Достапни линкови

Од Србија, извоз на стоки во Киргистан, но дали останува таму?


Киргистан, зградата на царината, 23 јануари 2023 година
Киргистан, зградата на царината, 23 јануари 2023 година

Извозот на стоки од Србија во Киргистан се зголемил неколкукратно по руската инвазија на Украина, покажуваат податоците на Институтот за статистика на Република Србија, анализирани од Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сепак, податоците на Статистичкиот комитет на Киргистан и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за увоз на српски стоки во Киргистан упатуваат на заклучокот дека производите што се испраќаат во оваа поранешна советска република не стигнуваат до нивната формална дестинација, туку се реизвезуваат од Киргистан на трет пазар.

Меѓу стоките што се извезуваат од Србија во Киргистан се и оние кои се на листата на санкции на Русија од страна на Европската Унија и САД, како стоки што може да се злоупотребат во руската воена индустрија. Сето тоа може да се види врз основа на царинските ознаки на извозот на стоки кои ги евидентира српскиот Завод за статистика.

Владата на Србија и Министерството за трговија не одговорија за РСЕ дали Киргистан е само попатна станица за транспорт на санкционирани производи до рускиот пазар и како се контролира рутата на оваа стока.

Претставниците на државните институции не ни објаснија што се случило, и како извозот во Киргистан е драстично зголемен во последните две години.

Драстично зголемување на извозот во Киргистан

Според податоците на Републичкиот завод за статистика, од Србија во Киргистан во 2022 година се извезени стоки во вредност од 12,8 милиони американски долари, додека извозот во 2023 година е зголемен за шест пати повеќе и изнесува 81,1 милиони долари. Кога ќе се погледнат овие податоци од Киргистан, може да се види дека најголемиот дел од стоката извезена од Србија не завршила во оваа земја.

Во текот на 2023 година, кога беа регистрирани над 80 милиони долари извоз од Србија во Киргистан, стоки во вредност од само близу седум милиони евра влегле во Киргистан.

Драстични разлики бележи и Меѓународниот монетарен фонд, според извештајот кој опфаќа период од шест месеци, од ноември 2023 година до февруари 2024 година. Србија извезла стока во Киргистан во вредност од околу 30 милиони долари, додека стоки во вредност од само милион долари стигнала на киргистанскиот пазар.

Последните податоци на Заводот за статистика на Република Србија покажуваат дека трендот на раст на извозот продолжил. За само четири месеци во 2024 година Србија во Киргистан извезла стока во вредност од 54,1 милиони долари, што е четири пати повеќе отколку во текот на целата 2022 година.

Во февруари 2022 година, Русија ја нападна соседна Украина, по што западните земји воведоа остри економски и политички санкции кон Москва, кои и до денес се уште се заоструваат.

Што извезува Србија во Киргистан?

Иако меѓу стоките што се извезуваат во Киргистан има и такви што се користат за цивилна употреба, како што се картон и овошни садници, Заводот за статистика го евидентира и извозот на стоки што се на листата „висок приоритет“, односно стоки со двојна употреба идентификувани како стоки кои се користат во воената индустрија.

Оваа стока се наоѓа на списокот за санкции на Европската Унија и Соединетите Државу за извоз во Русија. Листата „висок приоритет“ против Русија беше воведена како дел од меѓународните санкции по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година. Мерките за ограничување на извозот на критични технологии и материјали постепено се заоструваат преку неколку пакети санкции.

Како што е наведено на веб-страницата на Европската комисија, односно нејзиното тело Директоратот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазари на капитал, оваа листа претставува:

„Список на забранети стоки со двојна употреба и напредна технологија што се користат во руските воени системи кои се на бојното поле во Украина или се од клучно значење за развојот, производството или употребата на тие системи“.

Во 2022 година Србија извезла ваков вид стоки во Киргистан во вредност од 340 000 долари, додека во 2023 година вредноста на санкционираната стока испратена во Киргистан драстично се зголемила, односно изнесува 7,7 милиони долари, покажуваат податоците на Заводот за статистика анализирани од Радио Слободна Европа.

Од „санкционираната стока“ најмногу се извезувале топчести лежишта, делови од авиони, хеликоптери, беспилотни летала, електрични уреди за електрични кола...

Дали и во колкава мера оваа стока влегла во Киргистан или била повторно извезена на друг пазар, не е познато бидејќи Статистичкиот комитет на Киргистан не објавил податоци за видот на увезената стока за последните две години. Комитетот наведе дека нема потреба или барање за такви детални податоци.

Според податоците од базите на податоци на Агенцијата за деловни регистри, речиси една третина од фирмите регистрирани во Србија кои извезуваат стоки во Киргистан се основани по почетокот на инвазијата, односно по 22 февруари 2022 година. Деловниот регистар покажува дека сопствениците од овие компании, меѓу другите, се државјани на Русија, Куба, Молдавија, Украина, но и од земјите на Европската Унија од Италија, Литванија и Словенија.

Податоците на Републичкиот завод за статистика откриваат со која стока и во колкав обем се тргувало, но не точно кои фирми регистрирани во Србија ја извезувале „спорната“ стока, односно производи опфатени со санкциите на ЕУ и САД.

Европска комисија: ЕУ внимателно ги следи третите земји

Освен во Србија, според податоците на ММФ, во последните две години има значително зголемување на извозот во Киргистан и од други европски земји, меѓу кои Германија, Унгарија, Полска и Италија.

„Киргистан е само адреса на фактурата. Тоа е клучна точка за претовар на стоки што се испорачуваат во Русија и покрај санкциите“, напиша Робин Брукс, главен економист на Институтот за меѓународни финансии, на мрежата X во врска со објавени податоци на ММФ.

За РСЕ, Брукс не одговори дали своите убедувања за прекршување на санкциите ги заснова исклучиво на несовпаѓањето на податоците за увозот и извозот меѓу Киргистан и европските земји или пак има дополнителни докази дека стоките што се извезуваат во Киргистан се испраќаат на рускиот пазар.

Потпретседателот на владата на Киргистан, Едил Баисалов, беше бесен на неговите тврдења, наведувајќи дека предложил во Брисел да ги информираат за секоја наводна трансакција на стоки со двојна употреба извршена од киргистански компании.

„Бидејќи не сме тоталитарна држава, не го контролираме и не можеме да го контролираме секој од овие сомнителни бизниси“, напиша Едил Баисалов на мрежата Х.

Кристијан фон Зеста, експерт за санкции од германскиот Институт за глобални и регионални студии (ГИГА), за РСЕ вели дека податоците за извозот сами по себе не се доволен доказ за кршење на санкциите против Русија, но нагласува дека е неопходна дополнителна контрола.

„Членството на Киргистан во Евроазиската економска унија ја отежнува ефективната контрола на понатамошната трговија со Европа. Трговските компании и владите на земјите-членки на таа Унија треба да бидат предмет на поефикасна контрола“, смета Фон Зеста.

Заедно со Ерменија, Белорусија и Казахстан, Киргистан е во Евроазиската унија со Русија, што овозможува трговија меѓу овие земји, без царини и дополнителни проверки. Евроазиската економска унија е основана во јануари 2015 година, со цел да се олесни слободниот проток на стоки, услуги, капитал и работна сила меѓу земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Според статистичките податоци на Евроазиската економска комисија, од почетокот на војната во Украина, обемот на карго транспорт на Киргистан во рамките на Евроазиската унија е во постојан раст.

„Европската унија внимателно следи што се случува“, изјавија од Европската комисија за Радио Слободна Европа.

На прашањето дали и какви мерки се спроведени за да се спречи потенцијалната испорака на стоки произведени на запад во Русија преку Киргистан и другите членки на Евроазиската унија, тие велат дека се следат сите форми на заобиколување на санкциите и дека тој проблем е приоритет.

„ЕУ ги следи третите земји кои се користат како платформи за заобиколување санкции, особено операторите вклучени во шемите за заобиколување санкции и реекспортот на санкционирани стоки во Русија. Неопходен е дипломатски пристап и постојана соработка со овие земји за да се осигура дека санкциите на ЕУ нема да бидат заобиколени. Ова е во суштината на мандатот на претставникот на ЕУ за санкции, г-дин Дејвид О'Саливен“, се вели во одговорот на Европската комисија.

Како што посочуваат, листата на приоритетни стоки (високо приоритетни стоки со двојна употреба) која во договор со САД, Велика Британија и Јапонија е забранета за извоз во Русија и која често вклучува технологија и опрема што може да се користи за воени цели, е основна почетна точка во преговорите на ЕУ со трети земји.

„Ги повикавме третите земји да го забранат реекспортот на овие стоки во Русија, бидејќи тие речиси сигурно ќе бидат користени од руската војска на бојното поле во Украина. Затоа, оваа листа е централен елемент во нашите разговори со трети земји. Понатаму, компаниите треба да посветат посебно внимание при тргувањето со тие стоки“, велат од Европската комисија за РСЕ.

Србија, иако кандидат за членка во ЕУ, не ги почитуваше одлуките на Унијата во врска со санкциите против Русија.

Извозот од Србија во Русија не е забранет, освен што има упатство да не се извезуваат во Русија стоки со ознаки со „висок приоритет“ што Русија ги користи за воената индустрија. Од почетокот на инвазијата на Украина, овие упатства ги објавува Стопанската комора на Србија.

Земја која не ги почитува одлуките за санкции може да биде казнета дури и со забрана на увоз на модерна технологија произведена на Запад, според одлуката на ЕУ за 11-тиот пакет санкции, која беше усвоена во јуни 2023 година.

Според претходното истражување на Радио Слободна Европа, од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година, преку српски компании во Русија биле испорачани производи во вредност од најмалку 71,1 милиони долари, иако се работи за стоки кои се ставени на списокот на производи со висок ризик и се предмет на санкции наметнати од страна на Европската Унија и Соединетите Држави воведени во Русија.

Врз основа на податоците од меѓународните трговски бази на податоци, РСЕ потоа анализираше повеќе од 14 000 пратки од српски компании кои извезуваа производи во Русија од почетокот на војната, односно од февруари 2022 година.

Владата на Србија и Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорија на наодите на ова истражување.

Од Министерството за европски интеграции за РСЕ изјавија дека Србија „спроведува голем број конкретни активности насочени кон борба против заобиколувањето на санкциите, вклучително и оние кои имаат за цел зајакнување на контролата на извозот“.

Стопанската комора на Србија, која треба да следи како работат српските компании, во својот одговор до РСЕ истакна дека компаниите биле предупредени дека целата стока наменета за Русија ќе биде предмет на проценка на ризик од царинските органи на ЕУ, но дека немаат сознанија за заобиколување на санкциите од компаниите кои работат во Србија.

XS
SM
MD
LG