Достапни линкови

 
Подготвеност има, но македонско-бугарска средба за Коридорот 8 уште нема  

Подготвеност има, но македонско-бугарска средба за Коридорот 8 уште нема  


Илустрација, пруга
Илустрација, пруга

Бугарија порача дека е подготвена да потпише договор со Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Од македонското Министерство за транспорт одговорија дека „едно се дела, а друго се зборови“.

„Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и што поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел“, порача бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО.

Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од пругата од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на тунелот.

Софија: Изградбата може да започне веднаш

Според бугарските медиуми, Караџов на средбата во понеделникот, на 4 април изнел детални информации за железничките проекти на бугарска територија долж Коридорот 8.

„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара“, изјавил Караџов. Доколку Северна Македонија нема забелешки на документот, тој е подготвен веднаш да го организира неговото потпишување.

Македонците се возат со воз 20 км/час, сонуваат за 200 км/час
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00

Од македонското Министерство за транспорт на овие изјави на бугарските владини претставници со реакција дека “Едно се дела, друго се зборови. Република Бугарија повторно ги извртува фактите“.

Во писмената реакција потсетуваат дека Владата „е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8“ и дека по барање од страна на Бугарија за постигнување на Договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, веднаш било формирано работно тело во кое се министрите за транспорт, Александар Николоски, за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски“.

Откажана средба на директорите на двете железници

Но од македонското Министерство велат дека неколку пати се обиделе и побарале од Софија да се состанат двете работни групи, но до сега не добиле никаков официјален одговор. Бугарската страна ја откажала и претходно закажаната средба на директорите на двете железнички компании.

На средбата во Софија во понеделникот со амбасадорите на западните земји, според бугарските медиуми, бугарскиот министер за регионален развој Иван Иванов кажал дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8, со оглед на неговата исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.

ЕУ известена дека коридорот 8 не е приоритет за Бугарија

Овој повик од Бугарија во врска со Коридорот 8 следува откако на почетокот на март од Бугарија пристигна вест дека тамошната влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија, поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти.

Македонскиот министер за транспорт и врски Александар Николовски на 14 март оцени дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е „политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8“.

Македонската Влада минатиот месец ги известила и Европската Комисија, Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница дека „се загрижени во однос на информациите изнесени во бугарската јавност, а во кои стои дека поради немање на финанисиски средства, Република Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија - Радомир - Перник, како дел од Коридор 8“.

Скептицизам околу можноста за реализација на овој проект најпрво изрази министерот за транспорт Александар Николовски кој објави дека делницата од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој треба да заврши до 2030 година.

Тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент, Северна Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.

XS
SM
MD
LG