Секоја новогодишна резолуција, и индивидуална и колективна, важно е да се основа на резултатите и предизвиците од претходната година. И така, пред да почнеме како општество со одговор на прашањето ‘Кои промени и инвестиции ќе ги направиме за младите во 2022?’, не почнуваме со празна страница, туку релевантните индикатори и податоци за млади од претходните години треба да ни бидат насоки за испишување на новите стратегии и политики. Индексот за младинско учество 2020 ни даде интересни податоци за млади, независно дали се охрабрувачи и поразителни, важно е да бидат земени предвид. Оттука, мојата Резолуција за млади во 2022 би ги опфаќала следниве приортитети:
1. ДА ИМАМЕ ПОДАТОЦИ ЗА МЛАДИ
Важноста на поседување податоци за младите луѓе е затоа што податоците ни укажуваат за можностите и предзивиците со кои се соочуваат младите луѓе во Северна Македонија и на тој начин ни даваат насоки за идните политики, механизми и цели за оваа демографска група. Вака како за почеток на нова година ајде да ве почестам со еден важен податок за младите луѓе добиен од Државен завод за статистика. Вкупната бојка на млади во нашата земја (од 15 – 29 години) изнесува 393541. Младите се прилично избалансирана демографска група, 202506 се мажи, а 191035 се жени.
2. ДА СОЗДАДЕМЕ МЕХАНИЗМИ КОИ ЌЕ ГИ ОТВАРААТ МОЖНОСТИТЕ ЗА ПОЛИТИЧКО УЧЕТСТВО НА МЛАДИТЕ
Дали знаете дека четири години по ред во нашата држава немаме ниту еден млад министер во Владата на Република Северна Македонија. 0.00 % е и бројката на застапени млади луѓе на позициите заменик министер. А млад градоначалник/чка во последните две години исто е 0.00%. Овие податоци реферираат кон немање знаење, немање можности, немање доверба во политичкото учество помеѓу младите луѓе во нашето општество.
3. ВО 2022 ДА ИМАМЕ СТРАТЕГИЈА ЗА КОНТИНУИРАНО ИНФОРМИРАЊЕ НА МЛАДИТЕ
Градењето на општество пријател на младите изискува информирани млади. Затоа да не се штедиме, бидеме трпеливи и разбирливи за младите. Иако општеството (со акцент на институциите) ги користат каналите за информирање блиски до младите (социјалните медимуми) важно е младите и да ја разберат информацијата и истата да биде доволно атрактивна за да ги вклучи во носењето на одлуки.
4. ДА ЈА ПРЕВЕНИРАМЕ СИРОМАШТИЈАТА ПОМЕЃУ МЛАДИТЕ
Податокот дека секој четврт млад човек во нашата држава е во ризик од сиромаштија, е сериозен податок за преземање ‘сега и веднаш’ чекори. За жал, младите се посиромашни од националниот просек на сиромаштија. Во ова време каде социјалното учество е детерминирано од можностите кои ги има младиот човек, прави на младите да му е срам како сиромашни да учествуваат. Настрана фактот дека немаат можности за учество.
5. МЛАДИТЕ ДА ИМААТ КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ СПОРЕД НИВНИТЕ ПОТРЕБИ И ОЧЕКУВАЊА
Податоци кои го одразуваат квалитетот на живот за младите во нашата држава речиси и да нема. Оттука проценките слаб, недоволен, низок квалитет на живот не се базираат на податоци. Евидентно е дека младите луѓе во различни истражувања го истакнуваат лошиот квалитет на живот за нив дома, бидејќи се невработени, бидејќи немаат пристап до здравствени услуги, бидејќи има изразени нееднаквости, бидејќи немаат можности за осамостојување и домување итн.
6. МЛАДИТЕ ДА НЕ СЕ РИЗИЧНА ГРУПА, ТУКУ ДА БИДАТ МЛАДА РАБОТНА СИЛА
Пристапот кон младите како кон проблем а не решение на проблемот се докажа на долгорочен план дека не е оддржлив пристап. Податокот дека младинската невработеност е намалена (29,6%) е охрабрувачки, но сепак, младите не се решение во проблемот невработеност, туку се ризична група. Решенија во кои младите се вклучуваат како млада работна сила се оддржливи решенија и носат долготрајни резултати.
7. МЛАДИТЕ ДА СОЗДАВААТ РАБОТА, А НЕ ДА БАРААТ РАБОТА
Во нашата држава иако 61,5% од младите луѓе кои започнале соспствен бизнис искористиле државна поддршка, само 0,4% од сите млади се самовработени. Заклучок е дека младите не успеваат да бидат само-вработени во нашиот бизнис еко-систем. Промена на пристапот и промоција на самовработувањето помеѓу младите се можни решенија. Особено важно е промоција на самовработувањето на младите помеѓу нивните родители! Никако да излезиме од стигмата “да си најдеш стабилна работа, државна работа”.
8. ДА СОЗДАВАМЕ СТРУКТУРИ ЗА МЛАДИ РЕЗИЛИЕНТНИ НА КРИЗИ
Кризата со Ковид 19 особено ја погоди младата популација, затоа што имаше брзи промени во образовниот процес, потребите на младите со попречености не беа во фокусот на мерките, се зголеми младинската економска нестабилност итн. Неподготвените структури за млади на локално, регионално и национално ниво да дејствуваат во време на криза ги постави младите и во онака комфорната за нив позиција, маргинализирани млади. Супер е што имаме Закон за Младинско Учество, ајде да го примениме законот со холистичен и инклузивен пристап, според потребите на младите во 2022.
9. ОБРАЗОВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА НЕ СЕ ЗАСОЛНИШТЕ НА МЛАДИТЕ ТУКУ МЕСТО ЗА ПОСТИГНУВАЊА И КВАЛИТЕТ
Конзистентноста на прилично нискиот индикатор за млади кои ги напуштиле средното образование (0,59%) иако личи охрабрувачки, на терен младите луѓе не се задоволни од својот образовен процес. Долгите непродуктивни часови со теоретска настава, немањето на синхронизација помеѓу развојот во технологијата и образованието, пристапот учење затоа што мора да се учи а не да се стекнат компетенции, се само дел од предизивиците кои младите го истакнуваат за нивниот образовниот процес.
10. ВО 2022 ГОДИНА ДА ИМАМЕ СРЕЌНИ МЛАДИ
На светско ниво среќата се мери со бруто домашен производ по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слобода во правењето на животни избори, дарежливост на општата популација и перцепции ниво на корупција. Можеби 2022 ќе не научи како да ги употребиме овие инидкатори за да имаме среќни млади!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.