Достапни линкови

„Преплашена сум“: Инфлуенсерките во страв по мистериозната смрт на авганистанска јутјуберка


Јутјуберката Хора Садат која мистериозно почина оваа недела во Кабул
Јутјуберката Хора Садат која мистериозно почина оваа недела во Кабул

По смртта на познатата авганистанска јутјуберка, која наводно била отруена, голем број инфлуенсерки стравуваат за својот живот во оваа земја. Многу познати личности на социјалните мрежи, вклучително и мажи, избегнуваа да ги критикуваат Талибанците или да коментираат политика.

Јутјуберката Хора Садат доби голем број следбеници на социјалните мрежи со нејзините забавни видеа за животот во Авганистан. Дури откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година, 25-годишната жена цврсто продолжи да создава содржина за своите повеќе од 300 000 следбеници и покрај обидите на милитантната група да ги избрише жените од јавниот живот, пишува на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Профилите на социјалните мрежи на Садат замолкнаа минатата недела. Таа, наводно, била отруена откако присуствувала на приватен настан во главниот град Кабул на 21 август. Талибанците соопштија дека уапсиле маж и жена во врска со нејзината смрт.

Иако мотивот за нејзиното наводно труење не е јасен, нејзината смрт ги исплаши познатите жени на интернет и инфлуенсерите кои сѐ уште се активни во Авганистан.

Во интервју за Радио Азади на РСЕ, неколку јутјуберки кои сакаа да останат анонимни од безбедносни причини, рекоа дека се плашат за својот живот и дека ги прекинале своите активности на Интернет.

„Секоја жена која работи за медиумите, која е активна во граѓанското општество или се појавува на социјалните мрежи се соочува со екстремни закани“, изјави за Радио Азади јутјуберката Шакила, која побара да не се користи нејзиното вистинско име.

Шакила рече дека повеќе не снима јавно, избирајќи да снима во безбедноста на нејзиниот дом.

Но дури и тогаш не го покажува своето лице во нејзините видеа.

„Од страв не можам ни да им кажам на нашите соседи дека имам канал на Јутјуб“, признава Шакила, која живее во Кабул.

Само неколку млади авганистански јутјуберки ги продолжија своите активности во земјата со која владеат Талибанците, кои на брутален начин го потиснаа несогласувањето откако дојдоа на власт пред две години.

Многу познати личности на социјалните мрежи, вклучително и мажи, избегнуваа да ги критикуваат Талибанците или да коментираат политика. Наместо тоа, тие се фокусираа на прикажување на авганистанската култура и природна убавина. Но и покрај нивната аполитична природа, таквата содржина „фрли малку светлина“ врз Авганистан под Талибанците.

Сураја, друга јутјуберка во Кабул, рече дека смртта на Садат рашири страв меѓу авганистанските жени кои играат видлива улога во општеството.

„Преплашена сум“, изјави Сураја за Радио Азади.

Оставени сами на себе

Некои активисти за правата на жените во Авганистан ги обвинија Талибанците за смртта на Садат, иако нема докази за вмешаност на милитантната група.

Минатата недела, членовите на Движењето за зајакнување на авганистанските жени се собраа на гробот на Садат за да изразат загриженост поради, како што рекоа, таргетираните убиства на истакнати жени.

„Со одење на гробот на Хора, најпрво сакаме да ја споделиме нашата тага со нејзиното семејство и пријателите. Потоа сакаме Меѓународната заедница да ги казни оние што стојат зад мистериозните и таргетирани убиства на жени“, изјави членката на движењето Халима Хакими за Радио Азади.

Во јануари, поранешната пратеничка Мурсал Набиџадах беше убиена заедно со нејзиниот телохранител кога неидентификувани вооружени лица упаднаа во нејзината куќа во Кабул.

Сѐ уште не се познати мотивите за нејзиното убиство.

Авганистански жени и деца принудени да питачат за леб
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Смртта на Садат ги истакна опасностите со кои се соочуваат жените под Талибанците.

Откако ја презеде власта, екстремистичката исламистичка група им забрани на жените да се школуваат и да водат бизниси, со што практично им беше одземена јавната улога во општеството, истовремено наметнувајќи строги ограничувања за нивното движење и изглед.

Милитантите насилно ги задушуваа женските протести и приведоа женски активистки.

Талибанците, исто така, го распуштија Министерството за женски прашања и независната комисија за човекови права на Авганистан, затворајќи безбедни куќи, програми за правна помош и специјални судови формирани за борба против насилството врз жените и девојчињата.

„Пораката што ова го испраќа до жените и девојките е дека ако се соочите со насилство или закани, талибанските вчасти нема да ви понудат никаква помош - вие сте сами“, изјави Хедер Бар, помошник директорка за правата на жените во организацијата „Хјуман Рајт воч“.

Таа заклучува дека авганистанските жени ги имаат сите причини да се плашат за својата безбедност.

XS
SM
MD
LG