Украинска добротворна организација која работи со воените ветерани и нивните семејства објави дека ги прекинала своите активности поради тоа што се потпира на финансирање на УСАИД.
И таа не е сама. Низ целата земја, бизнисите и непрофитните организации се борат да се справат со новонастанатата ситуација, бидејќи нивниот финансиски извор е прекинат.
„Сега правам сè за да го спасам тимот. Веста беше шокантна“, изјави за украинскиот сервис на РСЕ, Наталија Пархитко, вршител на должноста директор на добротворната организација „Доступно“.
Загуби на работни места
Американскиот претседател Доналд Трамп ја ограничи работата на УСАИД кога на 24 јануари нареди 90-дневно замрзнување на трошоците.
Соработниците беа отпуштени или суспендирани, што поттикна илјадници луѓе да се приклучат на протестите во Вашингтон.
УСАИД е примарна американска владина агенција одговорна за обезбедување на цивилна странска и развојна помош. Работи во повеќе од 100 земји, дистрибуира милијарди долари странска помош годишно и вработува околу 10 000 луѓе ширум светот.
Администрацијата на Трамп ги критикуваше програмите на УСАИД како неефикасни и неусогласени со интересите на САД, тврдејќи дека некои од функциите на агенцијата може да ги извршува Стејт департментот. Критичарите, исто така, тврдат дека одредени социјални и културни програми финансирани од УСАИД не се усогласени со нејзината основна мисија.
„Доступно“ со години работи на прашањата за пристапност за лицата со посебни потреби, група која масовно се зголеми по целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година. Нејзините активности вклучуваат помагање на ранетите војници да се вратат во цивилниот живот преку обезбедување психолошка поддршка, протетика и бенефиции за попреченост.
Пархитко рече дека добротворната организација, која вработува осум лица, сега бара алтернативно финансирање и исто така се надева дека ќе генерира дополнителни средства преку социјално претпријатие кое ќе врши ревизија на архитектонската пристапност за бизниси.
„Нема да дозволиме Доступно да ги затвори сите проекти и да не работи. И покрај прекинот на финансирањето, ние ќе продолжиме со нашите активности“, вети таа.
Во моментов „Доступно“ не може да ги исплати платите на персоналот.
Помош за украинските земјоделци
Од 2022 година, УСАИД и обезбеди на Украина милијарди долари хуманитарна помош, развојна помош и директна буџетска поддршка. Земјоделскиот сектор во Украина беше клучен корисник.
УСАИД соопшти дека од 2022 година им помогнала на една третина од украинските земјоделци и им обезбедила семиња, ѓубрива и финансии.
Еден од примателите беше „Сеукраинскиот аграрен совет“, невладина организација која ги поддржува земјоделците и се залага за реформи во земјоделството.
Нејзиниот шеф, Андриј Дикун, за РСЕ изјави дека поддршката на УСАИД е од клучно значење за малите и средни земјоделски претпријатија во поранешните окупирани области и областите на првата линија да продолжат со работа или да ја складираат својата жетва.
„На пример, вреќи за складирање жито, машини за сушење, ѓубрива, семиња. Со поддршка на УСАИД, земјишните реформи беа активно спроведени, а сега заеднички работиме на развој на реформите за наводнување, поддржувајќи ги земјоделците кои основаат здруженија на корисници на вода“, рече Дикун.
„Грантови, консултантски услуги, правна поддршка - сето тоа е значајна помош за украинските земјоделци“, додаде тој.
Ситуацијата влијае и на украинската влада, при што буџетите се погодени во министерствата за енергетика, здравство и образование, како и во локалните власти и другите државни агенции.
Украинската пратеничка Ина Совсун вели дека само во септември минатата година биле обезбедени 325 милиони долари за да се зајакне енергетскиот сектор, кој е под постојано руско бомбардирање.
„Во моментов не коментираме додека ги проучуваме сите детали. Можеби УСАИД може да ви даде информации за ова прашање“, одговори прес-секторот на украинското Министерство за енергетика како одговор на прашање на РСЕ.
Украинската канцеларија на УСАИД не одговори на прашањето кои државни програми ќе бидат суспендирани.
„Помошта на УСАИД фундаментално ги промени правилата. Тоа влијаеше на животите на стотици илјади Украинци, постави нови стандарди за слабата државна машина“, рече Владислав Содел, фотограф кој ја документираше работата на УСАИД осум години.
Тој рече дека она што го погодува е обемот и разновидноста на проектите финансирани од агенцијата.
„Од кревет со душек во засолниште за бегалец... до инјекции од повеќе милијарди долари за стабилноста на нашите енергетски мрежи“.