Достапни линкови

Универзитетите губат студенти, расте бројот на професори


Илустрација
Илустрација

Некогаш студенти колку за да се наполни цела Универзална и тоа само од еден факултет. Денес, намален брoj речиси на сите. Анализата на Центарот за граѓански комуникации, покажува дека на УКИМ, повеќе запишани студенти од пред десет години, има само на Медицински и на ФИНКИ.

Замислете ја Универзална сала некогаш, полна до последното седиште, но не за концерт, туку за предавање.

„Имало времиња со по 1500 студенти на Правен, па првите предавања биле во Универзалната сала во Скопје. Но, некогаш се запишуваа неприроден број на студенти“, забележува професорката Јасна Бачовска-Недиќ.

Сега, се запишуваат многу помалку студенти отколку некогаш, но не само на Правен.

На Институтот за географија оваа година се запишале 27 бруцоши, а имало 61 понудени места. Порано, имало место и за повеќе, околу 100. Но, и повеќе се запишувале.

„Со намалување на природниот прираст и застарувањето на населението кое беше многудетно во 50-ти, 60-ти, 70-ти години, сега нормално е да има помал природен прираст и како резултат на тоа и квотите по факултетите, по тероријата на веројатност, да бидат намалени“, вели професорот Благоја Маркоски од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет.

Изминатава деценија опаѓа интересот и за изучување на јазици на Филолошкиот факултет.

„Тоа е поврзано можеби и со интерес за студирање, но сигурно и со многу други причини, како демографски, миграција и така натаму. Генерално сме задоволни, иако бројката е благо намалена во однос на минатите години“, вели продеканката за настава на Филолошкиот факултет, Калина Малеска.

На Правниот факултет, во 1977, на првата студиска програма по новинарство, се запишале 125 студенти.

„Последниве години едвај запишуваме по 10“, вели професорката Бачовска-Недиќ.

Но, бројот на студенти не е намален само на Географија, Филолошки, новинарство...На македонските факултети студираат 7043 студенти помалку, споредено со периодот пред 10 години.

Ова го покажува истражувањето за движењето на бројот на студенти во земјава во последните десет учебни години на невладината Центар за граѓански комуникации.

Од 52 илјади студенти пред десет години, денес има едвај нешто повеќе од 40 илјади, се истакнува во анализата.

Падот во последните десет години низ бројки

  • Бројот на студенти во Северна Македонија се намалил за 12 %.
  • Најмногу загубиле државните универзитети - 11.150, односно 22 %.
  • Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) изгубил најмногу, има речиси 5 илјади студенти помалку.мигр
  • Најмногу студенти загубиле Економскиот, Филолошкиот и Градежниот факултет во Скопје.
  • Има 19 % помалку бруцоши, нивниот број се намалил за 3612. Од некогашните 19 илјади, сега се 15 илјади.
  • Процентуално, најголем пад на интересот за студирање има на Факултетот за физичко образование. Таму бројот на бруцоши е преполовен.
  • Сите државни универзитети, освен последно основаниот, скопскиот Мајка Тереза, бележат намалување на бројот на новозапишани студенти во однос на бројката од пред десет години.
  • На Правниот факултет во Скопје има дури 61% помалку бруцоши.

Процентуално, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 %, потоа Филолошкиот кој загубил 64 % од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 %, Земјоделскиот со 60 % и Правниот факултет, 55 %.

Освен општите тенденции, како намалувањето на природниот прираст, и миграцијата, еден од факторите што го намалува бројот на студенти на Правен е големата конкуренција на правни факултети, според професорката Бачовска-Недиќ.

„Мислам дека повеќе од 22 правни факултети има во државава, што за мене е една неправилна тенденција. Како референтна земја ќе ја земам Словенија, таму е многу помал бројот, дали има 2 или 3 правни факултети. Ние тука имаме заинтересирани околу 650-700 луѓе да студираат право и тие се распоредуваат на 22 правни факултети“, вели Бачовска-Недиќ.

Некаде има и раст

Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажала дека универзитетскиот кадар за 10 години се зголемил за една третина, или за повеќе од 1000 луѓе. На државните универзитети има за 26 % повеќе кадар, а на приватните, за 45 %.

На приватните факултети има 56 % повеќе студенти во последните десeт години.

Анализата на Центарот за граѓански комуникации забележува пораст од 20 % кај верските високообразовни установи. Вкупниот број на студенти пораснал и на Православен богословски и на Исламски науки во изминатите десет години. Кај православниот за 2,5 %, а кај Исламскиот за 27 %.

Додека на УКИМ има намалување на бројот на бруцоши на сите факултети, не е така на Медицински и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде има поголем интерес.

Повеќе идни лекари, информатичари, економисти...

На УКИМ, има повеќе запишани студенти од пред десет години, само на Медицински и ФИНКИ. Овие науки се најбарани и на приватните факултети, покажува анализата.

На медицинските науки се запишани повеќе од 10 илјади или дури 20 % од студентите. Втора струка е информатичката, со вкупно 6.655 студенти, а трета, со 6.065 е економската.

Дека на ФИНКИ ќе се бара место повеќе беше јасно уште од првиот уписен рок кога се пријавија 732 идни студенти за 1020 слободни места.

„Најголем интерес има за насоката Примена на информациски технологии. Tука има и двојно поголем интерес отколку што имаме места“, изјави деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, за РСЕ.

Тоа што за информатичките насоки интересот е толку голем денес, ќе има последици утре, смета професорот од Институтот за географија, Благоја Марковски.

„На нашиот факултет состојбата ќе биде стандардна, а на овие каде што сега има поголем интерес, примарно на факултетите за информатика, ќе се засити системот со таков кадар, со енормна продукција. Меѓутоа, кај медицинските факултети е поразлично таму секогаш ќе има интерес за таа струка, бидејќи од поинаков карактер е таа дејност“, вели професорот Маркоски.

Најмногу студенти по одделни факултети има на скопски ФИНКИ (4.722), на трите државни медицински факултети, во Тетово (3.354), Штип (3.186) и Скопје (2.915), како и на скопскиот Економски факултет (2.022).

На битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ има пад на новозапишани студенти во последните десет години на сите факултети, освен на Педагошкиот каде сега има 33 % повеќе бруцоши од пред десет години. Најголем пад на запишани студенти се бележи на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, 86 %, на Правниот факултет – Кичево, 69 % и на Ветеринарниот факултет, 67 %.

На штипскиот „Гоце Делчев“ најголем пораст на новозапишани студенти има на Медицинскиот факултет, 636 бруцоши повеќе. Слична е состојбата и на државниот Тетовски универзитет. Таму, најмногу нови бруцоши во десетгодишниот период има на Медицинскиот факултет, дури 723 повеќе отколку пред десет години.

На приватните факултети, споредено со пред десет години, има 550 бруцоши повеќе, што е зголемување за 19 %. Сепак, состојбата по поединечните факултети и универзитети е различна.

Најмногу новозапишани студенти има загубено Европскиот универзитет, 319, односно 85 %, додека Универзитетот МИТ има запишано 161 студент или 70 % помалку. Од друга страна, пак, на Меѓународниот Балкански универзитет – Скопје запишани се 558 повеќе бруцоши отколку пред десет години, што е двојно повеќе, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG