Достапни линкови

 
Може ли ЕУ да ги продолжи санкциите кон Русија и покрај уцените од Унгарија?

Може ли ЕУ да ги продолжи санкциите кон Русија и покрај уцените од Унгарија?


Билборди во Будимпешта на кои пишува „Санкциите на Брисел нè уништуваат!“, а санкциите на ЕУ се прикажани како бомба, октомври 2022 година
Билборди во Будимпешта на кои пишува „Санкциите на Брисел нè уништуваат!“, а санкциите на ЕУ се прикажани како бомба, октомври 2022 година

Продолжувањето на санкциите против Русија е едно од најитните прашања за Европската Унија - особено оваа година. А „досието“ на Унгарија за издржување на ваквите санкции ги загрижи претставниците во Брисел за тоа што ќе се случи кога ќе дојде следниот рок за продолжување, овој пат во јули.

Овие продолжувања се случуваат на секои шест месеци и се поделени во две групи: едните се секторски санкции - како што се забрани за увоз на разни руски стоки и вториот вид санкции се во вид на забрани за визи и замрзнување на средства за повеќе од 2500 руски поединци и фирми.

Секторските санкции се обновуваат во јануари и јули, додека другите сакнции се разгледуваат за продолжување во март и септември. Тоа вкупно изнесува четири одлуки секоја календарска година, од кои сите мора да бидат донесени едногласно од 27-те земји-членки на ЕУ.

И во јануарското секторско обновување и во мартското продолжување на списоците со санкции, Унгарија, која е долго време критична кон санкциите на ЕУ кон Кремљ, си поигра со идејата да не даде одобрение. На крајот, Будимпешта даде зелено светло, но само откако обезбеди одредени отстапки од Брисел.

Претставниците на ЕУ во Брисел ми кажаа дека веќе постои загриженост за претстојното продолжување на секторските санкции во јули и за тоа што би можела да бара Будимпешта.

Проблемот е дополнително усложнет од поширокото прашање за политиката на санкции на Западот кон Москва и тековните разговори за прекин на огнот меѓу Русија, Украина и САД.

Олеснувањето на санкциите, во некоја форма, се претставува како потенцијална шанса за договор со Кремљ - барем од страната на Вашингтон - иако Европејците, кои не се вклучени во разговорите, засега ја отфрлија идејата.

Прашањето е дали тоа сè уште ќе трае во текот на летото.

„Три месеци се цел живот во политиката, а дотогаш американскиот претседател Доналд Трамп можеби ќе биде уморен од Русија и наместо тоа ќе ги засили санкциите“, рече еден функционер на ЕУ со кој разговарав, иако функционерот, исто така, призна дека повеќе престолнини на ЕУ би можеле да бидат во искушение дали да ги намалат.

Секогаш присутната закана од трансатлантска трговска војна што ги погодува економиите на ЕУ, според дипломатите, може повторно да ги разгори повиците за ублажување на санкциите за работи како рускиот гас, алуминиум, челик и пошироката трговија со Москва.

Кој е Планот Б на Европа за санкциите?

За да се избегне потенцијалното унгарско вето ова лето или да се спречат другите земји-членки да избираат елементи што сакаат да се отстранат, најбистрите правни умови во Брисел сега внимателно ги разгледуваат правните текстови за да смислат План Б, во случај Планот А односно „чисто“ продолжување да се покаже како невозможен во јули.

И можеби веќе пронашле еден.

Идејата веќе беше изнесена за време на процесот на продолжување на списоците со санкционирани во март. Таа останува нетестирана и е прашање дали е целосно легална.

Исто така е комплицирана, барем за оние надвор од „бриселскиот меур“.

Но, изгледа вака: санкциите на ЕУ се состојат од два правни документи, одлука и регулатива. Овие текстови се во суштина идентични и функционираат заедно, односно земјите-членки се согласуваат и усвојуваат одлука, која потоа се спроведува како регулатива.

Регулативата мора да се продолжува на секои шест месеци со едногласност, додека одлуката не. Всушност, одлуката останува во сила, освен ако квалификуваното мнозинство не гласа за нејзино укинување.

Тоа би значело дека санкциите би можеле да останат во сила без потреба од формално продолжување, а со тоа би се избегнала големата можност на Унгарија да ги „уценува“ останатите членови на клубот за ова.

Ова, според дипломатите со кои разговарав е во голема мера резервна и привремена опција.

Унгарија, а потенцијално и други земји, веројатно би ја тужеле ЕУ поради тоа, бидејќи пристапот би бил без преседан.

Или како што рече еден дипломат: „Ова би се случило на многу несигурни правни основи, бидејќи секогаш сме користеле едногласност за продолжување на санкциите - така функционирало отсекогаш“.

Но, постојат и други Планови Б во подготовка.

Веројатно најочигледниот вклучува Европската комисија да предложи повеќе санкции во наредните недели, што би го означило 17-тиот пакет санкции од целосната инвазија на Русија на Украина пред повеќе од три години.

Но, трикот е во тоа што овие нови санкции всушност нема да бидат усвоени. Наместо тоа, тие ќе бидат „тргувани“ во замена за тоа Унгарија да се согласи на продолжување на санкциите.

Во тоа сценарио, Будимпешта би можела да прогласи победа со тоа што нема да бидат одобрени нови санкции, додека другите барем би обезбедиле продолжување на постојните санкции до крајот на годината.

Друг потенцијален пат би бил да се остават санкциите да истечат, но тоа да се компензира со зголемување на царините за Русија во сите еквивалентни економски сектори. Овој тип на одлука не би барал едногласност, па затоа би можел да биде успешен, но што би направил блокот, на пример, со сите ограничувања за извоз што веќе ги воведе на Русија?

Една опција би била да се остават санкциите на ЕУ да истечат, но да се реплицираат истите мерки на национално ниво. Сепак, далеку од сите земји-членки имаат национално законодавство за санкции и наместо тоа се потпираат на европска рамка. Како резултат на тоа, спроведувањето многу брзо би станало нерамномерно и неконзистентно низ целиот блок.

Постои и друга потенцијална дилема. Освен продолжувањето на санкциите, повеќето земји-членки на ЕУ сакаат блокот да започне преговори за пристап со Украина најдоцна во јуни.

Ова значи дека уште едно потенцијално унгарско вето би требало да се надмине приближно во исто време со одлуката за продолжување на санкциите.

Исто така е можно одредени замрзнати средства од ЕУ што и беа задржани на Будимпешта поради загриженоста за владеењето со правото да треба да и се испратат на Унгарија за да се решат и двете прашања.

XS
SM
MD
LG