Достапни линкови

Бројни институции немаат ни „К“ од капитални инвестиции


Реконструкција на пат
Реконструкција на пат

На прсти се бројат државните институции кои реализирале најголем дел од парите предвидени за капитални инвестиции. Има и такви со нула реализација. На тие што не трошеле, Владата ќе им ги земе и ќе ги пренамени за плати, пензии, субвенции.

Нема да се градат и да се реновираат државни објекти, болници, затвори, се намалуваат парите за комунални услуги и урбанизам. Армијата крати од парите за интеграција во НАТО – за купување опрема и машини. На опрема и машини кратат и други министерства. На сметка на скратените капитални инвестиции, пак, ќе има повеќе пари за плати, пензии, социјални трансфери.

Така на пример, Министерството за здравство крати од парите за новите клинички центри во Скопје и Штип и за општата болница во Кичево. Министерството за образование, пак, крати од парите за изградба на нови и реконструкција на постоечки школи, на ученички и студентски домови и на спортски сали.

Владата не направи ребаланс, туку само ги префрли парите од едно на друго место. Нема ребаланс оти плановите за тоа колку пари државата ќе собере и потроши остануваат исти, но префрла од едно место за да пополни други дупки.

Плановите за улици, водоводи, опрема за здравство, болници ќе останат само на хартија, а цехот од нивната бавна реализација ќе оди на контото на административците кои ќе добијат повисоки плати и К-15, за повисоки пензии, социјално, за субвенции за земјоделците.

Министерството за финансии остварувањето на капиталните расходи го опишува како важна работа, што ќе придонесе за развој на економијата и ќе креира подобри услуги за граѓаните.

„Штедливи“ институции

Но, податоци за тоа која од институциите колку потрошила за капитални инвестиции во првата половина од годината, покажуваат дека има министерства, агенции, комисии и други државни тела кои не реализирале ниту „К“ од капиталните инвестиции. Има институции кои добиле по стотици милиони евра, има и такви кои за капитални инвестиции добиле едвај неколку илјади евра, но и од тие со милионски буџети и од тие со поскромни, има такви кои и тоа што го добиле не го искористуваат.

Оперативно – техничката агенција, иако имала на располагање нешто над три милиони евра, потрошила околу 7 илјади евра. Агенцијата за национална безбедност од милион и пол евра потрошила околу 1700 евра. Управата за извршување санкции од нешто над 3 милиони за капитални расходи во првата половина од годината одвоила нецел процент или околу 25 илјади евра. Ниска реализација има и Управата за јавни приходи, иако за таа намена добиле нешто над 2,22 милиони евра.

Има институции кои се до нула реализација, но сепак предвидени пари за капитални инвестиции за нив не се многу големи. Така Државната изборна комисија имала околу 41 илјада евра на располагање, а не потрошила ни денар. Таков е случајот и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој имал околу 32 илјади евра. Комисијата за заштита на лични податоци од околу 20 илјади евра потрошила само 400. Нула реализација имаат и Советот за унапредување и надзор на ревизија и Фискалниот совет, но и нивниот буџет за капитални инвестиции е скромен. Инспекцискиот совет, иако имал над 300 илјади евра, сепак во првите шест месеци од годината има нула реализација на капитални инвестиции. Секретаријатот за европски прашања имал околу 50 илјади евра, а потрошил нешто над 1000. Во оваа група на „штедливи“ се наоѓа и Инспекторатот за животна средина.

Министерството за одбрана, има најголема предвидена сума за капитални инвестиции од околу 101 милион евра, а потрошило само 21 процент, или околу 22 милиони евра. Министерството за правда е со најниска реализација од три проценти, од околу 37 илјади евра колку што имале за капитални расходи. Со највисока реализација се Владата со 78 проценти, Министерството за економија со 73 проценти, Министерството за транспорт со нешто над 60 проценти реализација.

Ветувања : До крајот на годината ќе биде подобро

Радио Слободна Европа испрати прашања до неколку институции со ниска реализација на капитални расходи.

Од Државната изборна комисија ни одговорија дека за годинава не планирале капитални проекти.

Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) велат дека со Буџетот за годинава било планирано да го реновираат објектот што ѝ е доделен на АНБ на користење, но дошло до промена, тој веќе не е во сопственост на Агенцијата, туку ќе се гради нова зграда, па дел од планираните постапки се неспроведливи.

„Дел од буџетските средства за оваа намена се ослободени од страна на АНБ и се вратени со Предлог одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централна власт и помеѓу фондовите за 2023 година. Остатокот од средствата ќе се реализираат до крајот на буџетската 2023 година, како резултат на веќе започнати постапки за јавна набавка“, одговорија од АНБ.

Вакуум просторот што се створи со промена на првиот човек на Министерството за правда е причина што оваа институција има реализирано мал процент од планираните јавни инвестиции во првата половина од годинава, па постапките не можеле да се спроведат според планот, ни одговорија од Министерството.

„До крајот на годината реализацијата ќе биде поголема“, уверуваат од Министерството.

И додека Министерството за финансии има податоци само за првата половина за годината за тоа колку секоја од институциите потрошила од капиталните расходи, има малку поапдејтирани податоци за тоа колку вкупно пари од предвидените капитални инвестиции се реализирани.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека за осум месеци од почетокот на годинава, се потрошени малку над половина од парите предвидени за капитални инвестиции.

Се планираат рекордни инвестиции, па се пренаменуваат

На почетокот на годината, владата се пофали дека ќе има рекордно ниво на капитални инвестиции за кои предвиде над 790 милиони евра, но до крајот на август биле потрошени 427 милиони евра.

Со оглед дека толку пари не може да се потрошат за капитални инвестиции до крајот на годината, владата предложи прераспределба на буџетските пари од скоро 300 милиони евра. Најмногу ќе настрадаат трошењата за стоки и услуги и за капитални инвестиции. Ќе растат платите на администрацијата, пензиите и субвенциите. Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека не се укинува никој капитален проект, но ќе се скратат пари кај оние кои побавно се реализираат.

Од најголемата опозициска партија во Парламентот – ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да поддржат прераспределба на Буџетот.

„Каде крати Владата? Тоа се капиталните инвестиции кои власта не успева да ги реализира поради неспособност и тоа што традиционално ги предимензионира за да во овој период од годината ги префрли на ставки од кои полесно ќе може да ги испумпа кон свои фирми“, вели пратеникот од оваа партија, Бојан Стојановски.

Слична ситуација се повторува со години. На почетокот, владата планира високи инвестиции, и се фали со развоен буџет, но со ребалансите тие пари ги пренаменува за други трошоци, па на крај ни скратените не ги троши целосно.

Адеми - Немаат капацитет

Економскиот аналитичар Висар Адеми вината за ниската реализација на капитални инвестиции во одредени институции ја лоцира во нивните челници.

„Немаат капацитет“, вели тој за Радио Слободна Европа.

„Институциите се премногу партизирани, има голема ротација на политички кадри, еден ден имаат еден директор, другиот ден - друг“, вели тој.

Минатата година, на почетокот беа планирани 620 милиони евра за капитални трошоци, со ребалансот се скратија на 530 милиони евра, и на крај беа реализирани 465 милиони.

Капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година се движеле од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата била 50 до 74 проценти од првично планираното. Исклучок е 2021 кога реализацијата надмината 97 проценти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG