Достапни линкови

Какви дипломати ни се потребни – политички или професионални?


Илустрација
Илустрација

Обвинувањата за албанофобија и за непрофесионалност во дипломатијата повторно го отворија прашањето какви кадровски решенија испраќа државата за дипломати. Она кон што треба да се насочиме, според поранешниот дипломат Арсовски, е целосна професионална дипломатија, а не политички решенија за потоа да не гледаме циркус.

Злоупотреба на дипломатијата за приватни и партиски интереси, албанофобија, непочитување на процедурите предвидени со Законот за надворешни работи, се дел од обвинувањата кои деновиве се разменуваат на релација Македонски дипломатски синдикат – Министерство за надворешни работи.

Конзулското столче во Њујорк повторно ја разгоре искрата како и пред две години кога на тоа место МНР се обиде да ја седне ТВ презентерката Бесмира Ејупи. Предлогот Мухаби Синани, вработен во Министерството пред неколку месеци, да биде испратен на тоа место, синдикалците го оценија како еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи, а шефот на дипломатијата возврати дека ваквата реакција е само етничка дискриминација затоа што во прашање е Албанец. Ваквите препирки го наметнаа и прашањето каква дипломатија и дипломати и се потреби на државата.

Професионална дипломатија и мерит систем

Поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Љупчо Арсовски, смета дека треба да се напушта концептот на „политичка дипломатија“ и целосно да се премине кон професионална бидејќи може да се доведеме во ситуација кога ќе гледаме циркус – која партија како ќе доаѓа на власт ќе ги враќа назад дипломатите.

„Тоа сме го гледале во земјите каде имало таква дипломатија, но сите земји преминаа повеќе или помалку на професионална дипломатија. Така што јас сум на страната на синдикатот дека многу професионално го дадоа своето мислење и нема тука напад по национална или каква линија туку само по линија на квалитет. И повеќето земји од регионот имаат професионална дипломатија“, вели Арсовски.

Ако нема професионална дипломатија, посочува тој, се нарушува целиот систем во кој дипломатите треба да ги познаваат работите, да имаат искуство, да се запознаени со регионите каде се упатуваат итн.

„Не може да ставате композитори и не знам какви бизнисмени на суптилни места каде се очекува професионалност, работа, контакти, правење домашни приеми итн. Да не ви кажувам колку е сложена професионалната дипломатија“, коментира Арсовски.

Политичкиот аналитичар и универзитетски професор, Мерсел Биљали, пак, коментирајќи генерално за државниот систем, а не само за дипломатијата, вели проблем во државата е што нема почит кон знаењето и не функционира мерит системот.

„Во секоја област мора да постојат механизми кои се многу помалку владини, а многу повеќе општествени, дури опозицијата е присутна таму, но експертите го имаат зборот“, вели Биљали.

Немањето мерит систем, додава тој, „ни е болеста“, а тој е клучен за развојот на секоја држава. На ниедна држава во светот не и успеало без мерит систем, а најмалку ќе ни успее нам, вели тој.

Арсовски - Основна преокупација на конзулите е правото

Во конкретниот случај со назначувањето конзули, поранешниот дипломат Арсовски посочува дека она што треба да се направи е само да се почитува Законот за надворешни работи и процедурите.

„Нека се направи контрола, на секој што заминува, нека ги положи дипломатските тестови, нека ги исполнува условите кои ги предвидува Законот за надворешни работи и ќе видите дека тоа е само лична желба на министерот кој ја користи својата ситуација како коалициски партнер во владата да прави што сака и после да ги наведува другите луѓе за таа работа“, вели тој.

Посочувајќи на обидот да се испрати ТВ презентерка за конзулка во Њујорк како несоодветен предлог, Арсовски потенцира дека основна преокупација на конзулите треба да биде правото – да го познаваат правото на сопствената земја и да се запознаваат со правото на државата во која ќе служат.

„Конзуларните работи се прават исклучиво само со познавање на правото за да ги решавате и да ги заштитите интересите на земјата и нејзините граѓани пред органи во друга земја“, вели Арсовски.

Што тврди синдикатот, а што Османи?

Во последниот случај со јавните спротивставувања околу кадровските решенија во дипломатија, Македонскиот дипломатски синдикат реагираше дека Мухамед Синани, кој треба да биде конзул во Њујорк, „од скоро се вработил во МНР од приватна фирма и не исполнува услови за упатување во странство“, вклучително и нема стекнато високо дипломатско звање

„Дополнително имаме информација и дека оваа недела Синани треба забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, како неговото упатување би било приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул. Ваквото забрзано полагање за унапредување од низок во висок ранг на дипломат е противзаконско и спротивно на сите принципи на кариерно напредување, коешто е во директна спротивност со на градењето квалитетна и сериозна дипломатија“, реагираше Синдикатот на 15 јануари.

Тогаш тие обвинија и оти се подготвува упатување и на Илми Селмани од Чаир за амбасадор во Будимпешта поради, како што наведоа, „подигање на партискиот рејтинг на Османи“.

Од МНР, пак, возвратија дека се почитува Законот, а стекнато високо дипломатско звање бил законски услов претходно, но со законски измени бил избришан.

Османи на 17 јануари и лично одговори со обвинувања за етничка дискриминација.

„Обично не го коментирам Синдикатот бидејќи ги поттикнувам да бидат што поактивни, што погласни во одбрана на правата на вработените. Но, многу сум осетлив кога во тоа гледам елементи на етничка дискриминација којашто, веќе како се приближуваат изборите добива вознемирувачки димензии и затоа мојата реакција беше жестока и ќе биде жестока“, рече Османи.

За поткрепа на својата теза, министерот рече и оти изминатите две недели предложил, а Владата одобрила четворица конзули од кои двајца не биле Албанци, а двајца воопшто не се дел од МНР, но никој не реагирал туку јавно се споменуваат само имињата на Албанците.

Синдикатот, пак, тврди дека „нема албанофобија ниту албано-хистерија“, а во нивниот синдикат има дипломати од сите етнички заедници. Тие, како што велат, реагираат само на прашања што ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери.

Процедурите и условите за назначување конзули, како и амбасадори се регулирани со Законот за надворешни работи. Измените со кои бил избришан условот „високо дипломатско звање“, а на кои се повикуваат МНР и Османи, биле донесени во 2015 година кога парламентарното мнозинство го сочинуваа неговата партија ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Услови за именување генерален конзул, член 49 од Законот за надворешни работи
Услови за именување генерален конзул, член 49 од Законот за надворешни работи

Условите за конзули се пропишани во членот 49 и меѓу нив може да се најдат завршено високо образование, меѓународен сертификат за англиски јазик, познавање втор странски јазик на ниво Б1, а ниво А1 од јазикот на земјата каде ќе служи, како и да не е осудуван за дела со предвидена казна од најмалку шест месеци, да нема забрана за вршење професија и да има соодветен безбедносен сертификат.

Постапката за именување, пак, ја покренува министерот за надворешни работи, а откако неговиот предлог ќе биде прифатен од Владата, МНР бара егзекватура од земјата на прием. Откако ќе се добие егзекватурата, генералниот конзул се подготвува за преземање на должноста во рок од 60 дена што завршува со завршен разговор со министерот и директорите во МНР. Процедурата потоа завршува со тоа што Владата формално носи одлука за именување и ја објави во Службен весник, а премиерот потпишува патентно писмо за генералниот конзул.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG