Десничарските популисти во Швајцарија го постигнаа еден од своите најдобри резултати досега на парламентарните избори. Иако гласањето веројатно нема да го промени составот на швајцарската влада, се чини дека загриженоста за имиграцијата и зголемените трошоци за енергија ги надминаа стравувањата од климатските промени.
Воедно, изборите одржани во недела на 22 октомври во Швајцарија го потврдуваат оживувањето на популистите на гласачките кутии низ Европа, пишуваат светските медиуми.
Конечни резултати
Екстремно десничарската и евроскептичната Швајцарска народна партија (СВП) се покажа како јасен лидер на парламентарните избори во Швајцарија, според конечните резултати објавени доцна во неделата, пишува Политико.
Швајцарската народна партија, која ја фокусираше својата кампања на антиимигрантската реторика на избори во кои доминираа домашните прашања, освои 28,6 отсто од гласовите во долниот дом на парламентот, Националниот совет, освојувајќи вкупно 62 места или девет повеќе од изборите во 2019 година.
Додека центристичката партија Центар го задржа својот резултат на 14,6 отсто (29 места), либералната партија ФДП претрпе мала загуба, губејќи едно место.
Левицата, Социјалистичката партија (СП) останува втора политичка сила во земјата, освојувајќи 18 отсто од гласовите и две дополнителни места, додека и Зелените и Либералните зелени претрпеа значителни загуби, губејќи пет, односно шест места.
Швајцарската народна партија се фокусираше на имиграцијата на изборите не кои доминираа домашните прашања, посочува Политико, додавајќи дека за прв пат партијата водеше кампања и за прашања за трошоците на животот, што беше приоритетно прашање за гласачите во услови на зголемени трошоци за здравствена заштита.
Резултатите укажуваат и на воскреснувањето на Центарот, пишува бриселскиот портал, нагласувајќи дека по неколкуте изборни неуспеси, центристичката партија сега ќе има клучна улога во создавањето мнозинство во парламентот.
Швајцарците гласаат за 200 места во Долниот дом на парламентот, Националниот совет и 46 места во горниот дом, Советот на држави. Од 1959 година, сите поголеми партии се претставени во седумчлената влада, Федералниот совет, избрана од членовите на парламентот. Новиот парламент ќе ја избере швајцарската влада на 13 декември.
„Ксенофобична“ кампања
Резултатите од неделните избори укажуваат дека и покрај големиот број жители на Швајцарија кои потекнуваат од други земји и нејзиниот статус како една од најбогатите земји во светот, острите предупредувања на Швајцарската народна партија против „масовната имиграција“ одекнаа кај швајцарските граѓани, пишува „Гардијан“.
Меѓу предлозите на партијата беа напорите за ограничување на населението во земјата, сега на 8,8 милиони, на 10 милиони до 2050 година, наведувајќи ја загриженоста за заштитата на природата и преоптоварената инфраструктура.
Нападите врз миграцијата, нагласува весникот, долго време се главното прашање на Швајцарската народна партија, која две децении е најголемата фракција во парламентот. Овој пат, Федералната комисија против расизмот ја обвини народната партија за водење на „ксенофобична“ кампања по рекламите на социјалните мрежи кои се обидуваат да поттикнат страв од мигрантите.
На објавите беа прикажани крвави ножеви, криминалци со качулки, модринки и исплашени жени, по што следеше прашањето дали тоа би можело да биде „новата нормала“?
Околу четвртина од жителите на Швајцарија доаѓаат од други земји, а граѓаните на Италија, Германија, Португалија и Франција се меѓу најголемите мигрантски заедници, пишува Гардијан, додавајќи дека и покрај тоа, само швајцарските граѓани можат да гласаат на сојузните избори.
Швајцарската народна партија, која е силно против Европската Унија (ЕУ), исто така ја повика Швајцарија да ја зајакне својата посветеност на неутралност, во согласност со нејзиниот став дека земјата отиде предалеку во почитувањето на санкциите на ЕУ против Русија по инвазијата на Украина, истакнува весникот, потсетувајќи дека Швајцарија не е членка на ЕУ.
Рето Фоелми, професор по економија на Универзитетот во Сент Гален, рече дека влијанието на изборите во недела веројатно ќе се почувствува во тонот и фокусот на политичката дебата во земјата.
„За климатските промени, владата и парламентот ќе ја тргнат ногата од гасот, а со миграцијата тонот ќе стане потежок“, рече Фоелми претходно неделава.
Клима и трошоци
Силниот изборен резултат на Швајцарската народна партија сугерираше дека загриженоста за имиграцијата можеби ги надминала стравувањата од претстојната климатска криза во земја каде што глечерите се повлекуваат со извонредна брзина, пишува агенцијата Франс прес.
Политичкиот моментум е забавен и двете партии кои се занимаваат со прашања за заштита на животната средина ги загубија своите места во парламентот, посочува АФП, посочувајќи на изјавите на експертите кои тврдат дека ова е лоша вест за левицата.
Пратеничката на Зелените Лиза Мазоне вели дека изборните резултати укажуваат на „контекс на страв и јасно е дека кога се плашиме, забораваме на надежта“.
„Резултатот значи дека ќе биде потешко да се справиме со прогресивни прашања или прашања како животната средина и одржливоста“, рече Клои Јанс, анкетар од организацијата ГФС Берн, во изјава за Ројтерс, нагласувајќи дека во следните четири години политичарите ќе имаат помал притисок да се справат со тие прашања.
Мајкл Херман, политички аналитичар од организацијата Сотомо, смета дека „исчезна прогресивниот жар од пред четири години“ и дека по „четири години криза, со корона вирусот и војната во Украина, луѓето се поконзервативни отколку што беа во 2019 година".
Според оценката на Асошиејтед прес, изборите во Швајцарија, по неодамнешните избори во Полска укажаа на дел од европскиот електорат кој размислува како да ја балансира привлечноста на десничарската популистичка политика со потребата да се трошат пари и ресурси за борба против глобалното затоплување, во време на зголемена инфлација која погоди многумина во џебот, дури и во добростоечката Швајцарија.
И предизборните анкети сугерираа дека Швајцарската народна партија ќе го надополни изгубениот резултат во 2019 година, кога Зелените добро се снајдоа во услови на зголемена загриженост во тоа време за влијанието на климатските промени. Овој пат, се чини дека проблемите со џебот имаат предност пред загриженоста за глобалното затоплување, истакнува АП.
Надвор од избирачкото место во женевскиот кварт Каруж, пензионерката Клодин Џујард рече дека избрала различни кандидати, но најмногу гласала за социјалистите.
„Животот станува се поскап и не е лесно“, вели Џујард.
Сигнал за незадоволство на гласачите
Иако Швајцарската народна партија долго време е главна сила во швајцарската политика и нема амбиции да го наруши постојниот политички поредок, неговата силна појава е сигнал за незадоволство на гласачите по турбулентните четири години, истакнува Фајненшл тајмс, додавајќи дека швајцарските десничарски популисти, кои постигнаа еден од своите најдобри резултати на парламентарните избори, се спротивставија на рестриктивните мерки за време на пандемијата КОВИД-19 и неодамна жестоко го критикуваа учеството на Швајцарија во санкциите против Русија, за кои велат дека го поттикнале растот на цените на енергијата и ја загрозиле светата традиција на геополитичката неутралност.
Партијата, додава весникот, водеше и жестока кампања против она што го опиша како „родов тероризам“, осврнувајќи се на дебатата за правата на трансродовите и „радикалните“ политики за зелена клима.
„Изборните резултати се „јасна промена надесно“, рече Тиери Буркарт, лидер на либералната партија ФДП, која го доживеа најлошиот резултат досега, освојувајќи само 14,5 отсто од гласовите.
Победата на Швајцарската народна партија, нагласува Фајненшл тајмс, ќе направи силно поместување надесно во швајцарската политика, што може да влијае на чувствителните претстојни меѓународни прашања за земјата.
Истовремено, пишува весникот, изборите го потврдуваат оживувањето на популистите на гласачките кутии ширум Европа: во Германија на почетокот на овој месец, антиимигрантската АФД постигна значителни резултати на изборите во Баварија и Хесен, додека во Австрија, екстремно десничарската Партија на слободата води во анкетите со месеци пред националните избори кои треба да се одржат следната есен.
Победата на Швајцарската народна партија ќе им даде поттик на оние кои сакаат партијата да се фокусира на радикални позиции наместо да се обидува да прави компромиси, кои, според Блумберг, се во сржта на швајцарската политика со децении.
Сепак, исходот од парламентарните избори е многу помалку одлучувачки за идната политика во Швајцарија отколку во другите земји, бидејќи иницијативите и референдумите, кои се одржуваат неколку пати годишно, им даваат шанса на гласачите да одлучуваат за сè, од корпоративните даноци до имиграцијата.
Бидејќи гласањето се одвива толку често, излезноста на парламентарните избори е традиционално мала, пишува Блумберг, додавајќи дека неделната излезност од 46,6 отсто била поголема отколку на изборите во 2019 година, но сепак е една од најниските во Европа.