Проевропската актуелна претседателка Маја Санду прогласи победа над противкандидатот, Александр Стојаногло кој важи за близок до Русија, во вториот круг од претседателските избори во Молдавија одбележан со обвинувања за руско мешање.
Со преброени 98 отсто од гласачките ливчиња на изборите на 3 ноември, Централната изборна комисија соопшти дека Санду освоила 54,35 отсто од гласовите наспроти 45,65 отсто на Стојаногло, што е предност од повеќе од 140.000 гласови.
„Молдавија, ти си победник“, изјави расположената Санду кратко по полноќ откако најголемата поддршка ја доби во главниот град Кишињев и во дијаспората.
„Денес, драги Молдавци, одржавте лекција за демократија, достојна да биде запишана во историските книги. Денес, ја спасивте Молдавија! Во нашиот избор за достоинствена иднина, никој не изгуби“, додаде таа.
Стојаногло, кој досега не призна пораз, го имаше првичното водство, но тоа почна да се топи кога почнаа да пристигнуваат гласовите од големите градови каде Санду ја има најголемата поддршка. Покрај тоа, очекувано беше дека гласовите од дијаспората на Западот ќе бидат во корист на Санду.
Централната изборна комисија претходно објави дека излезноста на изборите надмина 54 отсто, што е повеќе од првиот круг пред две недели и од вториот круг од претседателските избори во 2020 година.
Санду победи во првиот круг на 20 октомври со 42 отсто од гласовите наспроти 26 отсто кои ги доби поранешниот генерален обвинител Александр Стојаногло, кој доби поддршка од проруската Социјалистичка партија на Молдавија.
Во изјава пред новинарите по гласањето во Кишињев, Санду рече дека гласала „со Молдавија“.
„Крадците сакаат да ни го купат гласот, сакаат да ја купат нашата земја, но моќта на народот е бескрајно поголема од секоја нивна злоба. Моќта на Молдавија е во секој од вас, излезете да гласате со вера и надеж. Главата горе, Молдавци!“, рече таа по гласањето.
По затворањето на повеќето избирачки места, Стојаногло рече дека големата излезност докажува дека „Молдавија не е само точка на картата туку земја на одговорни граѓани“.
Изборите се одржаа во атмосфера на обвинувања за руско мешање во претседателската трка и во референдумот за потенцијалната натамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, курс што го поддржуваат Санду и нејзините поддржувачи.
Референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ, одржан истовремено со првиот круг од претседателските избори, помина со мала разлика – 50,38 отсто беа за проевропската струја, и покрај тоа што таборот „не“ беше во водство на почетокот на броењето на гласовите.
Но, Санду набрзо излезе со тврдења дека „криминалните групи заедно со странските сили“ се обиделе да „купат 300.000 гласови“ што значително влијаело на конечниот резултат за разлика од тоа што го покажуваа анкетите пред гласањето.
Анкетите, исто така, покажаа дека Санду лесно ќе победи во првиот круг од претседателските избори, но социјалистичкиот предизвикувач Стојаногло изненади со подобар резултат од очекуваниот обезбедувајќи втор круг од изборите.
Советникот за национална безбедност на Санду, во текот на изборниот ден на социјалната мрежа Икс објави тврдење за „масовно мешање“ на Русија во вториот круг.
„Напор со висок потенцијал да се наруши исходот“, рече Станислав Секриеру во својата објава не давајќи повеќе детали.
Во раните часови од гласање на 3 ноември беа пријавени повеќе неправилности, вклучително и инциденти со наводно фотографирање на гласачки ливчиња, метод кој гласачите во минатото ги користеа за да го докажат својот избор во потенцијалните случаи на купување гласови.
Анџелика Караман, шеф на изборната комисија, рече дека до 16 часот, официјално се пријавени 18 случаи на наводна изборна корупција, додека полициските власти соопштија дека регистрирале најмалку 126 приговори за изборни прекршувања.
Молдавија има нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.
Педесет и двегодишната Санду дипломирала на Харвард и е поранешен вработена во Светска банка. Таа стана првата жена претседателка на Молдавија, со убедлива победа во 2020 година кога настапи со силна проевропска порака и ветување за борба против корупцијата.
Но, нејзината поддршка опадна поради пандемијата на коронавирус и уништената економија, како и зголемените тензии со Русија.
Како претседателка, Санду одигра клучна улога во обезбедувањето на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ, што стана особено важно по руската инвазија на Украина започната неколку месеци претходно.
За време на нејзиниот претседателски мандат, Санда беше критикувана од про-Кремљ политичките партии кои ја обвинија дека го поттикнува конфликтот со Москва.
Стојаногло (57), пак, беше главен обвинител на Молдавија помеѓу 2019 и 2021 година и неговата кампања беше посветена на законот и редот, иако беше критикуван за наводен неуспех да се справи со корупцијата на високо ниво.
Стојаногло остана на ставот дека не е политички определен и ги отфрли обвинувањата дека е „човек на Москва“. Неговата реакција на војната во Украина беше двосмислена, изјавувајќи дека има „негативен став“ за конфликтот, но директно не ја осуди Русија за инвазијата.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа со значително руско малцинство и со сепаратистичкиот регион Придњестровје на левиот брег на реката Днестар, кој е поддржан од Москва.