Наместо да се реши, се продлабочува проблемот на Клиниката за токсикологија, откако министерот за здравство Илир Демири вчера го разреши медицинскиот директор Данил Петровски, и ја остави на функција организациската директорка Бесија Илјази.
Министерот за здравство Демири за Радио Слободна Европа тврди дека отказното решение не сакал да му го врачи на Петровски пред изборите, за да, како што вели, нема импликации.
„Сега изборите се завршени и ние треба да се вратиме во реалноста, полека да се смират страстите и да се врати професионализмот“ изјави Демири.
За случувањата на Токсикологија, вели дека се политички инсинуирани, без притоа да наведе кој има интерес од такви политички поенти, додавајќи дека целта била 18 луѓе да останат без плата.
„ Па, на чија воденица иде водава, тоа може лесно да се изанализира“, кусо објасни тој.
Тој не ја разреши организациската директорка Илјази за која мнозинството лекарски колегиум во минатиот период обвинуваше дека не знае македонски јазик, комуницира само на албански јазик и форсира да се вработат 18 лица на позиции кои не се потребни на клиниката, а не дозволува вработување на двајца биолози и еден болничар, како и дека не склучила договор за осигурување на болницата.
Демири за неа вели дека ќе ја разреши само доколку се утврди дека има прекршување во нејзиното работење.
„Од каде знаете дека не знае македонски јазик, јас имам друга информација комуницира на македонски јазик, можеби се устручава, оти елоквентно изразување на македонски јазик е едно, друго е изразување пред медиуми на македонски јазик. Јас немам сретнато образован Албанец кој живее во Северна Македонија кој не комуницира на македонски јазик“, додава Демири.
Во однос на тие 18 лица, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Трудовиот инспекторат донесоа решенија дека не треба да се во просториите на Клиниката бидејќи договорите им се истечени на 31 јануари 2023 година.
Министерот тврди дека 18 семејства се оставени без плата, Беќаровски бара извинување
Д-р Данил Петровски беше разрешен од позицијата медицински директор на Клиниката за токсикологија поради несовесно работење во целиот изминат период. Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил.
„Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа“, пишува во објавата од Министерството за здравство.
Министерот Демири смета дека новинарите треба да прашаат како тие луѓе се останати без плата, а не како одат на работа, иако не смеат според одлуката на здравствениот инпекторат.
Министерството на својата ФБ страница објави изјава од наводните вработени на клиниката, со потписи и без имиња, кои обвинуваат дека д-р Нико Беќаровски, кој работи на истата клиника и беше дел од докторите што се побунија, дека тој на национална основа им се заканувал и ги навредувал Албанците што чекаат вработување на клиниката.
„На 26.2.2024 (понеделник) после предавање на ноќна смена во салата за состаноци професорот се симнува на главна визита, и после визита професорот кога ги видел вработените Албанци во работното место почнал со неговите навреди: додека бевме на времето на Тито, Македонија си беше убаво место на живеење, па после се симнаа овие од планина и се измеша целата држава“, пишува во објавената изјава на Министерството за здравство.
По оваа објава, д-р Беќаровски му се обрати на министерот за здравство, Илир Демири и најави тужба.
„Искрено се надевам дека објавата е без Ваше знаење и одобрение, бидејќи со истата ми нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните. Инпутирање на било какви национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди. Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед“, напиша Беќаровски.
Министерот Демири вели дека не гледа причина да му се извини на Беќаровски, затоа што, тој само пренесува став на луѓето кои се пожалиле од него.
Мнозинството доктори застанаа зад Беќаровски
Зад д-р Беќаровски застана мнозинството доктори на Токсикологија, кои ја демантираа изјавата што ја објави Министерството за здравство. Во нивното обраќање до јавноста, докторите се потпишани со цело име и презиме.
„Должни сме на јавноста да ѝ појасниме дека какви било навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор на дело од страна на проф.д-р Нико Беќаровски не се упатени. Д-р Беќаровски е врвен професионалец кој повеќе од 30 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничка припадност или партија.“, пишува во демантот од лекарите.
Извори од Клиниката за РСЕ велат дека Изјавата што ја објави Министерството за здравство е од 26 април, дури четири дена подоцна откако Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор Петровски (22 април). Тие се сомневаат дека некој отпосле ги терал ангажираните со договор на дело да потпишуваат ваква изјава за да се оправда разрешувањето.
Невработените сестри и болничари и покрај забраната доаѓале на работа
Претходно, здравствените инспектори утврдиле дека 18 луѓе доаѓале на работа на Клиниката за токсикологија, а договорт на дело им истекол заклучно со 31 јануари 2023 година. Станува збор за пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант.
Според решението на здравствениот инспекторат( ДСЗИ) од 2 мај годинава на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија им е забранет пристап на Клиниката.
Ваквиот чекор на ДСЗИ следуваше откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.
Инаку доктори од Клиниката за токсикологија неодамна на прес-конференција алармираа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската директорка Бесија Иљази на средината на февруари.
Два месеци болницата е без договор за осигурување
Тие посочија и дека новата организациска директорка Иљази не ја исполнила законската обврска да склучи договор за осигурување на болницата од штети.
Осигурувањето имот и опрема и осигурување за професионална одговорност лекарска грешка истекло во март годинава, и нов договор не е потпишан се уште, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Тоа значи дека штета настаната од последната поплава во април не може да се наплати од осигурителна компанија, туку ќе треба државата сама да си ја плати. Законот ги обврзува економските директори, односно организациските директори на клиниките секоја година да се грижат за осигурувањето на болниците.
Демири тврди дека за непотпишувањето на договорот бил виновен медицинскиот директор, а не организацискиот директор Илјази, затоа што спорно било транспарентноста во тендерскиот договор, колкав процент ќе добие брокерската куќа.
Илјази беше назначена на ден пред формирање техничка влада
Бесија Иљази за организациска директорка е назначена на 14 февруари, од страна на актуелниот министер Демири.
По назначувањето на Демири, нови организациски директори добија и клиниките за токсикологија, неврологија, ендокринологија, стоматологија и други, иако неговиот претходник Фатмир Меџити изјави дека во Владата е договорено по Нова година(2024) да се укинат економските директори како непродуктивен трошок во здравствениот систем.
На клиниките има околу 30 организациски директори. Нивната задача е да ја менаџираат работата, но и парите во клиниките. Исто така и да контролираат и како работат медицинските директори, поради што има врзан потпис- не може едниот да спроведе нешто ако не потпише и другиот.
Во пракса, чести се несогласувањата меѓу првиот и вториот директор, особено ако се од различни партии.
Ако организациски директор зема по околу 1.500 евра месечна плата, само за плати годишно се трошат нешто повеќе од половина милион евра. Или, ако државата ги укинеше вторите директори во клиниките пред шест години, кога беше првата најава од тогаш на владејачката СДСМ, досега ќе заштедеше над 3 милиони евра.
Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори.