Со надеж за среќен крај, четврти ден трае потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која исчезна во понеделникот (27.11.), околу 7.30 часот наутро, одејќи од дома накај училиште во населбата Дебар маало, во центарот на Скопје.
Додека полицијата трага по девојчето, течат подготовките и во Северна Македонија да се воведе таканаречениот „Амбер алерт“, систем за итно информирање на јавноста кога ќе исчезне дете. Кај нас ќе се вика „Најди ме“.
Од невладината организација „Новинари за човекови права“, која треба да го имплементира системот, велат дека промоцијата на истиот ќе биде на 18 декември во Скопје. Тоа е дваесетина дена отсега.
Има технички подготовки поради кои системот не може да профункционира порано.
„Процедурите се почнати, имаме договорено меморандуми за соработка, но не се во функција. Станува збор за процес што трае. Се обидовме да ја забрзаме работата и во средината на декември предвидена е промоција со субјектите со кои договоривме соработка. Никој не може да знае дали ако го имаше, системот ќе помогнеше во конкретниот случај. Во вакви случаи, се очекува дека со брзо и масовно споделување на информацијата ќе се ангажираат повеќе ресури, а колку поголем е ангажманот, толку поголеми се и очекувањата дека лицето ќе се пронајде“, вели Александра Радевска од „Новинари за човекови права“ за Радио Слободна Европа.
Кај нас ќе бидат вклучени банки (фотографија од исчезнато дете ќе се појавува на банкомат кога ќе сакате да извадите пари), такси компании, јавниот градски превоз, мобилен оператор, на рецепција во хотелите ќе стигне фотографија од исчезнатото лице...На почетокот ќе бидат опфатени само деца, а потоа и возрасни, кои Министерството за внатрешни работи ги потврдило како исчезнати.
Фотографија на Вања објавија и медиумите од регионот
Информацијата дека е исчезната Вања, со нејзина фотографија и основни податоци, се споделува на социјалните мрежи и на албански, српски, грчки и бугарски јазик, покрај на македонски јазик. На своите интернет страници ја објавија и медиуми и граѓански организации од регионот.
Во Министерството за внатрешни работи (МВР) е формиран специјален штаб и потрагата продолжува. Интерпол вчера распиша меѓународна потерница.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за МИА рече дека тимот е предводен од началникот на СВР во Скопје.
„Извршени се низа на активности, проверки и земање на изјави, разговор со семејството, итн, се со цел да дојдеме до некаква првична информација. Секако дека сите мерки и активности што се потребни ќе ги преземеме се со цел да дојдеме до информација за да може да биде пронајдено девојчето. Апелирам до граѓаните навистина да ги добиваат информациите од МВР и на тој начин најмногу ќе се помогне да ја постигнеме целта. Да не изнесуваме шпекулации во јавноста кои дополнително може да ја подгреваат атмосферата“, рече Спасовски.
И мајката на Вања неколку пати побара да не се објавуваат шпекулации за исчезнувањето, а секој кој има некаква информација да пријави во МВР.
По 100.000 деца годишно исчезнуваат во Европа
Според податоците на „Амбер алерт Европа“, секоја година исчезнуваат по околу 100.000 деца во земјите од ЕУ.
До септември годинава, „Амбер алерт“ бил вклучен за 35 деца, три од Чешка и две од Грција ( четири девојчиња и едно машко).
За 2022 година, во САД бил вклучен алармот за 227 деца. Од нив, вратени се 180 случаи, 16 како директен резултат од „Амбер алерт“, покажуваат тамошните извештаи за функционирањето на системот.
Според овие податоци, исчезнатото лице е пронајдено во околу 80 отсто случаи, во што помага и брзото алармирање на јавноста.
Министерството за внатрешни работи ја внесе 14-годишната Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Северна Македонија.
„Ѓорчевска Вања, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје. Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „Ајфон“, стои во објавата на МВР.
Според официјалните податоци од МВР, во последните три години (од 2020 до 27.10.2023) биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати.