Со утврдување на дневниот ред и избор на Верификационата комисија, почна седницата на Парламентот, на која се конституира новиот парламентарен состав. Потоа беше дадена пауза до 13 часот. По паузата и заседавањето на верификационата комисија, пратениците го усвоија нејзиниот извештај и ги верификуваа мандатите на сите избрани пратеници. Техничкиот премиер Талат Џафери, по верификацијата на мандатите, од говорницата истакна дека тој, до изборот на нова влада ќе ја извршува премиерската функција, а нема да учествува во работата на Парламентот.
Пратениците, ја избраа и Комисијата за избор и наименувања. 75 пратеници потпишале предлог за нов претседател на Собранието, да биде Африм Гаши. Во тек е дебатата за последната, четврта точка од дневниот ред.
Претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.
На дневниот ред на седницата се четири точки, односно, покрај изборот на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието.
Според најавите, за претседател на Собранието е предложен Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата Вреди.
Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата присуствуваат само 117, бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда сè уште течат жалбените постапки. Претходно, од пратеничкиот мандат се откажа Биљал Касами, кој останува градоначалник на Тетово.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Сè уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди.
За време на паузата, односно до 13 часот, врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.
Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку 10 пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. По предлогот за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден.
Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието. За избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.
За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
На друга седница ќе бидат избрани потпретседатели на Собранието, а бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на најголемата опозициска партија. Најмалку еден од потпретседателите се избира од помалку застапениот пол.