ДИК: Излезноста до 11 часот - за претседателски 12,87%, за парламентарни 13,69%
Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%).
Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а помала во западните делови.
Прес-конференција на Државната изборна комисија (ДИК) за одѕивот на гласачите до 11 часот во вториот круг од претседателските и парламентарни избори.
Мирно изборно утро во скопските општини Карпош и Центар
Македонските граѓани денеска гласаат на двојни избори – претседателски и парламентарни. Изборното утро помина мирно и без проблеми, забележуваат и граѓаните и претставниците на избрирачките одбори во гласачките места во Карпош и Центар кои ги посети РСЕ.
Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна
Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.