Достапни линкови

 
Регистар за портали ќе има, но без правила за изборни реклами?

Регистар за портали ќе има, но без правила за изборни реклами?


Илустрација
Илустрација

Во собраниска процедура се законски измени што дефинираат услови кои портали ќе влезат во нов регистар за медиуми, но неизвесно е дали тоа ќе го регулира и рекламирањето кај нив. Досегашната пракса покажа дека дел од парите во кампањите завршуваат кај портали што се формираат пред избори и потоа згаснуваат, кај сајтови што немаат импресум итн. Новинарските здруженија се децидни - потребна е регулација.

Порталите во Северна Македонија во закон ќе бидат препознаени како медиуми. Измените на Законот за медиуми се во собраниска процедура и тие наметнуваат неколку услови за еден сајт да биде заведен како медиум. Но, тоа нема да го спречи расфрлањето пари од државниот буџет за време на изборните кампањи, на што со години наназад алармираа новинарските здруженија нарекувајќи ја праксата и „озаконета корупција“.

За да се воведе ред во платеното политичко рекламирање во онлајн просторот, треба да се направат измени и во Изборниот законик.

Измени на изборното законодавство се подготвуваат и тие, според реформската агенда, треба да се донесат до јуни 2025, но нејасно е дали ќе го опфат и рекламирањето во кампањите.

„Работната група работи на измени на Изборниот законик. Кога ќе биде подготвена нацрт верзијата, јавноста ќе биде запозната со содржината и предложените решенија“, велат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Од Државната изборна комисија (ДИК), преку која оди исплата на рекламите, посочуваат дека тие постапуваат „согласно Изборниот законик“.

„Материјата која е предмет на прашањето треба да биде регулирано во Изборниот закон. Доколку се случат било какви измени кои се однесуваат на надлежностите и обврските на ДИК, ДИК соодветно ќе постапува и ќе ги применува во целост законските измени“, велат од ДИК.

Регистар за портали – кој може да се запише?

Измените на Законот за медиуми, пак, ги подготви Министерството за дигитална трансформација.

Тие предвидуваат дека дејноста медиум, освен традиционалните медиуми – радија, телевизии и весници, како што беше досега, ја вршат и интернет портали. Тие треба дејноста да ја имаат впишано во Централниот регистар, да имаат седиште и уредништво во Северна Македонија и на свое име да имаат регистрирано македонски – мк или мкд домен.

Превидено е и формирање на Регистар за онлајн медиуми кој ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), а дополнителен услов за некој портал да биде впишан во него е да има и најмалку тројца вработени со полно работно време – услов поради кој Здружението на новинари на Македонија стравува дека може да биде и дискриминаторски за дел од медиумите, пред сè локалните портали.

Предлог-законските измени кои вчера (8 април) поминаа во прво читање на собраниска седница, исто така предвидуваат и дека порталите ќе треба еднаш годишно до АВМУ да доставуваат податоци за сопственичката и уредничката структура, за приходите и расходите и за бројот на вработени.

Подобра некаква отколку никаква рестрикција за реклами

Дали во иднина само онлајн медиумите од овој Регистар ќе може да земат пари од реклами за избори, е прашање на кое одговор барало и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), но од Министерството за дигитална трансформација им посочиле дека за тоа е надлежно Министерството за правда.

Лани, Здружението било дел од работната група во Министерството за правда, но годинава нема „информации за таква иницијатива“.

Според актуелното законодавство, за реклами во време на кампањи партиите и учесниците на избори добиваат пари и од Буџетот. Така, за двојните избори – претседателски и парламентарни во 2024 година за оваа намена од државната каса се одлеаа околу 10 милиони евра.

„Нашиот став во однос на платената политичка програма е конзистентен и јасен – партиите не треба да користат јавни пари за огласување во приватни медиуми. Но, во услови кога нема политичка волја за целосна промена, рестрикција според која платената програма би важела само за регистрирани медиуми може да помогне во спречување на злоупотребите од страна на т.н. фантомски медиуми“, вели за РСЕ извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Платеното политичко рекламирање со пари од даночните обврзници е проблематично и за Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Најпроблематично, вели извршната директорка на СЕММ Билјана Георгиевска, е што досега парите се доделуваа без критериуми и на медиуми кои со ништо не гарантираат дека ги почитуваат правилата на професионалното новинарство.

„Ова особено се однесува на онлајн медиумите, чија бројка постојано се зголемува, а квалитетот на содржините опаѓа, бидејќи многу често зад нив стои едно лице или двајца, кои не мора да значи дека имаат новинарско искуство, па содржините ги полнат препишувајќи соопштенија без никаква новинарска интервенција, копирајќи информации од другите медиуми, или преведувајќи од медиумите од соседството“, вели Георгиевска за РСЕ.

Во СЕММ, како што потенцира таа, имаат сигнали дека и сега во пресрет на локалните избори што треба да се одржат во октомври се повторува праксата и се формираат нови онлајн медиуми.

Клиентелизам и „раситнување“ на медиумскиот простор

И Секуловски од ЗНМ вели изминатите изборни циклуси постојано го посочуваат овој проблем бидејќи нагласува „создава ризик од злоупотреба на јавни средства и поттикнува клиентелистички однос меѓу партиите и дел од медиуми“.

За потсетување, во пресрет на минатогодишните избори, за да добијат реклами во ДИК се пријавија речиси 250 портали. Услов за пријавување беше да се приложи потврда за отворена фирма односно тековна сметка од Централниот регистар. Како што тогаш покажа проверката што ја направи РСЕ, некои од нив немаа функционален сајт, дел немаа објавено сопствеништво и импресум, некои беа основани на помалку од една година од изборите, а најмалку десетина, на пример, беа со домен во Албанија.

Досегашната пракса на делење пари за изборни реклами, децидни се претставниците на новинарските здруженија, го уништува и новинарскиот професионализам.

„Неселективното делење на народните пари за политичко рекламирање, го поттикнува и раситнувањето на медиумскиот простор, наместо помалите портали да се здружат во поголема редакција, која ќе негува професионализам и интегритет“, посочува Георгиевска.

Покрај новинарските здруженија, проблеми во медиумското рекламирање беа нотирани и во последниот ревизорски извештај од 2023 на оваа тематика изготвен од Државниот завод за ревизија. Ревизорите побараа доуредување на Изборниот законик и дефинирање на институција за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми (интернет портали).

ДЗР ја посочи и потребата за прецизирање на условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат порталите за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК. Но, да има и јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските пари за платено политичко рекламирање на интернет порталите.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG