Вести
Ниту едно министерство или општина не е имуно на корупција во јавните набавки
Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки.
„Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 отсто. Четири министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата, бидејќи имаат освено помалку од 50 отсто“, наведува ЦГК.
Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Центарот, ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока.
Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.
Рангирањето е изработено во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“, поддржана од УСАИД.
види ги сите денешни вести
Вонредна седница на Собранието на Република Српска за судењето на Додик
Собранието на Република Српска (РС) утре (24 декември), на посебна седница ќе расправа за „Информацијата за колапсот на правниот систем во Босна и Херцеговина со кршењето на Дејтонскиот мировен договор“.
Во информацијата која е пред пратениците, судењето на Милорад Додик, претседателот на РС, се споменува како политички монтиран процес.
„Информацијата се однесува и на законот по кој му се суди на претседателот на РС, што го наложи високиот претставник. Одлуките наметнати од Шмит се закануваат да ја воведат БиХ во фаза на функционирање според законите на високиот претставник а не според одлуките на институциите во БиХ“, рече Ненад Стевандиќ, претседател на Собранието на РС денеска (23 декември).
Тој додаде дека во пресрет на собраниската седница ќе бидат изготвени предлози за заклучоци, без да наведе дали некој од нив ќе се однесува на судскиот процес за Додик.
Обвинителството на Босна и Херцеговина на 11 август минатата година поднесе обвинение против Додик, бидејќи тој потпишал претседателски декрети и со тоа прогласил за валидни два ентитетски закони, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит.
Освен него, Обвинителството го обвинува и Милош Лукиќ дека како в.д директор на Службен весник на РС, овозможил објавување на указите на Додик.
Либан ги повика Франција и САД да го забрзаат повлекувањето на израелските сили
Либанскиот премиер Наџиб Микати ги повика Франција и САД да извршат притисок врз Израел за да овозможат побрзо повлекување на израелските воени сили од јужниот дел на Либан.
Неговиот повик доаѓа речиси еден месец по кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и движењето Хезболах – од САД го прогласена за терористичка организација додека ЕУ го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Соединетите држави и Франција се дел од комитетот, заедно со Либан, Израел и Силите на Обединетите нации (OН) во Либан, кои треба да го следат спроведувањето на примирјето и какви било прекршувања.
Примирјето стапи на сила на 27 ноември, по двомесечна отворена војна меѓу Израел и проиранското исламистичко движење Хезболах.
Оттогаш и двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.
Според договорот за прекин на огнот, либанската армија и мировните сили на Обединетите нации ОН треба да бидат распоредени во јужен Либан, а израелската армија да се повлече во рок од 60 дена.
Либанските медиуми денеска (23 декември) објавија дека Израел „продолжил со својата инвазија и напади на југот на Либан, каде го кренале израелското знаме“ на рид меѓу градовите Бајад и Накура.
Либанскиот премиер рече дека работи со Светската банка, Европската унија, арапските земји и меѓународните партнери на создавање фонд за доверба, со цел да се врати сето она што е уништено на југот на Либан.
Војната меѓу Хезболах и Израел е дел од поширокиот регионален конфликт предизвикан од разорната војна на Израел во Појасот Газа против Хамас, група која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Договорот за прекин на непријателствата во Либан, со посредство на САД, стапи на сила минатиот месец.
Кривична за скопјанец кој се борел за Русија против Украина
Триесетиседумгодишникот Љ.Б. од Скопје е осомничен за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Против него одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава.
Во периодот од септември 2023 година, пријавениот и сега починатиот Т.Ш., преку апликацијата „Телеграм“ аплицирале на отворен конкурс за учество во руска војска за месечен надомест од 3.000 евра, информираат од МВР.
„По обезбедување на виза за патување, двајцата заминале за Русија, каде на 23 септември 2024 потпишале договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецка Народна Република за служење во нивните воени, паравоени и параполициски единици, а со тоа учествувале во воениот конфликт помеѓу Руската Федерација и Украина“, се наведува во соопштението.
На 9 декември годинава бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени компјутер, мобилни телефони, тактичка облека, документи на руски јазик на негово име и други предмети.
Од судија на претходна постапка, на пријавениот му е одредена мерка домашен притвор во траење од 30 дена.
Водата во Скопје може да се пие, потврди и АХВ
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) денеска спровеле вонреден надзор во скопското јавно комунално претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“. Ова се случува по санацијата, реконструкцијата и модернизацијата на градската водоводна мрежа која се спроведе изминатиот викенд и извршените испитувања на безбедноста на водата за пиење.
Со контролата е утврдено дека „Водовод и канализација – Скопје“ извршило хлорирање на водата во водоводната мрежа, земени се и мостри за анализи вршење на проширена хемиска и микробиолошка анализа, чии резултати денеска уште еднаш, ја потврдиле безбедноста на водата, според АХВ.
Од Агенцијата велат дека хиперхлорирање не е направено поради извршената проценка на стручниот тим и типот на санација на дефектот кој се вршел во шахти, надвор од водоводната мрежа.
На 21 декември околу 2 часот беше затворен еден од двата главни вентили на скопскиот водовод со што најголемиот дел од Скопје остана без вода за пиење.
Најавениот зафат и прекинот на водата, предизвика зголемена потрошувачка на вода во маркетите, дел од угостителите најавија дека нема да работат, додека од болниците во главниот град посочија дека се подготвени да ги изведуваат итните операции.
По повеќечасовниот прекин, во попладневните и вечерните часови – зависно од населбата, жителите на Скопје повторно добија вода од градскиот водовод.
Унгарскиот заем најверојатно достапен од февруари, прогнозираат банките
Компаниите најверојатно од февруари идната година ќе може да ги користат средствата од унгарскиот заем, прогнозираат банките. Тие сe уште ги немаат добиено договорите од Развојната банка, но уверуваат дека потпишувањето ќе оди брзо.
Бизнисот е дециден дека поддршката му треба и бара „средствата да се користат за добри проекти“, без разлика за која дејност станува збор. Притоа, се нагласува, фокусот треба да биде ставен на производните компании. Што поскоро парите станат достапни, тоа подобро, порачува стопанството.
„Tреба да помине еден административен период во кој ќе се подготви постапката, а постапката е: детално условите се дефинират од Развојната банка и тие договори треба да дојдат до банките каде формално ќе се потпишат. Од тој момент фирмите ќе може да пристапуваат до банките за аплицирање за кредитите“, вели Нина Неданоска, претставничка на една од банките кои денеска (23 декември) се сретнаа со бизнис секторот.
Потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочи дека производните компании се есенција во македонското општество, носат додадена вредност и кредитите треба да дојдат кај нив.
„Се проби мразот, конечно имаме 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење. Три години грејс период, потенцијално уште 12 години рок на плаќање, што значи дека тие помали рати кои ќе се добијат, компаниите остатокот од средствата ќе можат да го искористат во својата ликвидност или дополнително да инвестираат во самите компании зашто секој добар бизнисмен тоа го прави“, нагласи Ѓорѓиевски.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќура вели дека бизнис заедницата бара средствата повеќе да бидат насочени кон производството, но да ги користат и другите дејноси кои имаат добри проекти.
„Само најавата на 250-те милиони евра за бизнис заедницата дава до знаење банките да ги намалат каматните стапки кои досега беа многу високи. Значи, самата најава дава позитивна насока зашто стапките беа 5, 6 и 7 отсто, највисоки во овие години“, рече Ќура.
Универзитетскиот професор Синиша Наумовски смета дека бенефит ќе имаат сите чинители, посебно Владата и банките, но и стопанството.
„Двете страни може да излезат како победници. Банките добиваат нови апликанти за кредити од сите гранки кои може да донесат 3,7 отсто раст. Инаку, не можеме да гледаме еднострано, само на бизнисите. Треба да гледаме и од страна на банките зашто и тие може да се доведат во ситуација да бидат притиснати зашто имаат кредитен ризик“, истакна професорот.
Според него, секоја компанија може да избере кај која банка сака да земе кредит, но и секоја банка може да одлучи чиј проект ќе евалуира.
„Ние сакаме парите да бидат што повеќе искористени, а дали ние ги плаќаме каматите, не би рекол, зашто тие на крај повторно завршуваат во макроекономијата. Не може да немате позитивен коментар на поголем раст на компаниите, мора да им помогнеме сега и бараме механизми. Дали ќе бидат приватни со приватни или државни, тоа се веќе пазарни услови во кои секој може да прави секакви бизнис релации“, одговори професорот на прашањето зошто кредитот на фирмите да го враќаат (субвенционираат) граѓаните.
Тој ја гледа ползата во тоа што секоја фирма вработува граѓани кои имаат семејства и затоа е важно, како што рече, фирмата да биде профитабилна.
За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.
Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија.
Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.
250 милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.
Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули годинава.
Костадиновски: Подготвителната седница за Законот за јазици меѓу 19 и 21 март
Подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март. Ова го изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски кој информираше дека утре (24 декември) судот ќе има редовен работен состанок, на кој ќе се утврдуваат листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон.
„Ние имаме предлог од судијата известител, но секој е слободен да предлага“, рече Костадиновски.
Дополни дека се предложени повеќе од 20 имиња, а станува збор за експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.
Костадиновски информираше дека е побаран пријателски совет од Венецијанската комисија, кој ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март, а ќе биде објавен на 17 или 18.
Тој изрази жалење за недоаѓањето на некои од неговите колеги на седницата, но истакна дека нема да дозволи никој да ја уценува или блокира работата на Уставниот суд.
„Минимум кворум за работа на судот се пет судии, одлуките се носат со пет гласа, освен ако не е потребно квалификувано мнозинство. Подготвителната седница ќе се одржи доколку се исполнети условите од минимум судии присутни за работа, рече Костадиновски.
Во однос на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, кој рече дека албанскиот јазик не е прашање за македонскиот Уставниот суд, претседателот на Уставен изјави дека тие изјави биле непримерни и недостојни.
„Ако влеземе во коментари на странски државници, тоа не е моја работа. Но, секоја изјава од домашен или од странски чинител, што изразува сомнеж или етикетира наше постапување, должен сум да реагирам и реагирам,“ додаде тој.
Законот за употреба на јазиците, кој содржи 25 члена, беше изгласан во 2018 година, а стапи на сила во 2019 година.
Со иницијативите се оспорува и самиот негов назив, како и сите 25 члена. Се спори неговата проширена употреба во судските правосудните постапки, двојазичните униформи, симболите на парите, издавањето двојазички лични документи итн.
Венецијанската комисија во мислење од 2019 година забележа дека со ова законско решение не е прецизирано кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.
Комисијата тогаш оцени дека во одредени области законот може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенцијa за човекови права.
Одобрени пет кандидати за претседателските избори во Белорусија
Белоруската Централна изборна комисија (ЦИК) соопшти дека пет кандидати, вклучувајќи го и Александар Лукашенко, се пријавени за претседателските избори следниот месец, први откако по изборите пред четири години избувнаа немири, а опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.
Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, се очекува лесно да стигне до седмиот последователен мандат, бидејќи другите четворица кандидати објавени од ЦИК на 23 декември се сметаат за провладини кандидати.
„Лукашенко го објави датумот на неговиот „реизбор“ - 26 јануари. Тоа не е вистински изборен процес, спроведен во атмосфера на терор“, изјави прогонетата опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја, која се кандидираше против Лукашенка на изборите во август 2020 година, откако нејзиниот сопруг Сјархеј Цихануски, беше уапсен и затворен за време на кампањата.
„Нема да бидат дозволени алтернативни кандидати или набљудувачи. Ги повикуваме Белорусите и меѓународната заедница да ја отфрлат оваа фарса“, нашиша Циханускаја на платформата X.
ЦИК соопшти дека покрај Лукашенко, Олех Гајдукевич, Серхеј Сиранков, Ана Конапатскаја и Аљаксандер Хижњак добиле одобрение да учествуваат на изборите.
Масовните улични протести следеа по спорните претседателски избори во 2020 година кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.
Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.
Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.
Цихануски, како и други опозициски политичари и активисти, беа уапсени, а многумина беа осудени на долги затворски казни. Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари.
Циханускаја беше принудена на егзил во 2020 година. Нејзиниот сопруг подоцна беше осуден за организирање на немири, меѓу другите обвиненија, и беше осуден на 18 години затвор.
Бајден преиначи 37 смртни казни во доживотен затвор
Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги преиначи казните на 37 од вкупно 40 осуденици на смрт. Според одлуката на 37 осуденици казната им е преиначена во доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Со тоа Бајден го осуети планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за забрзување на темпото за извршување на смртните казни.
Одлуката за помилување на еден претседател не може да биде поништена од неговиот наследник.
Трамп за време на првиот мандат (2017-2021) повторно ги почна федералните егзекуции по пауза од 20 години, додека Бајден, уште во кампањата соопшти дека е против смртната казна, а по преземањето на функцијата, во јануари 2021 година, ги стопираше егзекуциите.
Неодамна Бајден им ги ублажи казните на приближно 1500 затвореници кои беа ослободени од затвор и ставени во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирус и помилува 39 други кои беа осудени за ненасилни злосторства. Помилувањето следеше по општата амнестија за неговиот син Хантер, кој беше гонет за оружје и даночни прекршоци.
Франција ги засилува безбедносните мерки на божиќните базари
Франција најави примена на засилени безбедносни мерки, слични на оние од Олимписките игри, за време на божиќните базари, кои привлекуваат голем број посетители низ целата земја.
Мерките предвидуваат строга контрола врз лица означени како потенцијални закани за безбедноста, вклучувајќи ограничувања за движење.
Сепак, правниците и активистите ја критикуваат примената на мерките познати како МИКАС, кои дозволуваат административен надзор без судска постапка.
Еден од засегнатите, чеченски бегалец познат како Халед, изјави дека поради мерките ја пропуштил можноста да се запише на студии. Судот делумно ги укинал ограничувањата, но за него било предоцна.
„Овие мерки сè повеќе се користат како инструмент за предиктивна правда, наместо за справување со реални закани“, предупредува адвокатот Давид Поансинјон.
Министерството за внатрешни работи објави дека овие мерки се дел од стратегијата за спречување на терористички напади, особено по смртоносниот напад на божиќен базар во Магдебург, Германија.
Кина достави информации за истрагата на оштетените кабли во Балтичкото Море
Кина достави информации и документи за заедничката истрага на двата оштетени подводни кабли во Балтичкото Море и ги повика Германија, Шведска, Финска и Данска да учествуваат во истрагата, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.
Портпаролката на министерството, Мао Нинг, изјави на прес-конференција дека Кина ги информирала сите засегнати страни и е подготвена да соработува.
Истрагата беше иницирана откако во ноември беа прекинати два оптички кабли, еден меѓу Финска и Германија, а друг меѓу Шведска и Литванија. Оштетувањето предизвика сомневања за саботажа и загриженост за безбедноста на критичната инфраструктура.
Шведската крајбрежна стража соопшти дека кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ по повеќе од еден месец мирување во дански води повторно е во движење. Минатата недела, Кина дозволи претставници од Германија, Шведска, Финска и Данска да извршат инспекција на бродот.
„За да соработуваме со истрагата, бродот беше задржан подолг период. Поради здравјето на екипажот, сопственикот одлучи да го продолжи патувањето по консултации со засегнатите страни“, изјави Мао.
Се верува дека кинескиот брод „Ји Пенг 3“ бил во таа област во времето кога биле пресечени каблите. Пекинг негираше дека е вмешан во саботажите и изрази подготвеност да соработува со Шведска и други земји.
Бродот го напуштил руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември и два дена подоцна бил пресечен кабел меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд. На 18 ноември бил пресечен и кабел што оди од Хелсинки до Росток. Податоци од сајтови кои следат бродови покажуваат дека „Ји Пенг 3“ пловел преку каблите во времето кога биле пресечени.
„Вол стрит џурнал“ објави дека истражителите се сомневаат дека бродот намерно ги оштетил каблите така што го фрлил и влечел сидрото по морското дно повеќе од 160 километри.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела кажа дека никој не верува дека каблите биле пресечени случајно.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете