Достапни линкови

Борисов прогласи победа на изборите во Бугарија, за влада ќе мора да коалицира


Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија
Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија

Десничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е победник на бугарските парламентарни избори, според првите прелиминарни резултати на 27 октомври.

ГЕРБ освои 25 отсто од гласовите, што е за околу 10 отсто повеќе од реформистичката коалиција на партијата „Продолжуваме со промените“ и десничарската Демократска Бугарија.

Конечните резултати се очекуваат в понеделник, а доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да влезе во коалиција за да може да формира влада.

ГЕРБ за потенцијални партнери ги смета сите партии во следниот парламент, освен „Преродба“. Ова го порача лидерот на партијата Борисов во изјава по изборниот ден.

„Ќе владееме со секој кој ја поддржува нашата програма“, рече Борисов во изјавата во партискиот штаб, одбивајќи да одговара на прашања на новинарите.

„Сите се потенцијален партнер освен Преродба“, додаде тој, наведувајќи ги како причина идеолошките разлики со партијата на Костадин Костадинов, која често зазема проруски позиции.

Борисов ја отфрли идејата на ПП-ДБ за непартиски кандидат за премиер.

„Никој денеска не гласаше за нечие име кое не го знаеме. Тоа нема да го дозволам“, рече Борисов.

Тој додаде дека доколку во парламентот влезат сите девет партии, кои според излезните анкети на социолошките агенции имаат шанса, влада нема да има.

Инаку политичките аналитичари предвидуваат дека дури и овие резултати, кои не се значително различни од претходните шест избори одржани во последните три години, може да доведат до нови избори.

На последните избори одржани во јуни, немаше јасен победник, а седумте групи избрани во парламентот не беа во можност да формираат одржлива коалиција.

Набљудувачите сугерираат дека денешното гласање ќе доведе до потешки преговори меѓу групите во парламентот, особено што се очекува да бидат девет.

Серијата неуспешни избори имаше сериозно влијание врз економијата на Бугарија и нејзината надворешна политика.

Земјата ризикува да загуби милијарди евра од фондовите за обновување на ЕУ поради недостаток на реформи.

Целосната интеграција во отворената Шенген зона и приклучувањето кон еврозоната најверојатно дополнително ќе бидат одложени.

Заморот на гласачите и разочарувањето од политичарите создадоа средина во која радикалните политички гласови, потпомогнати од широко распространетата руска дезинформација, успешно ја поткопуваат јавната поддршка за демократскиот процес и ја зголемуваат популарноста на проруските и екстремно десничарските групи.

Ваквите алармантни сигнали аналитичарите ги дешифрираат како можни мотиви за партиите од двата краја на политичкиот спектар да бараат решение засновано на прагматични компромиси.

Главната бугарска проруска партија, Преродба, за која анкетарите предвидуваа дека ќе стане втора по големина група во законодавниот дом, очигледно имаше слаби резултати.

Екстремно десничарската, ултранационалистичка и популистичка партија бара Бугарија да ги укине санкциите против Русија, да престане да и помага на Украина и да одржи референдум за членство во НАТО.

Групата досега беше изолирана во парламентот и нема нови знаци за идно партнерство.

Но, ако главните партии во законодавниот дом не успеат да го решат ќор-сокакот, пнаклонетоста кон Преродба и други слични партии може да се зголеми и да стави пречки на прозападниот пат на Бугарија.

ГЕРБ објави дека Борисов ќе биде нивниот кандидат за премиер доколку освојат најмалку 80 од вкупно 240 пратенички места.

Реформистичката прозападна коалиција „Продолжуваме со промените/ Демократска Бугарија“, која во моментов е на второто место, истакнува дека нема да го поддржи Борисов за премиер и бара независен кандидат со силна антикорупциска агенда да ја поддржи владата.

Ова се седми избори во изминатите три години, откако Борисов поднесе оставка, бидејќи големите антикорупциски протести ја урнаа неговата влада.

Оттогаш, ГЕРБ победи на пет од седум избори, но никогаш немаше доволно гласови за самостојно да формира парламентарно мнозинство и не успеа да ја добие поддршката од другите партии.

Изборите во јуни го забележаа најниското ниво на излезност на гласачите досега во посткомунистичка Бугарија, само 34 отсто.

И овие избори одржани на 27 октомври, како што се оценува, даваат слаби надежи дека ќе стават крај на политичкиот ќорсокак во најсиромашната држава на Европската Унија (ЕУ).

На изборите учествуваа 22 партии и девет коалиции.

XS
SM
MD
LG