Арбер Адеми: Вечерва Европски фронт ќе триумфира, јас не гласав на претседателските избори
Европскиот фронт, на чело со ДУИ, вечерва објави дека оствариле „голема победа, како што победи и пред две недели и таа е одлучувачка за натамошното унапредување на демократијата“.
Шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми, на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места рече дека нивното очекување е дека коалицијата Европски фронт ќе добие најмалку 20 пратеници.
„Европскиот фронт вечерва ќе биде сведок на историски триумф на овој сенароден референдум, кој ќе ја запечати европската иднина на земјата. Враќање назад нема да има, народот го кажа својот збор и ние ке останеме верни на волјата на граѓаните. Победата е наша и на сите вас кои кажавте НЕ на Русија, ДА за Европа. Масовното учество на граѓаните ќе биде одлучувачко за натамошното унапредување на демократијата“, рече Адеми.
На новинарско прашање дали Европскиот фронт повикуваше на бојкот на изборите, Адеми рече дека тие објавиле „сооппштение дека Европскиот фронт оставил на граѓаните да изберат дали ќе гласаат за избор на претседател на државата“. Тој не кажа дали првите луѓе на ДУИ и Европскиот фронт гласале и на претседателските и на праламентарните избори, туку само додаде: Јас не гласав (на претседателските избори).
Кузеска: Граѓаните ќе одлучат по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму
Секоја партија за своите постапки во изборите треба да одговори пред себе и пред граѓаните, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, одговарајќи на новинарско прашање за бојкот на претседателските избори во општините со доминантно албанско население.
„Секоја партија како настапи на овие избори треба да одговори кон себе и граѓаните. СДСМ и коалицијата повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат правото на глас и на парламентарните и на претседателските избори“, рече Кузеска.
Таа оцени дека изборниот ден беше „успешен, мирен и достоинствен, како што ѝ доликува на земја членка на НАТО и земја со почнати преговори со ЕУ“. Кузеска рече и дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму, а СДСМ ги очекува првичните изборни резултати.
Даштевски: Постигнат е цензусот за претседателските избори
Имавме успешни, фер и демократски избори, цензусот за претседателските избори е исполнет, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), вечерва на прес-конференција.
За претседателските избори, до 18.30 часот од обработени податоци од 3.186 избирачки места одѕивот е 46,31 отсто, при што гласале 767. 715 граѓани. Најголема излезност има во Новаци 72,76 отсто, а најмала во Липково 7, 35 отсто. За повеќе информации кликнете тука.
Меџити: „Вреди“ е апсолутен победник во албанскиот кампус
Од денес „Вреди“(„Влен“) е новиот сериозен политички фактор кој достоинствено ќе ги застапува Албанците, рече лидерот на Демократското движење, Изет Меџити кој е дел од здружената албанска опозиција на прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје. Според него, „„Вреди“ е апсолутен победник во албанскиот кампус и од утре почнува промената на власта“.
„Денес драги Албанци партијата која владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице. Партијата која на изборите излезе под името Европски фронт, партијата која 22 години се фалеше како единствен проевропски субјект во државата, партијата која и во оваа кампања зборуваше како многу брзо ќе не интегрира во ЕУ, денес го бојкотираше изборниот процес. Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи кој својот најголем успех го прогласи претседавањето на ОБСЕ како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите утре пред меѓународните партнери“, рече Меџити. За повеќе информации кликнете тука.