Достапни линкови

Ескалираа протестите против претставата на Малкович во Софија


Демонстрации против претставата на режисерот Џон Малкович и авторот Џорџ Бернард Шо, Софија, 7 ноември 2024
Демонстрации против претставата на режисерот Џон Малкович и авторот Џорџ Бернард Шо, Софија, 7 ноември 2024

Полицијата си ја заврши својата работа на протестот на националистите пред Народниот театар „Иван Вазов“, кој во четвртокот вечер (7 ноември) ја стопираа премиерата на претставата „Оружјата и човекот“. Ова за БНТ го изјави в.д. министерот за внатрешни работи Атанас Илков.

За немирите нема уапсени, бидејќи немаше „податоци за лица кои беа посочени како нарушувачи на јавниот ред“, додаде Илков.

Според него, ескалацијата на нередите пред театарот во голема мера е предизвикана од „непримерниот чин“ на режисерот Васил Василев, кој излегол кај демонстрантите да разговара со нив, но наместо тоа бил нападнат и турнат.

Изјавата на Илков доаѓа во време на повиците за негова оставка и обвинувања дека Министерството за внатрешни работи не ја завршило својата работа за зачувување на јавниот ред.

Ова се случува откако националистите во четврток вечер спречија за јавноста да биде изведена премиерата на претставата на режисерот Џон Малкович во Софија, бидејќи сметаат дека таа ги „навредува Бугарите“. Тие побараа да се забрани претставата „Оружјата и човекот“ од Бернард Шо и Малкович да биде протеран од Бугарија.

Гледачите се пожалија дека биле физички нападнати од демонстрантите, а полицијата не ги заштитила и не обезбедила пристап до театарот за луѓето кои отишле да ја гледаат премиерата на претставата.

Видеата на социјалните мрежи покажаа дека демонстрантите ги нарекуваат гледачите со билети за претставата „предавници“ и предизвикуваат судири. Видео на платформата X покажува како луѓето го туркаат актерот Владимир Пенев до ѕидот на театарот и му ги земаат очилата. Режисерот Теодор Ушев рече дека бил удрен со клоци и тупаници од демонстрантите, а полицијата не интервенирала освен да му каже да го напушти местото на настанот.

На крајот, премиерата беше изведена пред празна сала, во која можеа да влезат само новинари, а БТВ ја пренесуваше во живо.

Демонстрантите, меѓу кои имаше и претставници на повеќе националистички партии како „Преродба“ и ВМРО, побараа оставка од директорот на театарот Васил Василев. Тој излегол да разговара со нив, но дел од лицата почнале да го туркаат и физички да го напаѓаат и полицијата го однела назад во зградата.

Сега министерот за внатрешни работи Илков изјави дека Василев направил грешка што излегол пред театарот, а овој „непримерен чин“ довел до ескалација на тензиите.

„Да се договореше со колегите, можеби оваа тензија немаше да ескалира“, рече министерот.

Според Илков, протестот бил најавен и биле распоредени повеќе од 60 полицајци за да го обезбедуваат. Откако се појавија тензии, беа испратени повеќе луѓе.

По нередите, имаше повици за оставка на министерот за внатрешни работи, вклучително и од театарските и филмските актери како Теодор Ушев, како и од политичарите како Станислав Балабанов од „Има таков народ“ (ИТН), „Ја продолжуваме промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) кои ги осудија немирите и ги дефинираа како „активен настан“ и „напад врз слободата на говорот“.

На прашањето дали публиката ќе има можност да ја види претставата во петок, кога таа повторно ќе биде изведена на сцената, Илков рече дека „се надева“.

Претходно за БНТ зборуваше и театарскиот директор Василев. Тој рече дека имало „огромен притисок“ претставата да биде цензурирана пред премиерата и ја опиша како „неприфатлива“.

„Ова не беше мирен протест“, рече Василев, додавајќи дека излегол пред демонстрантите затоа што сакал да ги повика да ја гледаат претставата пред да ја дадат својата оценка за неа.

Претставата „Оружјата и човекот“ критичарите ја дефинираа како антивоена и антиромантична комедија. Во него, авторот Бернард Шо го поставува дејството во еден бугарски град за време на Српско-бугарската војна во 1885 година. Многу од ликовите се бугарски, некои од нив имаат и комични ликови во делото.

Немирите пред Народниот театар дојдоа по неколкунеделна тензија околу продукцијата на Малкович. Сојузот на бугарските писатели (СБП) и неколку националистички организации го изразија своето незадоволство од претставата, за која велат дека е „антибугарска“ и претставува „понижување“ и „исмејување“.

На овие напади Малкович одговори дека може „само да се забавува“ со изјавата дека ќе дојде во Бугарија да постави претстава за да ја исмејува Бугарија.

XS
SM
MD
LG