакустична симфониска поема – Скопје“, целовечерен концерт со музика за флејта во Музеј на македонската борба, уште неколку изведби на Циклусот на електроакустична музика за деца ... и конечно со објавувањето на албумот со авторска музика за СОКОМ. Како го објаснувате ваквиот засилен ангажман? Беше ли тоа начинот на ваша борба против сето она што ни се случуваше во изминатиов период на изолација?
Некако сами се наредија работите. Како почна пандемијата, така изведувачите ги интезивираа нивните желби за изведби на нова музика и секојдневно почнав да добивам нарачки за одредени инструменти, состави па и целовечерни концерти со моја авторска музика. Година дена однапред знаев 90 отсто од она она што ќе треба допрва да се сработи, па тоа ми дојде како освежување во деновите на изолација и покрај тоа што мене изолцијата ми е природна состојба со оглед на изолираната композиторска работа меѓу четири ѕида, а и интровертниот карактер. Ме бараа и наши изведувачи кои живеат надвор, а кои воопшто и не ги познавам лично, но тие ја следат мојата работа. Една од нив беше и Хајди Елзесер која е пијанистка која живее и работи во Германија. Ми побара дело наменски за фестивал на современа музика во Детмолд Германија кое подоцна за време на пандемијата и го изведе. Потоа нашата флејтистка и вокал Билјана Камчева ми се обрати со желба за премиерна изведба на моја музика за целовечерен електроакустичен концерт. Почнав со работата и речиси година дена го спремавме концертот, имавме прекрасна соработка и разбирање и процесот на подготовки течеше мнгу лесно и едноставно и покрај тоа што се сами подготвувавме. Од создавање на музиката и проби, па се до организирање на концертот ( Избор на сала, изнајмување опрема, правење дизајн за плакат и програмчиња, ангажирање тонец . . . ) Се тоа сами, со финансиска поддршка на скромни средства од Министерството за култура. Морав да направам распоред кое дело во кој месец ќе го пишувам за да постигнам се. Потоа следеше понудата за ЦД од СОКОМ на која посебно се радувам, тоа е мое прво издание на кое сум многу горда, на него се наоѓаат селектирани дела кои веќе беа снимени и средени продукциски само чекаа време и понуда за издавање. Промоција со концерт на ЦД – то не направивме токму поради мерките за КОВИД кои беа засилени во тој период. Премиерата во Филхармонија беше исто така големо искуство за мене како автор и сатисфакција за создавање во иднина. Циклусот за деца “ Во светот на чудата“ се изучува во скоро сите наши нижи музички училишта, а оваа година и се изведе во Валандово и Струмица. Она што најмногу ми фалеше за време на пандемијата е контактот со публиката и отежнатиот начин за изведба во живо. Публика имаше на сите концерти, но не во бројот кој е вообичаен за ваквите концерти.
Каков е вашиот принцип на работа? Како се раѓа музиката во вас како композиторка? Колку притоа ги следите каноните, а колку сопствената интуитивност, сопствената мисла и емоција? Што значи за еден творец да има свое писмо, своја препознатлива музика?
Многу е тешко да се опише процесот на создавање, но она што е заедничко за секое дело е тоа што почнувам со скица. Не почнувам со работа додека целото дело претходно не го осмислам, зошто во спротивно голема е веројатноста дека ќе лутам со мислата и делото нема никогаш да го завршам. Во подготовка на скицата смислувам се ( избор на инструментација, форма, развој, архитектоника на партитура, кулминација во временскиот прстор, карактер, динамички развој или контраст на материја . . ) Секако кога ќе почнам да работам по скицата, во процесот на компонирање ќе направам некои мали измени во функција на подобрување во изразот. Доколку појдовната идеја за музиката е некоја вонмузичка идеја или програмност тогаш самата програмност одредува некои од параметрите како: карактерот, динамиката, изборот на хармонскиот јазик. Композиторскиот занает кој го имам стекнато за време на школувањето ми служи како алатка во изборот на постапките, но не и како строга водилка. Она што ми е главна водилка е тоа што го создавам во моментот да ги задоволува моите естетски вкусови, а не академските. Пишувам музика која би сакала и самата да ја слушам, без да бидам водена од светските трендови на современата сериозна музика, па затоа често си дозволувам да излезам од рамките на академизмот и свесно да оставам влијанијата од џез музиката, амбиенталната, фолклорната музика па и струењата од западните земји како минимализмот да се преплетат со строгите норми на класичната школа. На крајот добивам естетски еклектична музика, која е дел од моите интензивни преслушувања на разни музички правци кои ми се допаѓаат, симбиоза од разни стилови и музички жанрови. И можеби тоа е моето писмо кое го препознаваат изведувачите и публиката, треба нив да ги прашаме . . .
И, кон ова дали Ана Пандевска посигурно, покомфорно се чувствува во творештвото кое е бележано како електроакустична музика? Се менува ли свеста, разбирањето за неа овде кај нас?
Не би рекла дека наоѓам комфор во електроакустиката, напротив, наоѓам предизвик. Особено што немам академска наобразба во електроакустична музика, туку сум самоука во тој правец. Во 2014 година беа моите први обиди да ги спојам строгите калсичарски пристапи во работата со современите технологии и оттогаш сеуште ми е предизвик да се усовршувам во техниката. Технологиите секојдневно се менуваат, изборот на ВСТ инструменти и бои се збогатува секојдневно во ИТ музичките програми и дури тешко е и да се дофатат новите и модерни продукции, а особено кога човек сам трага по решенијата и изучува, истражува и создава попатно. Но со оглед на тоа што никогаш не сум ја избирала полесната и побрза варијанта за пат до успех, не ми е чудно што наоѓам фасцинација и предизвик во непознатото. Ме радува што мојата електроакустична музика допира до публиката, а особено е со голем интерес прифатена од изведувачите кои никогаш поретходно не изведувале ваква музика, па често добивам коментари дека едвај чекаат и за нивниот инструмент да напишам нешто да свират, бидејќи им е ново и интересно. Разбирање кај публиката има за секаков тип на музика, прашање е само како е презентирана и со кој квалитет е сработена. Кога нешто се работи искрено и со љубов порано или подоцна вродува со интерес и разбирање кај конзументот.
Од она што го знаеме, вашата композиција “Crystal drops” која е дел од циклусот “Landscape atmospheres” за пијано и трака беше селектирана на конкурс во Флорида, Америка и се изведе во Музејот за Современа уметност MOCA Jacksonville Florida. Згора, делото “Bells on my piano” беше селектирано од Концертната агенција “pop depression” и влезе во нивната дигитална компилација како дел од издавачката ќука од Белград. Вие бевте меѓу меѓу три најдобри на конкурс од страна на Nizco music, USA... и така со ред. Полесно ли е денес да се граби напред во светот отколку овде дома?
Не. Македонската публика одлично ме прифаќа, дури и повеќе од моите очекувања. Изведувачите можат полесно да стигнат до мене и секојдневно имаат желба за нова музика и директен контакт за соработка, тоа бескрајно ме радува. Колку повеќе работам, толку повеќе нови понуди за работа ми пристигаат. Додека надвор, бидејќи немам директни контакти, праќам анонимни апликации на нивните повици, некогаш ме селектираат во потесниот круг, некогаш не. И тоа е сосема нормално и го прифаќам како дел од созревањето како автор. Секако радоста е голема кога ќе ми стигне известување дека сум селектирана за изведба во Америка или било каде на друго место во светот каде конкуренцијата е енормно голема. Инаку, интернетот е алатка која дава лесна достапност на информации и конекција до било која точка на планетата, така што можностите за соработка се огромни, но тоа бара голема енергија и време за истражување на конкурси, а потоа и многу време за пополнување на апликации кои се често обемни, после тоа следи чекање со месеци за резултати од комисии. Сето тоа во комбинација со концертни активности и создавање на нова музика одзема многу време и енергија и бара голема пожртвуваност.
Ако за еден музичар, репродуктивен уметник за да успее во светот освен неговата виртуозност и харизма му треба способен агент или Агенција, што му треба на еден композитор за да го стори тоа истото? Своето творештво да и го претстави на на публиката глобално.
Потребни се издавачки куќи кои ќе застанат позади работата на авторите. Кои ќе издаваат ЦД – а и плочи со авторска музика. Потребни се професионални музички студија и продукции, потребни се музиколози кои ќе се осврнат со трудови кои ќе го анализираат музичкото творештво на композиторите па издавачи на научна литература да ги издава тие трудови но и партитурите на композиторите. Потребни се радио станици и медиуми специјализирани за промовирање на исклучиво современа сериозна авторска музика. Потребни се новинари кои темелно ќе ги следат музичките настани и ќе прават осврт на истите. Кај нас се ова е на маргините, живутари со финансиски средства и површно се работи, чест на мали исклучоци кои се борат со последни сили нешто да се сочува, зошто да не се лажеме издаваштвото е сепак архив без разлика дали е дигитален или хард копи, тоа е архивирање на авторството кое останува како наследство на една држава за идните генерации. Ние не сме ни на почетокот.
Во време на вакви комуникациски можности и отворени виртуелни порти треба ли да се патува, живее и твори надвор од татковината за да се стори нешто повеќе во кариерата?
Секако. Музиката треба да заживее и да си го најде патот и надвор од границте на една држава. Тоа е мотив кај секој музичар, без разлика дали станува збор за репродуктивец изведувач или автор. Само за жал кај нас нема луѓе, агенции и издавачи кои ќе застанат позади авторите и ќе ја дистрибуираат музиката надвор, се е оставено на трудот и амбициите на самите автори. Сојузот на композиторите е единствена куќа која ги пласира делата на авторите за изведба надвор, но тоа не е доволно, особено за композиторите кои создаваат по седум, осум па и повеќе композиции годишно.
Се обидувате ли она што го потпишувате да стигнете до малку повеќе етаблираните издавачки куќи кои би ја печателе и дистрибуирале вашата музика? Возможно ли е тоа кога доаѓате од една мала средина како нашава каде културата е повеќе или помалку на маргините на политичките игри?
Се трудам да најдам формула како самата да ја пласирам музиката надвор, но повторно ќе кажам тоа е еден исцрпувачки процес кој треба да биде одвоена самостојна работа од онаа творечката, бидејќи одзема премногу време и енергија. Јас имав среќа оваа година да влезам со делото “Bells on my piano” во Белградската издавачка куќа „Pop depression“ но тоа е само едно дело од целиот мој опус. Кај нас освен СОКОМ кој се бави со издаваштво и во последно време и ПМГ со нивниот нов лејбл за авторска сериозна музика кои се ентузијасти и им даваат поддршка на авторите, други издавачи нема. Мислам дека тоа и ги демотивира останатите композитори на современа музика. Ако се анализира на прсти можат да се избројат композиторите кои активно работат и создаваат нова музика.
СОКОМ, и покрај минатогодишните турбуленции низ кои минуваше, со серијата изданија го објави и вашиот албум со авторска музика. Колку оваа објава е потстрек и обврска за вас како творец?
Имам материјал за издавање на најмалку пет нови ЦД –а. СОКОМ ми направи голема чест и радост што го издаде моето првенче, но тоа ми даде и до знаење дека треба да направам нешто повеќе на тоа поле. Да најдам начин и останатата музика која ја работам да се издаде како дигитално така и во хард копи. Да не оставам се да остане само на изведби во живо и аматерски снимани видеа со телефон, туку да најдам начин за квалитетни студиски аудио снимки кои подоцна ќе се најдат на нови изданија.
Пред нас е 2022 година. Како композитор со што влегувате во неа? Премиерна изведба, концерт, објава... Какви вести да очекуваме од вас во догледен период?
На почетокот на новата година имам најави за неколку соработки. Во моментов работам на ново електракустично дело, по барање на кларинетистот Васко Дуковски, кој живее и работи во Кина. Тој сака делото да го изведе и да го стави на компилациски албум.
Имам најава за концерт и снимање на дело кое го напишав минатата година за две гитари, во изведба на двајца млади гитаристи од Германија.
Во февруари очекувам изведба на делото „ Дуња и Дарин“ од страна на црногорската пијанистка Марија Митровиќ, како и изведба на циклусот електроакусична музика за деца “Во светот на чудата“ во Црна Гора од страна на учениците од нејзината пијано класа.
Друг убав проект на кој многу се радувам е за арт видео на наша позната режисерка, работено по моја музика, а во изведба на харфистката Весна Микиќ.
И на список ми стои компонирање на втор дел, односно осум нови пиеси за циклусот електроакустична музика за деца, за кое исто така имам најава за издавање на ЦД. Тоа се активностите кои во моментов знам дека ќе следат, а сигурна сум дека ќе се јават и други прилики во текот на годината.