Главниот осомничен за подготовка на терористички напад на еден од трите концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и в сабота во главниот град на Австрија, Виена е по потекло од Северна Македонија, соопшти австриската полиција на денешната прес-конференција.
Од Македонското министерство за внатрешни работи за РСЕ потврдуваат дека од страна на австриските власти е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Северна Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена.
„Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање“, гласи краткиот одговор од МВР. Не откриваат никакви детали за кого се работи, ниту од кое место во Северна Македонија потекнува неговото семејство.
Австрискиот министерот за внатрешни работи, Герхард Карнер, информираше дека не се бараат други осомничени.
„Ситуацијата беше сериозна, ситуацијата е сериозна. Но, можеме да кажеме дека е спречена трагедија“, рече Карнер.
Од полицијата изјавија дека главниот осомничен, 19-годишен Австриец со потекло од Северна Македонија целосно ги признал своите планови. Тие рекоа дека тој е „очигледно радикализиран во насока на Исламската држава и смета дека е правилно да се убиваат неверници“.
Пред неколку недели, тој дал заклетва за верност на актуелниот водач на терористичката Исламска држава (ИД) на интернет.
Австриските безбедносни власти информираат дека вториот осомничен, 17-годишен австриски државјанин со турски и хрватски корени, бил уапсен од специјални полициски сили во близина на стадионот каде што требаше да се одржат концертите оваа недела.
Имињата на осомничените не се објавени
Австриските безбедносни службеници велат дека двајцата млади луѓе сакале да извршат напад надвор од стадионот, убивајќи што е можно повеќе луѓе, со користење на ножеви или експлозиви кои сами ги направиле.
Второосомничениот пред неколку дена бил вработен во фирма што давала услуги на местото каде што се одржуваат концертите. Инспекторите рекоа дека во неговиот дом пронашле обемен материјал поврзан со терористичките организации Исламска држава и Ал Каеда.
Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, изјави дека при вчерашниот претрес на куќата на првоосомничениот биле запленети повеќе хемиски супстанци и технички средства.
Во интервју денеска за јавниот радиодифузер ORF, Руф рече дека истражувачите ги проценуваат доказите запленети од домовите на осомничените.
„Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка“, изјави Руф.
Тој потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба. Тој не даде повеќе детали, како што се имињата на осомничените, во согласност со австрискиот закон за приватност.
По вчерашните апсења, австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на социјална мрежа X објасни дека безбедносната ситуација поврзана со планираниот напад била многу сериозна и дека навремената реакција спречила голема трагедија.
Тој вели дека исламистичкиот тероризам ги загрозува безбедноста и слободата во многу западни земји и дека токму затоа нема да се откажат од вредностите како слобода и демократија, туку се решени уште пожестоко да ги бранат.
„Овие вредности се основата на нашето општество и не прават отпорни на екстремизмот и тероризмот. Важно е да бидеме будни, да застанеме заедно и да преземеме решителна акција против радикалниот исламизам“, напиша австрискиот канцелар.
Димовски: Младите се најлесна мета на терористичките организации
Ова не е прв пат осомничен за терористички напад и симпатизер на Исламска Држава да биде по потекло од Северна Македонија. Едниот од напаѓачите, во терористичкиот напад во центарот на Виена, пред четири години поседувал австриски и пасош на Северна Македонија. Тој беше убиен од австриската полиција, но во нападот претходно загинаа 4 лица, а 17 беа повредени.
Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност објаснува дека терористичките организации речиси секогаш се во потрага по млади лица бидејќи лесно се манипулираат и врбуваат преку наметнување на одредена идеологија.
„Конкретното лице кое е по потекло од Северна Македонија, иако тоа во случајот не значи ништо, тоа живеело и работело во Австрија, е врбувано очигледно по некаква основа, вршена е врз него некаква идеологизација. Подготвуван е, претпоставувам покасно ќе излезат податоци, сигурно дека бил во некој од камповите, обучуван е за да може да работи и со луѓе, како да ги определи местата каде би делувал, понатаму како да употреби оружје и експлозивни материи, како да си обезбеди скривница. Што значи дека терористичката организација се грижи за сопствените членови и им кажува дека се зад нив и ги поддржуваат за време на, пред и после извршување на актот“, вели Димовски.
Професорот додава дека сите оние кои ќе влезат во тој систем на врбување и радикализација, тешко се одлепуваат, не само поради идеологијата, туку и поради материјалната корист.
„И преку тие нивни кампови кои ги организираат преку делување на одредени лица кои се многу добри во делот на убедување и со давање на добра материјална поддршка, таргетираните лица се приклонуваат кон нив и секогаш се верни кон каузата која ќе им ја наметнат“, вели Димовски.
Илјадници разочарани фанови
Откажувањата на концертите на Свифт разочараа десетици илјади фанови, од кои многумина планираа да патуваат од целиот свет до главниот град на Австрија. Други пак веќе пристигнаа до моментот кога веста беше објавена доцна во средата.
Свифт требаше да настапи на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина во четврток, петок и сабота како дел од нејзината турнеја „Eras Tour“.
Организаторот на настанот „Баракуда мјузик“ (Barracuda Music) во објава на својот канал на Инстаграм доцна во средата рече дека „немаме друг избор освен да ги откажеме трите закажани шоуа за сечија безбедност“. Тие ја цитираа „потврдата“ на владините претставници за планираниот напад на стадионот.
Стадионот во Виена беше распродаден за планираните концерти, а се очекуваат околу 170 000 фанови за концертите во Австрија.
Во 2017 година, во напад на концерт на пејачката Аријана Гранде во Манчестер, Англија, загинаа 22 лица. Бомбашот самоубиец Салман Абеди постави бомба со ранец во Манчестер арената на крајот од концертот на Гранде, додека илјадници млади обожаватели си заминуваа. Повеќе од 100 луѓе беа повредени. Абеди загина во експлозијата.