Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги избра најповолните понудувачи на огласот со кој на приватни компании регистрирани во областа на рибарството ќе им овозможи да стопанисуваат со рибниот фонд во Охридското езеро.
Стопанскиот или комерцијален риболов е законски дефиниран како улов на риби со цел стекнување на економска добивка на фирмите концесионери.
Министерството бараше седум, но одлука падна за шест концесионери за стопански риболов на Охридското езеро. Договорите со компаниите се уште не се правосилни, односно не се склучени. Постапката е поништена само за една риболовна зона. Две од овие компании биле формирани додека траел огласот.
Но, активистите и риболовците од Охридскиот регион се противат на одлуката на Министерството да се дозволи стопански риболов во езерото.
Долгогодишниот риболовец Радован Димитриевски од здружението „Рибарска вистина“ смета дека езерото не смее воопшто да биде дадено под концесија во следните две децении.
„Охридското езеро не беше ни порибувано во последните шест години и не се вршеше вештачки мрест. Популацијата на пастрмката и на белвицата е рапидно намалена, а сега се дозволуваат седум концесионери да ловат пет тони пастрмка и пет тони белвица на годишно ниво“, вели Димитриевски за РСЕ.
Инаку охридката пастрма е ендемски вид на риба и живее исклучиво во Охридското Езеро.
Освен што е штетен риболовот за фондот во езерото, тој е и незаконски, тврдат од Еколошкото здруужение на граѓани „Фронт 21/42“. Активистката Искра Стојковска вели дека пастрмката мора да се забрани за улов бидејќи е загрозен вид. Според Стојковска, секаква дозвола да се лови пастрмка е кршење на закон и противуставно бидејќи е спротивно на меѓународна конвенција и договорот со УНЕСКО.
„Според Стратегискиот план за рехабилитација на светското наследство до фебруари 2024 година мораше да биде донесена одлука за забрана за ловење на пастрмка. Несправедување на тој план, за кој УНЕСКО секој година во одлука за Комитетот за светско наследство, секој година, вклучително и последната одлука, алармира и бара обавезно се спроведува. Несправедувањето на тој план е спротивна на закон за управување со светското наследство“, смета Стојковска.
На 11 фебруари, „Фронт 21/42“ испратило барање до Министерството за земјоделство за целокупната документација за спроведената постапка за доделување концесии, за како што велат, да проверат на колку нивоа постои кршење на закон.
Министерството негира одлука за забрана за лов на пастрмка
Но, според Министерството за земјоделство, користењето на рибите не би требало да го уништи рибниот фонд.
Напротив, од ресорот сметаат дека со планско стопанисување на одржлив начин и зголемена контрола, рибниот фонд би се одржал, па и зголемил. Притоа, не се согласуваат со ставот на невладините организации дека уловот на пастрмка е незаконски.
Напоменуваат дека допрва треба да се утврди листата на загрозени риби и евентуално нивна забрана за улов.
„Колку што сме запознаени, согласно ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на природното културно наследство на Охридскиот регион за период 2023 – 2030 би требало Охридско Езеро да се репрогласи за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата согласно Законот за заштита на природата. Воедно и да се изработи и објави приоритетната листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови според Црвената листа на екосистеми - класификација на загрозени приоритени видови на риби, безрбетници и алги во Охридско Езеро “, велат од министерството за РСЕ.
Од Министерството велат дека досегашното искуство укажува дека кога не се доделуваат концесии за стопански риболов, рибниот фонд е помалку заштитен и поголема е опасноста од незаконски риболов.
Тоа и било една од основните причини по пет години пауза Охридското езеро пак да се даде на стопанисување. На последниот концесионер од Струга „„Летница белвица“ поранешната влада му ја одзеде концесијата поради незаконско работење -нецелосна заштита на рибите, нерегуларности во пријавување на вработените и неводење точна и целосна евиденција за рибата која ја ловел.
„Езерото е порибено минатата година, а и оваа година во тек е реализација на активностите околу вештачкиот мрест и обезбедување на предвидената количина на подмладок со која ќе се пориби езерото во тек на 2025 година“, одговорија од Министерството за РСЕ.
За разлика од министерството, министерот Цветан Трипуновски кој на 21 јануари присуствуваше на вештачкиот мрест и порибување на охридската пастрмка изјави дека ова е прво порибување од 2019 година до сега.
„Ја имам честа да присуствувам на вештачкиот мрест на охридската пастрмка. Оваа активност се спроведува по 6 години застој“, истакна министерот Трипуновски во изјава за медиумите од Охрид.
Во 2024 година, само седум кривични пријави за рибокрадство
Вештачиот мрест и порибувањето со охридска пастрмка и други видови на риба се случува во период пред да се доделат концесиите и компаниите да започнат со работа.
Нивната работа треба да ја надгледува и контролира Државниот инспекторат за земјоделство. Овој инспекторат е задолжен да го заштити рибниот фонд во езерото и во услови кога нема концесионери, во наплив од рибокрадци.
Но, риболовецот Радован Димитриевски вели дека Државниот инспекторат тешко се справува со нелегалниот улов на риба.
„Инспекторатот еден не можеше да контролира, а не сега седум концесионери. Тие ќе се скараат кој каде да фрла мрежи. Инспекторите немаат влезено во езеро. Полицијата влегува и собира мрежи. Ќе најде мрежи, ќе ја собере рибата, ќе напише пријава против непознат сторител и толку. Еден ако е фатен во последните пет години“, вели Димитриевски.
Сепак, од Државниот инспекторат велат дека се на висина на задачата. Потенцираат дека нивните 17 инспектори за Охридско - струшкиот регион во соработка со задолжени рубочувари и езерска полиција „континуриано вршат надзори и секој прекршител се казнува“.
Во 2024 година имале 236 инспекциски надзори, 14 издадени решенија за констатирани неправилности, 16 прекршочни платни налози за глоба за вкупна сума од 230.650 денари, 36 барања за поведување на прекршочна постапка и 7 кривични пријави за незаконит риболов.
„Во месец јануари 2025 година извршени се 40 вонредни инспекциски надзори, издадено е 1 решение за констатирани неправилности, издадени се 3 платни налози за наплата на глоба за сума од 46.125 денари“, одговорија од Инспекторатот за РСЕ.
Кои се концесионерите за стопански риболов на Охридското езеро
Во риболовното подрачје „Охридско езеро“, се определени седум посебни риболовни зони долж езерото. Министерството на оглас избра шест, а за една зона постапката е поништена. Договорите се уште не се правосилни и потпишани.
Според податоците добиени од Министерството, значително отскокнува само една понуда на компанијата „Лектан КМ“, која понудила на лицитација речиси 1,5 милиони евра за 12 годишно стопанисување на риболовната зона „Пештани“. Другите понуди на фирмите се во рамките на најмалата вредност на надоместок која ја пропишало Министерството.
Проверката на другите концесионери во „Бизнис мрежа“ покажува дека две компании кои ќе стопанисуваат со две различни зони се формирани непосредно по објавениот оглас од Министерството за земјоделство.
Огласот е објавен на 26 ноември 2024 година.
Само еден еден подоцна, на 27 ноември е формирана компанијата КОРАН СТБ 2024 ДООЕЛ увоз-извоз с. Трпејца, Охрид, која е избрана за концесионер на риболовната зона Трпејца - од местото Близни Камења до државната граница со Албанија кај црквата Свети Наум и еден километар во внатрешноста на езерото.
Во ек на огласот е формирана уште една фирма, која е на чекор да стане концесионер. Станува збор за СПК БИЗНИС ГРУП увоз-извоз ДООЕЛ Струга, формирана на 5 декември 2024 година.
Пред концесиски договор за потпишување е и фирмата Мотив Плус консалтинг ДООЕЛ Скопје, со подружницата во Струга. Сопственик и управител на оваа фирма е Рахела Симеонова Манева.
Нејзиното име може да се најде и како донатор на изборната кампања на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори минатата година.
На огласот на Министерството, пропадна единствено постапката за риболовната зона „Калишта“. За неа нов јавен повик не е објавен. Како што велат од Министерството, постапката е поништена на предлог на Комисијата за спроведување постапки.
„Причината за поништување на постапката е тоа што единствената доставена понуда од понудувачот Друштво за трговија и услуги „Стар Котец дооел с. Калишта – Струга“ не беше прифатлива заради неисполнување на баран критериум утврден во тендерска документација“, одговорија од МЗШВ.
На јавниот повик за оваа зона, понуда доставил само еден понудувач - „Стар котец од Струга“. Оваа компанија е во сопственост на Власе Танаскоски, роднина на актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Тој стана познат во јавноста по истражувањето на РСЕ дека е раководител на подружница на компанијата за обезбедување „Праеториан ДООЕЛ Скопје“, која го доби тендерот за обезбедување во СОЗР тежок 3,8 милиони евра. Подружницата е регистрирана пак на адреса на друга компанија во Охрид - „Гашо пласт“ чиј сопственик е прв братучед на Томовски, Дарко Гашиќ.