На СОС телефонот за деца и млади, во рамки на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, минатата година свртеле повеќе од 329 лица, а нивните дојави опфатиле 450 деца и млади. Ова го покажува статистиката на Меѓаши, која забележува и дека бројот на случаи во 2021 година е зголемен за 30 % во споредба со 2020 година.
Но, ретко се случува младите сами да кренат телефон за да побараат поддршка. Како што велат од ПДАС Меѓаши, најчесто првиот контакт го прават родителите, старателите, или пак, лица од поблиското семејство.
„Генерално мислам дека сè уште кај нас е застапено мислењето дека кога бараме помош најчесто имаме проблем. Па затоа тука би апелирала дека не треба да се гледа на СОС линијата за деца и млади како - линија која што ја контактирам кога имам проблем, напротив - кога ми треба некое мислење, имам некоја дилема, или кога не знам кому да му се обратам. Така што, мислам дека тој аспект е клучен за тоа зошто ние немаме јавувања од децата, туку повеќе од родителите“, изјави за РСЕ, Клементина Добревска од Меѓаши.
Кои се најчестите проблеми?
„Meѓу најчестите проблеми за коишто се јавуваат практично секоја година се семејните односи, односно проблем со остварување на правото за контакт или средби на децата на разведени родители, непочитување на решението што го носи центарот за социјални работи. Понатаму, сите категории на насилство, емоционално, физичко, дури и занемарувањето и негрижата се една од причините. За жал во 2021 година сè уште зборуваме и за суштинските потреби како причина за дојава. Односно, изложеноста на несоодветни услови за живот на децата коишто го попречуваат и нивниот оптимален раст и развој. Голем број на деца во Македонија заедно со своите семејства сè уште живеат на раб на егзистенција, при што нивните детски права сериозно се загрозени“, велат од Меѓаши.
Дојави за емоционална вознемиреност
„Конкретно во 2021 со 13 % застапеност во вкупниот број на дојави е нарушеното ментално здравје кај децата. Така што, емоционалната вознемиреност е последица сама по себе од нарушените семејни односи со родителите при брако-разводните постапки, како и неможноста да децата да се гледаат со двајцата родители“, додава Добревска.
Како да се охрабрат децата и младите да речат „Ало Бушавко“ на 070390632?
Со надеж дека ќе се доближат до целната група, СОС линијата од неодамна е преименувана во „Ало Бушавко“, а наскоро ќе биде официјално лансиран и веб сајт со исто име. Идејата е да им се понуди нов комуникациски канал на децата и младите – писмена комуникација во живо: чет или преку електронска пошта. Бидејќи, како што велат, Бушавко разбира дека не сака секој веднаш да стапи во комуникација, ќе понуди и едукативни содржини на различни теми од интерес за децата, младите, но и возрасните, како поддршка, совет и насока.
„Би сакала да ги охрабрам и родителите и наставниците да го начнуваат значењето на СОС телефонот како линија во којашто децата се ислушани, поддржани и советувани, без притоа да се наруши нивната анонимност и приватност“, вели Добревска.
На првиот телефон за деца и млади, во изминативе 29 години колку што постои, стигнале повеќе од 20000 дојави, со што се опфатени и над 20000 случаи. Целта на линијата е да се заштитат правата на децата и младите и да се даде психолошка поддршка преку разговор.