Достапни линкови

Ветувања за обновени студентски домови - постојните немаат да платат струја и вода


Архивска фотографија од студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје
Архивска фотографија од студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје

Министерството за образование во последните 3 месеци одвојува пари за покривање на дел од трошоците на студентските домови за да не се доведе во прашање нивната функционалност. А тие со своите буџети не можат да ги покријат сметките за потрошената струја и вода. Академската година за студентите започна со нови ветувања тешки 18 милиони евра за реконструкција на државните домови.

21-годишната Елена е една од стотиците студенти кои се сместени во студентскиот дом Пелагонија во Кисела Вода. Ова и е трета година како престојува во овој дом.

Од искуство кажува дека условите за живеење се далеку од идеални, но ова и е далеку поевтината варијанта за студирање во главниот град, во кој кириите за изнајмување стан се прескапи за буџетот на нејзиното семејство. Пред четири дена, со стартот на новата академска година, се вселила во домот.

„Засега, не се соочив со проблеми, иако соседите од спрат се жалеа дека нема топла вода во бањите. Тоа беше голем проблем со кој се соочувавме сите минатата година, особено преку зима кога е ладно. И покрај тоа што греењето е да кажам на некакво задоволително ниво, морам да кажам дека користиме и панелки и грејни тела за да не настинеме. За нив, барем засега не ни правеле проблеми“, вели Елена.

Струјата и водата не се главоболка само за студентите, туку и и за студентските домови каде престојуваат.

Токму трошоците за овие ресурси - водата и електричната енергија, во кое спаѓа и греењето, се наведени како главни причини поради кои државните студентски домови заглавиле со проблеми во нормалното функционирање.

За таа цел, во пресрет на стартот на академската година, Владата донела неколку поединечни одлуки со кои им доделила пари на повеќето државни студентски домови „за подмирување на трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија и потрошена вода, а кои не можеле да се предвидат и планираат во буџетите на студентските домови“.

Инфлација или недомаќинлук во студентските домови

Во пресрет на новата академска година, државата ги спасува студентските домови за да можат да обезбедат елементарни услови за живот на студентите. Од Министерството за образование и наука за РСЕ велат дека ќе направат анализа на целокупната состојба во студентските домови и колку реално се зголемени трошоците за одржливо функционирање на домовите.

„Ќе се увиди прецизно колкаво е влијанието на инфлацијата во изминатиот период врз создавањето на долговите, а колку тие се резултат на недомаќинско работење на раководствата. Инаку, министерството во последните три месеци одвои средства за покривање на дел од трошоците на студентските домови, за да не се доведе во прашање нивната функционалност, а со тоа и да се предизвика образовниот процес на студентите во новата академска година“, одговорија од МОН за РСЕ.

Министерството не ја исклучува можноста за одредени измени за обезбедување постабилен начин на финансирање. Оттаму велат дека иако таква реформа била најавувана од претходните раководства во изминатите седум години дека ќе се уреди со нов Закон за младински стандард, сепак, тоа не се случило.

Според моменталниот Закон за студентски стандард, средства за финансирање на државните студентски домови се обезбедуваат од Буџетот
како и од корисниците на услуги - студентите.

Од Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ), кој претставува мрежа 51 младинска организација велат дека државата секогаш потфрла во имплементација на добрите практики и на усвоените закони, па така и за финансирањето на студентските домови.

„Дефинитивно треба да се размислува и за нови модели за финансирање кои ќе комбинираат бизнис елементи, јавно - приватно партнерство и други опции за диверзификација на изворите на финансирање. Секако може да се разгледаат и можностите за домување во станбени единици во приватна сопственост со кофинансирање од државата или пак усвојување на мерки за намалување на трошоците за ваквото домување“, вели за РСЕ Филип Ивковски, претседател на Националниот младински сојуз.

На тоа неколку месеци претходно предочи и Државниот завод за ревизија. Во ревизорскиот извештај од крајот на март 2024 година, посочи дека МОН нема изработено ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

„Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана како и реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови“, се наведува во извештајот на Ревизија.

Над 18 милиони евра за реконструкција на домовите

Во моментов, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се реконструираат два студентски домови во Скопје - „Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“. Притоа, рече дека Владата не планира да застане само со обновување на домовите во Скопје.

„Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови, но не само во Скопје туку и во другите градови, каде што имаме универзитетски кампуси и центри“, рече Мицкоски.

И од МОН потврдуваат дека во следниот период планираат да работат на подобрување на условите во студентските домови.

„Започната е етапна реконструкција на објектите, а ќе се води и поголема грижа за подигнување на студентскиот стандард преку повеќе средства за финансиска поддршка, нови образовни можности и поголема вклученост на младите во креирањето на политиките“, велат од министерството.

ДЗР: Домовите не ги задоволуваат потребите на современото живеење

Ревизорите констатирале значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.812 легла на 4.490 во 2022 година.

Исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на Министерството.

Објектите кои ги користат студентите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење. Постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови“, се вели во ревизорскиот извештај.

Националниот младински сојуз веќе подолго време предлага создавање на нов и сопфатен Закон за младински стандард, кој би ги опфатил прашањата од Законот за студентски и ученички стандард. Според Ивковски, моменталната законска рамка подразбира само стипендии и ученички и студентски домови и ништо повеќе.

„Според нас, под младински стандард би се подразбирало квалитетни работни места, можности за културно-забавни активности, олеснување за самостојно домување, финансиска независност, мобилност, сексуално и репродуктивно здравје, ментално здравје и други аспекти кои влијаат на секојдневниот живот на еден млад човек. За ова веќе имаше иницијатива и се формираше и работна група во склоп на МОН, меѓутоа со оглед на честата промена на владеачката структура во МОН процесот е заглавен во институционалните лавиринти од 2022 година“, вели Ивковски од НМСМ.

Државниот завод за ревизија спровел и анкета меѓу студентите кои на скала од 1 до 5 го оценуваат сместувањето во студентските домови.

На анкетата одговориле 286 студенти, што е 8, 25% од вкупниот број на студенти во домовите, а просечната оценка е 2. Оценката за храната е 2,6, за хигиената 2,4, за техничка опрема 1,6, за интернет 1,8, а условите за учење се оценети со 2,5.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG