Достапни линкови

ПАП-тестот оди во историја, со ХПВ-тестирање посигурно се открива канцер


Гинеколошка ординација
Гинеколошка ординација

Гинеколозите бараат примарен тест за гинеколошки карциноми да биде ХПВ-тестот. Ни доаѓаат жени со негативен резултат на ПАП-тест, а веќе имаат инванзивен канцер, вели д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво. Ракот на грло на матка втор најраширен, со по 150 случаи годишно.

Уште денес да одите на Клиника за гинекологија, имате канцер, се зборовите на лекарката што и денес ѝ одзвонуваат во ушите на скопјанката Гордана, по три години откако ја чула дијагнозата.

Тогаш имала 33 години.

„Не ми се веруваше што слушам. Отидов на редовен гинеколошки преглед, а излегов со канцер. Немав никакви симптоми“, раскажува Гордана за тоа како почнало патешествието со болеста.

По три месеци од првата операција, направила контролен ПАП-брис. Резултатот бил уреден. Но следниот тест по неколку месеци, покажал дека канцерот се вратил.

„Ми рекоа дека ПАП-тестот веројатно дал лажни резултати. Тогаш првпат разбрав дека и такво нешто е можно“, вели Гордана.

Гинеколозите во Северна Македонија веќе подолго време бараат примарен тест за гинеколошки карциноми да биде ХПВ-тестот (тестирање за присуство на хуман-папилома вирус), наместо ПАП-брисот. Се водат од препораката на Светската здравствена организација (СЗО), прифатена и од многу европски земји, дека ХПВ-тестот е поточен и поефикасен.

„Во научната јавност, од 2016 година се знае дека ПАП-тестот заминува во историјата. Ни доаѓаат жени со негативен резултат на овој тест, а веќе имаат инванзивен канцер. Сите жени над 25 години треба да прават ХПВ-тестирање. И во клиничката пракса се покажува дека ПАП-тестот знае да даде и лажни резултати, па имаме 22-годишни девојки со радикални операции“, вели д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.

ХПВ-вирусот е главен предизвикувач на канцер на грло на матка кај жените.

Предностите на едниот пред другиот тест

ХПВ тестирањето се препорачува наместо традиционалниот ПАП-тест, затоа што има поголема сензитивност и поголема ефикасност. Ако класичен ПАП-тест има сензитивност од 63-70 отсто, ХПВ тестовите имаат сензитивност од 90-95 отсто, велат патолозите.

„Во 2018 година, национален примарен ХПВ тест имаа Турција и Холандија. Потоа го воведоа голем број европски држави. И ние веќе би требало да преминеме на ХПВ базиран скриниг кај нашата популација. Гледајќи ги последиците, два ХПВ теста се поевтини од еден ПАП тест“, велат од Здружението за патологија.

И со двата теста, се земаат клетки од грлото на матката и се тестираат. ПАП-тестот бара абнормални клетки кои може да се развијат во канцерогени клетки со текот на времето. ХПВ-тестот ги бара видовите ХПВ кои најверојатно предизвикуваат канцер. Ова значи дека може попрецизно да ги идентификува пациентките со ризик од развој на рак на грлото на матката и да го намали бројот на лажно-негативни резултати.

Во 2023 година се смени законската регулатива, па наместо еднаш годишно, жените можат да прават бесплатен ПАП-тест кај матичните гинеколози еднаш на три години. За него се плаќа само 60 денари партиципација.

ХПВ-тестот е достапен како скриниг-опција на Клиниката за гинекологија во рамки на пилот-студија и чини по 500 денари.

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:21 0:00

Редовното тестирање и вакцинацијата се сметаат за главни превентивни мерки кои можат да го намалат бројот на заболени од канцер на матка, кој е втор по застапеност кај жените во Северна Македонија, веднаш зад канцерот на дојка.

Годишно кај нас има по 20 нови случаи со канцер на матка на 100.000 жени. За прифатлива бројка се сметат 2 до 4 новодијагностицирани на 100.000 жени. Или, во Северна Македонија годишно се регистрираат околу 150-160 новодијагностицирани инвазивни карциноми на грло на матка и околу 50-60 смртни случаи како нивна последица.

Наскоро почнува вакцинацијата со деветвалентна вакцина

Наместо со четиривалентна вакцина која штити од четири типови на хуман-папилома вирусот, од јуни во Северна Македонија ќе почне вакцинација и со деветвалентна вакцина, која штити од седум типови на вирусот.

Оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација и девојчињата од 12 до 19 години ја примаат бесплатно во вакциналните пунктови.

„Препорака е да се вакцинираат и момчињата за да се создаде „имунитет на стадо“ и да се спречи ширењето на вирусот“, рече д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, по повод одбележувањето на неделата на превенција за канцер од грлото на матката (22 - 28 јануари), кога најави дека најави дека посовремената, деветвалентна вакцина ќе биде достапна и за македонските граѓани.

Северна Македонија е меѓу првите земји на Балканот што ја воведе вакцината против ХПВ вирусот, во 2008 година. Таа е вакцина со најмал опфат, а тоа според лекарите е поради дезинформации и стереотипи дека влијае на репродуктивната способност на жените. Опфатот со оваа вакцина во државава е 52 отсто.

Вакцината против ХПВ вирусот постои повеќе од 20 години. Во 156 земји во светот е внесена во редовниот календар за имунизација. Високоразвиение земји како Австралија, Велика Британија, Скандинавија, веќе одат со тенденција со зголемување на опфатот и вакцинирање на цели генерации.

Слабиот скрининг за рак на матка, се плаќа со живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

ХПВ вирусот најчесто ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човековото тело и подеднакво ги погодува и мажите и жените. Најчесто ги засега младите лица веднаш по стапување во сексуални односи.

Во Северна Македонија има енормен пораст како на вкупниот број пациенти заболени од канцер, така и на новодијагностицирани пациенти. Според податоци од Клиниката за онкологија, минатата 2023 година имало 4.652 новозаболени пациенти и 96.000 активно третирани пациенти на оваа клиника. И двете бројки се највисоки во последните седум години.

Од гинеколошки малигни болести лани заболеле 8.000 пациенти. Вкупно 465 од нив првпат се соочиле со дијагнозата.

XS
SM
MD
LG