Во радиус од еден километар, центарот на главниот град долго време изгледа на градилиште без роковник. Тарабите се уште ги кријат започнатите, но, не и завршени објекти на црквата Св. Константин и Елена на улица Македонија, хотелот Мериот Кортрајд и Офицерскиот дом на плоштадот Македонија, барокните згради на ЕЛЕМ и Пелагонија...
Но, ова слика, очигледно ќе мора постепено да се менува до крајот на 2027 година. Бидејќи со влезот во 2028 година, Скопје ќе биде пред целогодишен предизвик да ја одбрани титулата за европска престолнина на културата.
Хронолошки, идејата во зародиш, но, само во форма на иницијатива, започнала во времето на градоначалникот Коце Трајановски, кој беше на власт од 2009 до 2017 година. Кандидатурата ја поднесе раководството предводено од неговиот наследник Петре Шилегов. Со доаѓањето на чело на градот, номинацијата ја бранеше тимот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која заедно со новиот градоначалник од 2025 година ќе треба да работат на високите културни стандарди за оправдување на довербата за престолнина на културата.
На 20 септември, 2023 година, седиштето во Брисел на Европската комисија беше центар на неизмерна среќа и радост кај претставниците на градот Скопје и Министерството за култура. По презентацијата на апликациите за престижната титула, Градот Скопје успеа да ја победи црногорска Будва во трката за европска престолнина, статус кој ќе го добие за пет години од сега.
Во владиното соопштение по прогласувањето на победникот, се наведува дека експертите од Европа ја препознале искрената и заедничка посветеност на градот, владата и стручните тимови во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата.
Но, што државата понудила како културна програма пред Европа, останува непознато. Радио Слободна Европа ја побара последната апликација на градот со која настапил пред европските експерти, но, повратен одговор не добивме.
Од Министерството за култура ни одговорија дека апликацијата можеме да ја добиеме исклучиво од Градот, а тие како институција биле поддржувачи на процесот.
Амбициозна програма на град со куп проблеми
Скопје и Будва влегоа во потесниот избор за титулата со одлука во декември 2022 година. На 16 декември, експертската комисија при Европската комисија одржа панел за фазата за предселекција на натпреварот за европска престолнина.
Во документот - извештај објавен на страницата на Европската комисија, во кој експертите вршат евалуација на понудите, нотирани се серија на забелешки и за понудената програма на градот Скопје, но, и за актуелната состојба на главниот град на државата.
„Скопје е мултиетнички и мултикултурен град и главен град на Северна Македонија. И покрај неговото богато културното наследство, се опишува како доста сиромашно со повеќе проблеми и предизвици кои мора да се решат итно, како што се - етничката поделба, социјалната исклученост, загадувањето на животната средина, маргинализација на ранливите групи, политичка поларизација, сиромаштија, невработеност, нетолеранција, радикализација и екстремизам. Наддавањето за Европската престолнина на културата е израз на градот силна желба на културата да и се даде истакната позиција во неопходните развојни планови за инклузивен и одржлив урбан развој“, пишува во воведот за градот Скопје.
Експертите зазеле став дека иако програмата на Скопје е добро структурирана околу четирите теми – Уметност за надеж (Art4Hope), Заедништво (Togetherness), Опоравување (Recovering) и Создавање уметност (CreARTing), ги оцениле проектите како сосема основни, наведувајќи дека би требало повеќе да се развиваат за да се достигне високото уметничко ниво на стандарди за европска престолнина на културата.
„Повеќето проекти се од инфраструктурна природа, конференции, активности за градење капацитети, активности за создавање места и слично, и помалку за уметностите и солидните уметнички и описи на проекти. За конечниот избор тендерот, панелот би сакал да види повеќе висококвалитетни, смели и иновативни уметности и култура проекти со европска релевантност“, пишува во извештајот.
Ставот на експертите е дека на програмата и требало значителна работа и развој во иновативна и смела уметничка програма со силна европска димензија. За комисијата било нејасно како училиштата се поврзани со проектот Европска престолнина на културата и побарале конкретни примери за ваквата соработка. Оцена за „смела амбиција“ дале и за планот за вклучување на 70 отсто од скопјани да учествуваат барем на еден настан во 2028 година.
Мал буџет за култура и ново тело за спроведување на програмата
Во извештајот е оценето дека Скопје има соодветна културна инфраструктура. Во него се наведува и планирана реконструкција на зградата на Универзалната сала со капацитет од 1500 седишта.
Сепак, експертите барале дообјаснување „на очигледната недоследност на инфраструктурните инвестиции каде од една страна не се издвојува буџет за инфраструктура и од друга рака, инфраструктурните планови се дел од програмата“. Односно дека не е предвиден буџет за капитални инвестиции, а сепак се наведени неколку инфраструктурни проекти во програмата.
Експертите се осврнуваат и на буџетот за култура на градот кој изнесува 9,87 отсто од градскиот буџет или 11,5 милиони евра. Оперативниот буџет за Европска престолнина на културата за 2028 година, во износ од 22 милиони евра, комисијата го смета за низок за град со големина на Скопје. Забелешки има и за расходите.
„Панелот прашува дали има доволен буџет за да се направи значителен влијание со европска резонанца. Градот придонесува со 10 милиони евра и со 10 милиони евра придонесува и државата... Оперативните расходи не се добро избалансирани. Предвидени се само 60 отсто од буџетот за уметничката и културната програма, само 10 отсто за промоција и маркетинг и прилично високи 25 насто за платите и администрацијата. 5% е за непредвидени трошоци. Панелот би сакал да знае што се крие зад неа непредвидени 5%“, се наведува во извештајот.
Во апликацијата, градот Скопје има наведено и дека планира формирање на ново тело за спроведување на програмата за Европската престолнина на културата. За европските оценувачи, организациската структура е опишана на задоволително ниво, освен, како што се наведува за позицијата генерален директор, односно која е неговата улога. За конечниот избор, им дале препорака на градските власти да посветат внимание за да обезбедат јасен опис на клучните улоги во спроведувањето на проектот.
За сите забелешки и критики за подобрување од експертската комисија за апликацијата на град Скопје, одговори побаравме и од градската власт. Но, и по два дена, одговори не добивме.
Меѓу оптимизмот и предизвиците да се оправда довербата
Градот Скопје треба да се прилагоди и да ги исполни условите кои рецензијата и експертите им ги дале како забелешки. Ова е ставот на Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам и развој на култура во актуелната влада и стратешки координатор на процесот за Скопје – град на европската култура во периодот од 2018 до 2021 година.
За периодот од девет месеци, односно од забелешките на комисијата во декември 2022 година до септември, кога Скопје и ја доби титулата, е малку време за структурно да се сменат работите, дециден е Алаѓозовски. Но, според него, најкарактеристичните забелешки - како да се подобри програмата и вложувањето културата се прифатени се исполнети. Без нив вели дека комисијата не би дала препорака.
„Предизвиците се разбира треба да ги решиме. По добивањето ќе не мониторира Европската комисија детално и често. И ако не ги исполнуваме работите во фази како што сме ги предвиделе, тие ќе алармираат. За да го оствариме максимумот мора тоа да го исполниме и ветувањето што сме го дале да го оствариме. Она што е добро во нашиот пристап е што не бегавме од проблемите, но, рековме дека ќе ја искористиме кандидатурата како повод да ги решаваме. Пристапот кој сигурно би значел крах беше да ние понудиме Потемкиново село - дека имаме врвна култура, инфрастурктура, имаме институции и блескаме. Поприфатлив е пристапот кој ги нотира предизвиците и вели дека освен врвната култура и уметност ќе се обидеме да направиме многу повеќе за градот“, изјави Алаѓозовски за РСЕ.
Како што вели Алаѓозовски, концептот, пристапот и методологијата за апликација беа прифатени како сработено од претходното раководство на градоначалникот Петре Шилегов. Според него, тоа претставува добар пример за тоа како може соработката и со менување на тимовите да функционира добро. Тој смета дека по доаѓањето на новата градска власт, интензитетот на комуникацијата опаднала, но, оваа постава на градот ги поднела апликациите и во првиот и вториот круг на измените и дополнувањата.
„Нема критериуми за лоша игра, би било скандал и тоа досега не се случило на некому да му ја одземат титулата. Не знам колку може да бидеме лоши, имаме примери на градови кои не ја искористиле добро оваа иницијатива и завршиле како градови кои служеле како лош пример. Ние треба да се амбицираме за најдоброто. Тоа треба да ни биде изговор за се што правиме во градот и да го исчистиме ѓубрето, да се озелениме, да го подобриме јавниот транспорт, да се сплотиме заедниците за да не сме поделено општество, да не го растеме етнонационализмот и да ја намалиме загаденоста која повторно не става на мапата на најлоши градови“, смета Алаѓозовски.
Веста дека Скопје ќе биде европска културна престолнина е момент за радување за Ненад Стевовиќ, сопственик на издавачката куќа „Или - или“ која годинава прослави две децениски јубилеј од основањето. Стевовиќ се гледа за оптимист, сметајќи дека има и културни установи и културни работници кои можат да го издигнат градот на едно креативно ниво.
„Мислам дека имаме потенција за ова да го направиме а сите недостатоци кои реално ги имаме сметам дека тоа ќе не обврзе поенергично да пристапиме кон решавање на сите овие проблеми кои реално ги имаме. Оваа работа навистина да им се остави на луѓето од културната сфера, политиката да ги тргне рацете на страна. Финансиски да се помага, а оние што се задолжени за тоа да направат успешно и нема да имаме причина да се срамиме од ништо“, изјави Стевовиќ за РСЕ.
Прво статус на метропола, па европска престолнина
Два месеца пред Скопје да ја добие оваа европска титула, премиерот на државата, Димитар Ковачевски отворено и подаде рака на градоначалничката Данела Арсовска, велејќи дека ќе и помогне главниот град на земјава да заличи на метропола.
„Тоа е обврска на опозицијата која се фалеше дека ќе го направи Скопје метропола. Но, за жал, денес погледнете какво е. Не може да се доправи ништо што е започнато и од таа причина планирам да го повикам раководството на Град Скопје за да разгледаме што можеме ние како Влада да помогнеме бидејки граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола“, изјави Ковачевски на 27 јули 2023 година.
Во конкуренција на град Скопје, за титулата европска престолнина на културата за 2028 година беше и Будва. Во исто време додека се одлучуваше за градот на културата, градоначалникот на Будва Мило Божовиќ беше уапсен во средината на април по наредба на Специјалното државно обвинителство, под сомнение дека создал криминална организација и уште три други кривични дела поврзани со трговија со дрога. Тој е висок функционер на неодамна распуштениот проруски Демократски фронт (ДФ), кој ја освои апсолутната власт во Будва на изборите во октомври.
Во 2028 година, приматот на европски град на културата Скопје ќе го дели со Будјовице од Чешка и еден град од Франција, чија номинација се очекува да се случи во декември годинава.