Достапни линкови

Што ни кажуваат фактите за насилствата во Сирија?


илустрација
илустрација

И покрај тоа што ерупцијата на насилство во западна Сирија го покрена прашањето за способноста на преодната влада да ги контролира нејзините фракции, таа исто така, во фокус ги стави и руската и иранската вмешаност во „сириските работи“.

Откако на 6 март избија судири меѓу владините сили и вооружените лица лојални на соборениот претседател Башар ал-Асад, разни групи за човекови права кои ја следат ситуацијата во Сирија, документираа над 800 жртви, вклучително и цивили.

Бунтовничките групи предводени од Ахмад ал Шара ја соборија владата на Асад во молскавична офанзива во декември 2024 година, ставајќи крај на половина век владеење на семејството Асад во Сирија.

Владата на Асад беше поддржана од Русија и Иран. И додека Русија продолжува да ги одржува врските со новата влада, Иран беше целосно исклучен.

Преку интервјуа и анализа на отворената база на податоци, Радио Слободна Европа може да даде појасна слика за тоа што се случува во Сирија.

Егзекутирани мажи

Групите за права велат дека меѓу загинатите има стотици цивилни жртви, од кои повеќето биле Алавити, малцинска шиитска заедница на која и припаѓа и соборениот претседател Асад.

ОН на 11 март соопштија дека цели семејства, вклучувајќи жени и деца, биле убиени за време на насилството.

Снимките на социјалните мрежи анализирани од Шеми, истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ, сугерираат дека некои од најлошите насилства врз цивилите Алавити се случиле во пристанишниот град Латакија, каде што се наоѓа руската воздухопловна база Хмејмим.

Некои видеа покажуваат како невооружени мажи биле егзекутирани со истрел од зад грб, а други прикажуваат жртви кои биле физички малтретирани и понижувани, така што на пример биле принудени да лаат како куче и да ползат над мртвите тела.

Нобил, Сириец од Латакија кој моментално живее во Грција, за Шеми изјави дека фракциите поврзани со преодната влада влегле во селото Музајра ноќта на 6 март и неселективно пукале во куќи со митралези од голем калибар, поставени на камиони.

Тој рече дека во нападот изгубил шест членови на семејството, меѓу кои две тетки и двајца внуци. Успеал да побегне само неговиот братучед.

Новинарите на Шеми го пронајдоа фејсбук профилот на еден од наводните напаѓачи познат како Абу Бакр Морк, исто така наречен Талха, чија страница е исполнета со објави за нападите во западна Сирија.

Во една објава, тој ги повикува мажите да дојдат во областа бидејќи жените во областа „се вдовици и нема мажи“.

Во друга објава, тој пишува за „кампања за расчистување на остатоците од непостоечкиот режим“, мислејќи на владата на Асад.

Барање засолниште во руска воздухопловна база

Сателитските снимки обезбедени од Planet Labs и анализирани од Шеми покажуваат дека, веќе на 7 март, луѓето почнале да се собираат во близина на воздухопловната база Хмејмим управувана од Русија, барајќи засолниште од судирите.

„Ова можеби е единственото безбедно место за луѓето да останат, имајќи предвид дека ниту една страна не сака да ги наруши односите со Русија во моментот“, изјави за Шеми, Ихор Семиволос, директор на Центарот за блискоисточни студии со седиште во Киев.

Русија беше главен поддржувач на Асад, давајќи им воздушна поддршка на неговите сили и на посредниците поддржани од Иран, додека тие се бореа не само против милитантите на Исламската држава (ИД), туку и против бунтовниците кои се противеа на владеењето на Асад.

Истите тие бунтовници сега се одговорни, но Москва успеа да се позиционира како клучен партнер на новите владетели на Сирија, кои се потпираат на Русија за печатење на нејзината локална валута.

Русите одржаа значително присуство во нивните две воени бази, особено во Хмејмим.

„Система“, руската истражна единица на РСЕ, потврди најмалку 37 летови со големи товарни авиони Антонов Ан-124 помеѓу декември 2024 и март, идентификувајќи 22 пристигнувања и 15 полетувања од воздухопловната база. Секој авион може да носи до 150 тони опрема, што укажува на значително движење на персонал или опрема.

Анализирајќи ги сликите на социјалните мрежи од последните неколку дена, Система откри дека генерал-мајор Сергеј Гашков, шеф на рускиот Центар за помирување и контрола на движењето на бегалците во Сирија, моментално е во воздухопловната база.

Не е изненадувачки што Русија се обидува да одржи силни врски со Дамаск под нејзиното ново раководство, бидејќи задржувањето на контролата над воздухопловната база Хмејмим и поморската база во Тартус обезбедува стратешки пристап до Блискиот Исток, Северна Африка и Средоземното Море.

Која е улогата на Иран?

Нема цврсти докази кои сугерираат дека Русија е вмешана во поттикнувањето немири долж западниот брег на Сирија, но некои го обвинија Иран дека има улога.

Во Асад, Иран го загуби клучниот сојузник кој му дозволи на Техеран да ја користи Сирија како копнен коридор за да ги поврзе своите регионални приврзаници од Ирак и Либан.

Кога сириските бунтовници го соборија Асад, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи вети дека Сиријците ќе се кренат и ќе се спротивстават на бунтовничката влада.

Иран во моментов нема начин да внесе средства или оружје во Сирија, но неколку клучни фигури кои го водат про-Асад отпорот кон новата влада се блиски до Техеран и обучени од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Преживеаните лојалисти на Асад се предводени од четири личности: генерал-мајор Сухаил ал-Хасан, чиј роден град Аита беше меѓу првите сведоци на судири, потоа Мукдад Фатиха, основач на вооружената група Крајбрежен штит, Ибрахим Хавија, поранешен шеф на сириското разузнавање и Гиас Дала, поранешен офицер во елитната сириска 4-та оклопна дивизија со врски со ИРГЦ и либанската група Хезболах, која САД ја прогласи за терористичка.

Филип Смит, експерт за ирански полномошници и шиитски милиции, за РСЕ изјави дека Иран „посакал претерана реакција“ од преодната влада и го добил токму она што го сака.

„Техеран е среќен што се случи ова, особено затоа што на тој начин утврди дека Иран може да предизвика огромно нарушување во Сирија“, заклучува Смит.

XS
SM
MD
LG