Опфатот на вакцинација со ХПВ вакцината опаѓа во изминативе години. Д-р Горан Димитров, претседател на Македонското Лекарско Друштво вели дека ако во 2109 година опфатот бил 57%, во 2020 година изнесувал 42,5% додека во 2021 бил само 35,5%.
„Некогаш бевме шампиони во југоисточна Европа и на Балканот со добри 65%, но за жал во последните години опаѓа на 50%, дури во 2021 година и на околу 35%. Опфатот секако дека не е добар, затоа што за добра покриеност со вакцинираност се смета некаде над 80 или 90 %“, вели д-р Димитров.
ХПВ вакцината во земјава воведена е во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12 годишна возраст. ХПВ е еден од главните причини за рак на грлото на матката, која е една од петте водечки причини за малигни заболувања кај жените во Македонија.
Антиваксери и меѓу лекарите
Според д-р Димитров падот на вакцинација во голема мера се должи на дезинформациите и антивакциналните камапањи кои што ја намалуваат довербата во системот.
„Пред се мислам дека се должи на тоа што има многу различни размислувања, групи кои што делуваат против вакцинирањето, антивакцинални групи кои што ги има секаде во светот па и кај нас. За жал ги има и меѓу колегите кои делуваат спротивно на сите научни тврдења и сите докажани студии од 2006-та година кога е одобрена оваа вакцина од страна на Бирото за храна и лекови на САД, а потоа и насекаде во светот. Вакцината е многу безбедна, немаме последици или како што се верува смртни случаи, таква работа се нема случено иако се дадени милиони дози од оваа вакцина. Таа се смета за ефикасна и безбедна“, објаснува д-р Димитров.
Дезинформациите фактор за нискиот опфат
Д-р Сања Цилевска која работи на пунктот за вакцинација во скопската општина Карпош вели дека само 18% од девојчињата во училиштата во општината ја примиле оваа вакцина, што вели е исклучително мал процент.
„Непроверените информации кои што се користат од Интернет и социјалните мрежи, користењето на нерелевантни извори. Сето тоа придонесува за одбивање на ХПВ вакцинацијата, која што според календарот на имунизација треба да се прими на 12 годишна возраст односно во седмо одделение во основно училиште“, вели д-р Цилевска.
Апелира родителите за сите дилеми кои што ги имаат да се консултираат и да разговараат со лекарите, но и објаснува зошто е одредено токму на 12 годишна возраст да се прими вакцината.
„Оваа вакцина функционира на специфичен начин затоа и не случајно се дава на оваа возраст, затоа што таа штити од заразување и затоа е важно девојчињата да ја примат пред да дојдат во контакт со ХПВ вирусот, затоа е важно да се прими на 12 годишна возраст и не случајно си постои календар за вакцинација. Апел до родителите да се информираат од релевантни извори и да се консултираат со матичните лекари или гинеколози, така што мора да се земат овие работи предвид пред да донесат конечна одкука“, вели д-р Цилевска.
Вакцината која кај нас се дава е четиривалентна, а во дел од земјите веќе се аплицира и деветовалентна вакцина која дава уште поголема заштита од различните типови на ХПВ.
Во Австралија вакцината драстично го намали ракот на матка
„Во 2016 е одобрена и вакцина што е деветовалентна, значи ги покрива 92% од типовите на вирус кои што предизвикуваат вакви малигни болести исто и против двата типа кои што предизвикуваат генитални брадаваци и брадавици по целото тело и кај мажот и кај жената. Моментално се работи и кај нас да биде оваа вацкина достапна, во голем број од земјите почнува да се воведува, а сега за сега кај нас е достапна квадривалентна вакцина која што опфаќа 74% од болестите кои што ги предизвикува вирусот“, вели д-р Димтров.
Д-р Димитров вели дека во земјите кои што се лидери по вакцинација веќе се гледа ефектот. Според податоците, во Австралија, една од земјите во кои се аплицира вакцината против ХПВ, инциденцата на прекурсорни лезии на ракот на грлото на матката е намалена за околу 40 проценти, а проценките се дека до 2028 година бројот на цервикален карцином кај жени ќе биде сведен на два случаи на 100 000 жени.
„Во земјите кои што се лидери во вакцинацијата, како што се Австралија, Канада, Данска се гледа многу сигнификантно статистичко намалување не само на преканцерози туку и на ракот“, вели д-р Димитров.
Здравствените власти во кампања за вакцинација
Пад на вакцинацијата не се бележи само кај вакцината против ХПВ, туку и кај другите вакцини од редовниот календар за вакцинација особено за време на ковид пандемијата. Поради тоа здравствените власти почнаа со кампања „Од врата до врата“, во која се вклучени повеќе од 30 медицински тимови, кои до крајот на овој месец планирано е да посетат 2.900 семејства, во над 120 населени места.
УНИЦЕФ: 67 милиони деца без рутински вакцини во пандемијата
Тимовите составени од здравствени работници ги презентираат бенефитите од имунизација, а воедно вршат и администрирање на вакцини против Ковид-19 и рутинска вакцинација.
Кампањата почна на 24 април 2023 година, како дел од Европската недела на имунизација 2023 година и се реализира со финансиска поддршка од ЕУ.
Како што велат од Министерството за здравство досега над 200 деца се вакцинирани на лице место за пропуштени рутински вакцини и се поделени повеќе од 4.000 информативни брошури.