Кон крајот на март, Русија стави вето на континуираниот надзор на Обединетите Нации (ОН) на санкциите против Северна Кореја поради нејзината програма за нуклеарно оружје и балистички ракети, распуштајќи го телото на ОН кое 14 години беше одговорно за внимателно следење на нелегалните активности на Пјонгјанг.
Руската блокада на работата на експертската група го истакнува продлабочувањето на врските на Пјонгјанг со Москва од почетокот на руската инвазија на Украина, како и растечкиот јаз меѓу Русија и Соединетите Држави и нејзините западни сојузници, пишуваат светските медиуми.
Гасење на телото за надзор на санкциите кон Северна Кореја
Русија ја затвори комисијата од експерти на ОН која со години ги надгледуваа санкциите кон Северна Кореја, посочува Би-Би-Си, додавајќи дека комисијата неодамна соопштила дека ги истражува извештаите дека Русија ги прекршила правилата купувајќи севернокорејско оружје, како што се балистички ракети за употреба во Украина.
Советот за безбедност на ОН воведе серија санкции кон Пјонгјанг од 2006 година поради севернокорејската програма за нуклеарно оружје. Тие ограничувања сè уште се во сила, но како што истакнува британскиот јавен сервис, експертската група формирана за следење на кршењето на санкциите сега ќе биде распуштена.
На гласањето во Советот за безбедност на 28 март, Русија го искористи правото на вето како постојана членка за да го блокира продолжувањето на работата на ова тело, додека 13 од останатите 14 земји-членки гласаа за продолжување на работата на групата. Кина, најблискиот сојузник на Пјонгјанг, беше воздржана во гласањето.
САД, Обединетото Кралство и Франција го информираа Советот дека Русија ја исклучила комисијата затоа што таа почнала да известува за руските прекршувања, особено за купување оружје од Северна Кореја за боиштата во Украина.
Советот за безбедност првпат воведе санкции во 2006 година како одговор на нуклеарната проба на Северна Кореја и оттогаш донесе уште 10 резолуции со кои се зајакнуваат таквите санкции, додека нуклеарната активност на Пјонгјанг продолжува.
Сепак, режимот на Ким Јонг Ун во голема мера ги игнорираше санкциите и покрај нивното влијание врз економијата на Северна Кореја. Севернокорејскиот лидер забрзано се стреми кон развој на нуклеарно оружје додека во последниве години спроведува поагресивна и поопасна воена стратегија.
Експертите на ОН велат дека Северна Кореја продолжува да ги крши санкциите со зголемување на бројот на лансирања на ракетни тестови и развивање нуклеарно оружје, јавува Би-Би-Си, додавајќи дека режимот годинава лансирал шпионски сателит со технологија за која се верува дека е од руско потекло.
Важни функции на експертската група
Тоа беше првпат Русија да стави вето на она што претходно беше рутинско годишно гласање за продолжување на мандатот на комисијата со експерти, што означува обединето глобално противење на проширувањето на нејзината програма за нуклеарно оружје од страна на Северна Кореја и кршењето на меѓународните санкции, пишува Вашингтон пост.
„Со ова вето, Русија стана непријателска држава кога станува збор за неширење на нуклеарното оружје и спроведувањето на нормите за балистички ракети“, изјави поранешниот координатор на панелот Хју Грифитс за американскиот весник, додавајќи дека со овој потег „на светот му беше кажано дека нуклеарните програми на Северна Кореја сега, некако, се во ред“.
Од своето формирање во 2009 година, комисијата од независни експерти го следи спроведувањето на санкциите на ОН наметнати на Северна Кореја од 2006 година и двапати годишно поднесува извештај до Советот за безбедност на ОН за ефективноста на тие санкции и детали за развојот на незаконски активности на Северна Кореја. Мандатот на комисијата истекува на 30 април.
Иако комисијата нема овластување да спроведува санкции, таа служеше како важно истражно тело и место за собирање информации за активностите на Северна Кореја кои ги прекршуваат меѓународните санкции.
Грифитс истакнува дека една од важните функции на панелот е да обезбеди независна проценка на компании и поединци кои ги прекршиле финансиските санкции против Северна Кореја или ги поддржале нејзините мрежи за ширење. Тие информации беа искористени од банките и осигурителните компании за замрзнување на имотот на тие луѓе и компании за кои беше потврдено дека и помагаат на Северна Кореја да ги прекрши меѓународните санкции, посочува тој.
Во последниве години, Советот за безбедност на ОН е поделен околу спроведувањето на санкциите кон Северна Кореја, пишува весникот Вашингтон, додавајќи дека Кина и Русија ја доведуваат во прашање ефикасноста на забраните на Советот кои имаат за цел да ги ограничат нуклеарните амбиции на Пјонгјанг.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, ја критикуваше работата на комисијата, велејќи дека „се повеќе се сведува на играње во рацете на западните пристапи, повторно пласирање на пристрасни информации и анализа на наслови на весниците и фотографии со слаб квалитет“.
„Мрачна иднина“
Потегот на Русија за ефективно распуштање на комисијата од експерти што ги надгледуваат долгогодишните санкции на ОН против Северна Кореја укажува на „мрачна иднина“ за спроведување на санкциите, изјавија тројца поранешни членови на комисијата за Ројтерс.
Независни аналитичари велат дека ветото ја нагласува ретката дипломатска дивиденда за Пјонгјанг и го нагласува продлабочувањето на врските со Москва, кои вклучуваат испораки на балистички ракети и муниција за употреба во војната во Украина, како и можни испораки на гориво за Северна Кореја.
И Москва и Пјонгјанг ги негираа договорите за оружје, но ветија дека ќе ги продлабочат воените врски, додека шефот на руската разузнавачка агенција ја посети Северна Кореја минатата недела за да вети обединет фронт против „обидите да се зголеми притисокот од надворешни сили“.
Гласањето беше значајно и претставува голема пресвртница во режимот на меѓународни санкции против Северна Кореја, изјави Арон Арнолд, поранешен член на комисијата, кој сега работи како експерт за санкции во британскиот Кралски институт за Обединети услуги (RUSI).
„Гласот на Русија, заедно со нејзиното флагрантно кршење на санкциите со купување на конвенционално оружје од Северна Кореја, нејзината долга историја на игнорирање на нејзините обврски и барем премолчената поддршка од Кина укажуваат на тоа дека иднината за режимот на санкции на Северна Кореја е мрачна“, рече тој, користејќи ги иницијалите на официјалното име на Северна Кореја, Демократска Народна Република Кореја.
Крајот на работата на комисијата може да доведе до поголема трилатерална соработка меѓу Вашингтон, Сеул и Токио, а повеќе докази за прекршување на санкциите би можеле да бидат јавно објавени, бидејќи ограничувачкото влијание на Русија и Кина врз извештаите ќе исчезне со експертската комисија на ОН, рече Лејф- Ерик Исли, професор на Универзитетот Евха во Сеул.
Прашањето за користење на арсеналот
Очигледното затворање на комисијата е дополнителен доказ за тоа како она што некогаш беше глобален напор за ограничување на ширењето на нуклеарното оружје, брзо се распаѓа во текот на изминатите две години, пишува Њујорк Тајмс, истакнувајќи дека Москва еднаш ги поздрави деталните извештаи на комисијата од експерти на ОН за кршење на санкциите и ја сметаше нуклеарната програма на Пјонгјанг за закана за глобалната безбедност.
„Поголемиот дел од периодот по Студената војна, Соединетите Држави, Русија и Кина беа партнери во справувањето со предизвиците за ширење, особено со Северна Кореја и Иран. Тие беа целосно на американската и европската страна за време на преговорите со Иран, и тие и помогнаа на Северна Кореја во периодот на „оган и бес“ од 2016 до 2017 година“, рече Роберт Ајнхорн, поранешен функционер на Стејт департментот.
Во тоа време, Русија, како и Кина, редовно гласаше за санкции против Северна Кореја. Но, како што истакна Ајнхорн, тоа единство е поткопано од обновувањето на конкуренцијата на големите сили, истакнува Њујорк тајмс, заклучувајќи дека партнерството за ограничување на нуклеарните закани, дури и од Северна Кореја, чии нуклеарни капацитети претставуваат безбедносен предизвик и за Кина и за Русија, исчезна.
Весникот пишува дека никој не е сосема сигурен колку нуклеарно оружје произвеле Севернокорејците од првата нуклеарна криза во земјата во 1994 година, или откако таа првпат тестираше нуклеарно оружје во октомври 2006 година. Експертите веруваат дека арсеналот сега има околу 50 или 60 нуклеарни оружја, иако проценките се движат од 40 до 100.
Сепак, најголемата грижа за Северот не е големината на арсеналот, туку неговите намери, истакнува Њујорк Тајмс, посочувајќи на тврдењата на одредени експерти за Северна Кореја.
Роберта Карлин, поранешен висок разузнавач кој честопати бил вклучен во преговорите за Северна Кореја и Зигфрид Хекер, поранешен директор на американската Национална лабораторија во Лос Аламос, кон крајот на минатата година тврдеа дека „ситуацијата на Корејскиот полуостров е поопасна од кое било време од почетокот на јуни 1950 година“, кога избувна Корејската војна.
Новите изјави на Северна Кореја, велат тие, јасно покажуваат дека земјата се откажала од идејата за повторно обединување и можеби се подготвува за воено решение за поделба на полуостровот и дека „опасноста е веќе многу подалеку од рутинските предупредувања во Вашингтон, Сеул и Токио за провокациите на Пјонгјанг.”