Достапни линкови

Нови злоупотреби на земјоделските субвенции, се бара ревизија на системот


Илустративна фотографија - берба на пченица во регионот на Неготино, јужна Македонија.
Илустративна фотографија - берба на пченица во регионот на Неготино, јужна Македонија.

Министерот за земјоделство Трипуновски објави дека фирми незаконски добивале илјадници евра земјоделски субвенции, обвинувајќи го неговиот претходник Николовски дека тоа го одобрил. Николовски ги негира обвинувањата, барајќи од властите да истражат, додека експерти бараат целосна ревизија на системот за субвенционирање.

Две фирми ја оштетиле државата за стотици илјади евра со тоа што незаконски добивале субвенции преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Двата случи на злоупотреби ги обелодени министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на 10 септември.

Според Трипуновски, две фирми: „Ар Експорт“ ДООЕЛ Увоз-извоз од Струмица и Фирмата „ДЗС Илинден“, незаконски добивале субвенции за време на мандатот на претходниот министер Љупчо Николовски, а сегашниот министер се сомнева дека тоа се случувало со амин на Министерството и го повика Обвинителството да постапи за овие случаи.

Радио Слободна Европа побара реакција од Љупчо Николовски, кој вели дека упатува Трипуновски да се запознае до постапките и надлежностите на органите во неговиот состав „пред да се расфрла со коментари кон мене во обид да направи театар“.

„Ги повикувам надлежните институции да постапат согласно сите искажани точки од денешната прес-конференција“, вели Николовски.

Според тврдењата на Трипуновски, за време на мандатот на Николовски фирмата „Ар Експорт“ ДООЕЛ Увоз-извоз од Струмица имала договор за користење на државно земјоделско земјиште, но за него не плаќала закупнина, не го обработувала земјиштето, а користела субвенции од државата и незаконски зела околу 30 милиони денари (485 илјади евра).

„Токму поради тоа што МЗШВ во претходните години не реагирало за ваквото кршење на процедурите, се поставува прашањето дали свесно се дозволило ова правно лице да го оштети Буџетот“, рече Трипуновски.

Трипуновски тврди дека „Ар Експорт“ од 2019 до 2022 година со Министерството склучила 19 договори за обработка на површина од 1.416 хектари, а дека Државниот инспекторат за земјоделство, откако извршил увид, констатирал дека за 11 договори за површина од 941 хектари не биле почитувани одредбите од договорот од страна на фирмата и дека требало да бидат раскинати.

Но, наместо тоа вели Трипуновски, фирмата врз основа на овие договори од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој земала субвенции од 485 илјади евра, а дополнително инспекторите констатирале дека фирмата не плаќала закупнина за земјиштето за 2022 и 2023 година, со што дополнително направила штета врз Буџетот од 60 илјади евра.

Николовски во својата реакција вели дека во МЗШВ имало повеќе од 11.000 договори за закуп на земјиште и дека ниту еден министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор.

„Затоа постојат организациони единици заддолжени за управување со тие договори. Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции, ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи“, вели Николовски.

Фирмата блиска до Заев?

Инаку, за фирмата „Ар Експорт“ од Струмица, ВМРО-ДПМНЕ во јануари 2020 година, додека беше во опозиција, тврдеше дека е блиска со владата на тогашниот премиер Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ тогаш на прес конференција објави дека краен сопственик на фирмата „Ар Експорт“ од Струмица е Митра Лазарова, мајка на сопственикот на НИКОБ, Кирил Лазаров.

Тогаш ВМРО-ДПМНЕ како опозиција наведе дека фирмата Каналифе ДОО Ивањевци Могила, која била во сопственост на „Ар Експорт“ е меѓу фирмите кои тогаш добиле лиценци за одгледување марихуана затоа што биле блиски до Заев.

СДСМ тогаш реагираше на обвинувањата, велејќи дека издавањето лиценци за производство на канабис за медицински цели било во согласност со законот.

Милиони за субвенции, без никаков ефект

Инаку, државата годишно дава од 100 до 130 милиони евра субвенции во земјоделството, но и покрај тоа оваа област скоро и да нема напредок, во услови на континуирано намалено производство на храна и зголемен увоз. Но, наместо повеќе храна, со години се прават злоупотреби со средствата.

Меѓу започнатите постапки на обвинителството за злоупотреба на субвенциите, беа и оние од октомври 2017 година кога беа приведени 24 лица осомничени за злоупотреба на службена положба при склучување на закуп на земјоделско земјиште и исплата на субвенции, со што го оштетиле буџетот за 220 илјади евра. За седум од нив беше одреден притвор.

Според Обвинителството, 15 службени лица во периодот од 2011 до 2016 година одобрувале исплата на субвенции во корист на правни и физички лица, но на штета на буџетот.

Во 2014 беше обелоденета уште една афера, кога одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во акцијата “Тера“ уапси седум лица, за кои наведе дека во период од 2008 до 2010 година во повеќе наврати злоупотребиле субвенции за сточен добиток предвиден во програмите за финансиска поддршка во земјоделието.

Втор случај за злоупотреба поради некоординирани институции

Трипуновски, денеска посочи и втор случај на злоупотреба на земјоделските субвенции, за кој рече дека Фирмата „ДЗС Илинден“ ја оштетила државата за 19 милиони денари (309.000 евра).

Фирмата „ДЗС Илинден“ три пати преку анекси ја намалувала закупената површина, но добивала субвенции, бидејќи немало координација меѓу Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој.

Против оваа фирма која имала договор за закуп на земјиште од 30 години, според Трипуновски, бил поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година, поради што Министерството во 2021 година го раскинало договорот со фирмата, но не доставило информација до Агенцијата за катастар за бришење на договоорт

„Се овозможило на закупецот и по раскинување на договорот за закуп да може да продолжи да аплицира за субвенции, односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството за периодот од 2021 до 2023 година, три години на закупецот да му се исплатата над 19 милиони денари по основ на субвенции“, вели Трипуновски.

Тој рече дека „со ова се отвора дилемата дали овие пропусти од страна на институциите се шема за испумпување на повеќе пари од државниот буџет и додаде дека работат на уште пет случаи за кои вели дека постојат докази дека поранешниот министер и раководители во Министерството за земјоделство и во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој не преземале никакви мерки и дозволиле да се потрошат висока сума пари од државниот буџет.

Поранешниот министер Љупчо Николовски на тврдењата на Трипуновски гледа недостаток на идеи во неговото работење, велејќи дека очекува недостатокот на мерки и „неспособност на реализација на истите“, како и на обвинувањата кон него, да продолжи да се случува и во иднина.

Додека се објавуваат злоупотреби, експерти од земјава подолго време велат дека е потребно да се промени моделот на субвенционирање на земјоделите, велат од Институтот Фајнанс тинк. Само во изминатата деценија Македонија потроши над милијарда евра за субвенционирање на земјоделието, а истовремено има повеќе афери отколку резултат во производството.

Моделот на субвенционирање предвидува земјоделците да добиваат пари во зависност од тоа колкава површина обработиле, а не врз основа на произведената количина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG