На едно избирачко место во Тетово не почнало гласањето навреме
Општинската изборна комисија Тетово информира дека во едно избирачко место од вкупно 117 не е почнато навремено гласањето во 7 часот поради нефункционалност на апаратот за идентификација.
Според информациите на Зулќуфли Реџепи, претседател на ОИК Тетово, до 8 часот и 15 минути гласањето не било почнало, а за тоа како ќе се продолжи, рече дека е пријавено и чека решение од Државната изборна комисија.
Повреда на избирачкото право може да се пријави кај Народниот правобранител
Денеска од 7 од 19 часот во канцеларијата на Народниот правобранител граѓаните за време на одржувањето на вториот круг од претседателските и на парламентарните избори, ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.
Освен на бесплатната телефонска линија, како што информираат од канцеларијата на Омбудсманот, граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија на Народниот правобранител, лоцирана на улицата „Македонија“ број 19, во Скопје.
„Исто така, на денот на изборите дежурства ќе има и во подрачните канцеларии на Народниот правобранител во Струмица на телефонскиот број (034)329-996, Кичево на бројот (045) 228-586, Тетово на (044) 344-082, Битола на бројот (047) 242-310, Штип на телефонскиот број (032) 389-701 и во Куманово на бројот (031) 431-488“, се наведува во денешното соопштение од канцеларијата на Омбудсманот.
ДИК: Одзивот за претседателски избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а за парламентарни 4,45
Излезноста на претседателските избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а на парламентарните 4,45 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција.
Најголем одзив за претседателските избори има во општина Пробиштип (8, 85 %), а најмала е излезноста во општина Боговиње (0, 57%).